Нашите политичари треба да направат јасна граница што е разлика помеѓу кривичната и моралната одговорност!
Но наместо тоа тие го доведуваат народот во заблуда дека министерот не бил директно виновен за смртта на девојчето. Па мислам, хелоууу! Уште тоа фалеше, да биде директно виновен. Во таков случај, значи доколку се утврди дека одреден фунционер не постапувал согласно законот, доколку е директно виновен, постои ПРАВНА ОДГОВОРНОСТ по сила на законот, а не по волја на министерот/ функционерот.
Моралната одговорност е нешто сосема друго, за жал непознато во нашето општество на безрбетници. Освен правните норми, во секое нормално општество постојат и морални и обичајни норми, каде што санкцијата за непочитување не доаѓа од државата како репресија, туку од општеството во вид на потсмев, осуда и сл. Најголемата казна која доаѓа поради непочитување на тие морални норми е ПОТСВЕСТА НА СЕКОЈА ИНДИВИДУА! Уште да имаа совест и образ!
За жал, во нашата држава за цели 25 години независност само еден единствен министер си дал НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА. И тоа е страшно, жално и загрижувачки!!! Во современите држави министри даваат оставка за неплатена радио дифузна такса, за дадена изјава која предизвикала револт, за споменување на нивното име во некоја афера. Овде мува не ги лази.
Не удавија во бирократизам и формалности, триста комисии и одлуки, триста документи, па фалело ова па она, а човечки живот е во прашање.
Точно ова се потенцираше и кога беше ставен на дневен ред Законот за абортус, каде исто така се предвидуваа триста комисии и чуда, не земајќи се во предвид осетливоста и итноста на нешто како што е абортусот. Ама сето тоа беше завиено со една таква пропаганда дека абортусот е убиство, да многу малку луѓе успеаа да видат во какви срамни и бирократски постапки ја ставаат жената која треба да абортира и како и го загрозуваат здравјето чекајќи на сите тие одлуки и одобренија од најразлилни комисии. Негативните последици допрва ќе ги почуствуваме, само речи не дај Боже да ти затреба здравствена услуга во нашето здраватво.
Конкретно за случајот на малата Тамара(нека почива во мир) точно е дека девојчето ништо нема да го врати, но сметам дека имаме и морална и граѓанска должност да повикаме на одговорност, за да не се повтори никогаш повеќе!
И не е срамно да се побара одговорност, во ваков случај срамно е да се премолчи! Којзнае уште колку луѓе се заглавени во таа бирократска машинерија, за кои не ни знаеме?!? Значи луѓе не станува збор овде да извадиш имотен лист па да те моткаат по шалтери, за човечки животи и судбини се работи!