http://fokus.mk/intervju-kire-naumov-stavreski-se-krie-zad-sukn-ata-na-jankulovska/
Фокус: Минатиов период жестоко ја критикувавте владата на Груевски, во светло на новите задолжувања, особено издавањето на еврообврзницата. Сметате ли дека Македонија нема сили да го издржи овој тренд на пораст на јавниот долг?
Наумов: Едноставно, треба само да го погледнете трендот и без поголеми економски познавања да дојдете до овој заклучок. Пресметката е многу едноставна. Од 2008 година, па до денес, заклучно со задолжувањето со еврообврзницата, само долгот на централната влада пораснал за речиси 2 милијарди евра. Тоа е зголемување на долгот во апсолутна вредност од 135 отсто. За да биде појасно, владата континуирано создава нов долг од 363 милиони евра секоја година. Ако истото го анализираме и од релативен аспект, односно како што постојано владата форсира дека е важен процентот на долгот од БДП, во 2008 година, тој изнесувал 20 отсто, а денес е 40 отсто од БДП. Владата за овој период успеала да го удвои долгот како процент од БДП.
Фокус: Зборуваме за долгот на централната влада?
Наумов: Зборуваме само за долгот на централната влада. Од безбројните манипулации на оваа владејачка гарнитура, најголемата манипулација е необјавувањето на јавниот долг, кој во себе ги содржи и долговите на општините и јавните претпријатија, без долгот на НБРМ. Владата со години манипулира, фалсификува, лаже, со тоа што долгот на централната влада го споредува со јавните долгови на државите во Европа и папагалски повторува дека сме четврта најмалку задолжена земја.
Фокус: Сакате да кажете дека резултатите од задолжувањата не се видливи?
Наумов: Ефектите од ваквото задолжување се катастрофални. За овие 5 години Македонија бележи просечен годишен раст на БДП од 1,4 отсто. За да биде уште појасно, од 2008 година до денес, македонската економија кумулативно пораснала за 7,4 отсто, а долгот на централната влада изразен во евра пораснал во истиот период за 135 отсто. И еве ја на крајот најјасната и наједноставна математика за секој што нема потреба ништо да знае во економијата. Во 2008 година, номиналниот БДП, она што вкупно го произведува целата економија во Македонија, изнесувал 6,7 милијарди евра. Оваа 2014 година ќе ја завршиме со БДП од 8,1 милијарда евра како што и сега прогнозира Ставрески, независно што до крајот на годината како и во претходните тој ќе се обиде да манипулира и ќе ја надува оваа бројка. Тоа покажува дека за 6 години номинално БДП би пораснал за 1,4 милијарди евра. Значи во 2014 ќе произведуваме 1,4 милијарди евра повеќе отколку во 2008 година. Во истиот период, само долгот на централната влада пораснал за речиси 2 милијарди евра (во 2008 бил 1,4 милијарди, а во 2014 3,4 милијарди евра. Внимавајте, владината политика на задолжување не успеала барем долгот да го вгради во растот на македонската економија. Ова значи дека ние сме држава која се ограбува самата себеси.
Фокус: Гувернерот Богов, исто така, имплицираше дека Македонија, согласно сите показатели нема да има проблем со долгот?
Наумов: Гувернерот на НБРМ, кој со закон има загарантирана независност, станува обичен владин службеник. Ако сте забележале, во последниот период немаме ниту еден збор критика кон власта за буџетските дефицити во последниот период, иако истиот тој Богов порано и за помали нарушувања знаел да реагира.
Секако, врв на овој полтронски однос на гувернерот е неговото последно нарачано интервју на МТВ. Дента кога и ММФ и опозицијата излегоа со бројките дека јавниот долг е 51 отсто од БДП, владата го намести гувернерот пред јавноста да се обиде да го демантира тоа. Богов, не знаејќи како да ја демантира оваа бројка, искажа скандалозна лага на отворена сцена, велејќи дека во овој долг е и долгот на НБРМ. И ММФ во својот извештај, а и ние од СДСМ, на својот прес кажавме дека пресметките се без долгот на НБРМ. Богов тоа го знаеше и бесрамно лажеше за да одработи за владата. Знаете, во вистински демократии, тука новинарката немаше блажено да се смее, туку ќе го прашаше зошто лаже. Јавниот сервис не собра доблест да го објави и демантот од СДСМ во чиј прилог стоеше извештајот на ММФ, каде што јавниот долг е пресметан без долгот на НБРМ.
Фокус: Дали идните генерации ќе ги издржат овие сегашни задолжувања?
Наумов: Во принцип се однесуваме како она разуздано друштво од познатата бесплатна кафеана. Неколку безработници шетајќи налетале на една кафеана во која пишувало дека сѐ е бесплатно. Јадете и пијте колку сакате, а за вас ќе платат некогаш кога тука ќе дојдат вашите деца. Друштвото седнало и удрило на јадење и пиење цели три дена и три ноќи. Кога решиле да си одат, газдата донел огромна сметка и барал да му се плати. Веселото друштво кажало дека не мислат да плаќаат затоа што тоа некогаш ќе го сторат нивните деца, како што стоело на натписот на меаната. На тоа газдата одговорил дека ова и не е нивната сметка, туку е тоа сметката на нивните татковци, кои пред многу години пиеле и јаделе во истата кафеана.