Да ја раздвижиме темава.....
Во секоја нормална држава, ненајавено задолжување во еден ден на домашен финансиски пазар во висина од една третина од предвидениот дефицит за буџетската година, го запалува црвеното светло
Со неколку исклучоци, ретко кој проговори за задолжувањето на Владата, поточно речено на граѓаните, за деведесет и пет милиони евра во еден ден. Според календарот на емитување на хартии од вредност, записи и обврзници, беше најавено дека Владата ќе се задолжи со триесет и три милиони евра. Додека известувачите се прашуваа за што ќе и' се толку пари на Владата кога се фали дека економската состојба е одлична ,најголемата бомба во вечерните часови стигна од Министерството за финансии. Според известувањата на страницата на Министерството, Владата на домашниот пазар се задолжила за речиси шест милијарди денари или преточено во евра, за 95 милиони.
За да се има претстава колку е позајмено на домашниот пазар во еден ден, доволно е да се согледаат приходите на буџетот за јануари оваа година. Споредбата покажува дека најновото задолжување е во висина на вкупните приходи од даноци за еден месец или двомесечни приходи од данокот кој најмногу го полни буџетот, односно ДДВ, или нешто помалку отколку што за два месеца се собираат пари во социјалните фондови.
Во секоја нормална држава, ненајавено задолжување во еден ден на домашен финансиски пазар во висина од една третина од предвидениот дефицит за буџетската година го запалува црвеното светло. Ако се земе предвид дека само пред пет дена Владата се задолжи за над дваесет милиони евра, тогаш Македонија во првите денови од март се задолжи за нови сто и петнаесет милиони евра. За само седумдесет денови од годината, Владата се задолжи сто и деведесет милиони евра, а врати сто и триесет. Тоа значи нето- зголемување на домашниот долг за шеесет милиони евра.
Како да се заборава или Владата сака да заборавиме дека задолжувањето со петстотини милиони евра со еврообврзницата од минатата година беше образложено со потребата од оваа година да не се повлекуваат пари од домашните банки за да може да се финансира македонското стопанство.
На јавноста и' останува да нагаѓа за што ќе се трошат парите. Не останува ништо друго за размислување освен дека новото задолжување е насочено кон купување политички мир, односно смирување на незадоволниците во сложената политичка ситуација во која се најде владата......Со задолжувањата најверојатно се надополнува месечниот минус во пензискиот фонд, а остатокот најверојатно ќе се користи за субвенции и за социјални трансфери.
...... А пари во буџетот од редовни приходи нема доволно. Ќе се трошат државните резерви, ќе се продава државен имот. Но сето тоа ќе биде малку и повторно ќе расте задолжувањето. Тоа е еден од составните делови на моделот на опстанок на власта.