Драги пријатели,
Деновиве по телефон, по електронска пошта и на „Фејсбук“ ме контактираа повеќе ликови. Нормално, ми честитаа најкултурно празници, здраво, како си, како по дома, расте ли бебушот... Но, сите не добија конкретен одговор за она што и примарно ме бараа - „Што се случи со тебе и со ‘Утрински’? „Си отиде од таму?“. Не добија бидејќи бев во емотивен хаос. Бегав од луѓе додека мислите доволно „легнат“. Некако по инерција се изгубив... за да се најдам. Затоа, тука, сега, ќе ви пишам колку што е можно поискрено и поотворено. Нека допре насекаде. Доста беа демагогии. Немам што да кријам. Ме инспирираше и Дежуловиќ, ме потсети на она „вистината ќе те ослободи“, иако, луѓето често не се спремни за такво нешто, не им треба слобода. На таквите не им фрлам коска, нека гризат и глодаат на друго место.
Имено, знаете дека Суперхик се преправи во Дедо Мраз и деновиве ни врачи Новогодишна честитка. Оваа честитка во вид на нов хонорарен договор мене ми означи и еден мал јубилеј – 5-годишна соработка со „Утрински весник“! Овој Дедо Мраз, т.е. нашиов Свети Никола е навистина дарежлив! Од понудени 11.000 денари месечно, од оваа сума, јас сам треба(ше) да ги плаќам тие фамозни 35-40 отсто. До балчак и назад, за поголема пензиска и здравствена сигурност! Служба си е служба, но арач си е арач! Ајде бе?! Достоинствено си ја браниш професијата, секое зборче е лична одговосност, но да си го плаќаш превозот, храната, алатките, па и престојот на работното место? Сум работел и сум почнал и за помалку пари, не се проблем кога живееш сам за себе, но не можам да останам рамнодушен кога некој тенденциозно ми става окови на мисли, практично, ми ја краде душата, а не се ни обидува да ме слушне и да се поистоветува со моите потреби и квалитети. Пука филм! Тик-так, БУМ!
Друго, пресметајте го тој еквивалент возвратена љубов, професионален респект и срамотен обид на работодавецот „Медија Принт Македонија“, за да се испере себе си овој, практично, легитимен државен рекет, па да даде листови хартија на новинар за да стави свој потпис на пет години лојалност, текстови, вести, репортажи, анализи, коментари, интервјуа, рецензии, содржинска шема за ТВ програми... Да не заборавам и пет години покривање вечерни настани, редовни дежурства, конференции, концерти, фестивали, специјални прилози, со редовни редакциски рокови како редовно вработен... Плус, новинар со најмногу продуцирани текстови врзани за Град Скопје за 2012 и 2013 година, од сите скопски медиуми! Нејсе, цел пакет аранжман на журналистички занает.
Е, сега, наместо да поделат заслужени решенија на 15-20 работници (колку што разбрав, за овие бројки не ме земајте за збор) кои хонорарно се 2,4,5,6 па и 8 години по „Утрински“, „Дневник“ или „Вест“, се отвори нова можност да се намали „превработеноста“ во фирмата. Тоа е аргументот, а!? Поентата ми е... Една по една се „делкаат“ рубриките, новинарите губат сектори, фокус, им се диктира темпо на работа, бомбардирани се со спинерски прес-конференции и лопатарења, нема доволно луѓе и возила за да се покријат круцијални настани, но, ете, има превработеност во фирмата.
Мерките за рационализација, превземени на ниво на целата групација ќе дадат позитивни финансиски ефекти. Поради државниот арач де! Всушност, се оствари она што сите хонорарци се плашевме и знаевме дека ќе дојде, иако, нели, „никој не сфаќа и знае што ќе биде од 1-ви јануари со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување“. Лисицата и маглата. Наивно. Зборот наивно го употребувам и во позитивен контекст, но ова е она кога главата почнува да крвари од мазохистички удари во ѕид. А, машинеријата си работи...
После првата „понуда“ за ваквиот хонорарен договор отидов на протест. Тоа беше петок, собирот пред Влада пред Нова година. Гордо ги поддржав студентите против безмилосните обиди на властодршците да направат робомислители од академската заедница, од сегашните и идните генерации интелектуалци. Бев и на протестното „гушкање“ кај ГТЦ. На двете места наидов на прекрасни луѓе. Широки, отворени, креативни, насмеани, факелносци на прогресивен дух, со витална зовриеност, со лавовски сензибилитет. Полни со живот, со позитивен електрицитет, но и исполнети со љубов и горчина за правда! Заедно против политичката, социјалната и културната вулгаризација. Допадливо. Ме понесе таа енергија. Ме носи низ повеќе протести овие неколку години. Како што рече една активистка – само таму можеш да најдеш љубов, само таму можеш да искусиш слобода!
Но, потоа се вратив дома, го погледнав во очи бебето и проголтав. Ја погледнав и жена ми, и таа хонорарец. Ме уби неподнослива тежина. Реализам. Најпрво не направив математики дали е „паметно“ да останам во „Утрински“ под вакви услови, или, пак, да барам друго чаре. Не постојат паметни нешта, туку само избор. Ќе ги спојам двете заедно. Ќе потпишам деградирачки договор на три месеци, а во меѓувреме ќе си барам и друга работа. Секако, поврзано со медиуми или пишаниот збор. Сепак, наредниот ден, 29 декември, договорот за дело заврши на парчиња на и околу масата во канцеларијата на главната уредничка. Го искинав и расфрлав. Се раскаравме. Се почувствував како гомно. Новинарството не е, и не треба да биде маскембал! Бирократите нека пумпаат потчинета хиерархија на друго место, нека не го усмртуваат поимот колегијалност.
Настрана давачки и работодавачи, имам голема почит кон „Утрински весник“. Тука работат новинари кои свесно, колкав и да е притисокот, ставаат јасна ограда кога се во прашање етиката, професионалноста и медиумските стандарди. Не е ова зашеќерување. Ниту додворување. Тоа е убава новинарска школа. Сите луѓе што се производ на „Утрински“ знаат дека не можеш да се занимаваш со новинарство ако упорно работиш туѓа агенда и си го изгубиш образот. Проституцијата ќе те стигне кај и да е... Секој што рипнал од „гребенот“ знае дека нема враќање, со цел да се втурне во темелно искушение и вечно да бара слобода на пишан збор. Да си ја брани професијата. Храбро, наивно, интелигентно, чесно. Суети, остри дискусии и огнени карактери секогаш ќе бидат присутни, тоа дава прогрес.
Чувствувам и потреба да ви ја кажам мојата приказна врзана за ова печатено гласило. Секогаш е спремно за критика на лошите политики на власта, но и за продлабочени анализи, систематизација, колумни со висок интелектуален стил и конзервативни технички параметри на страните, со што редовно брка читателите дојдени за „брза храна“. Дојдов во „Утрински“ во февруари 2010 година, тогаш бевме сместени во „Технометал Вардар“, па наскоро во зграда до „Апче“, па во „Зоил“, па сега во „Зебра“. Четири локации за пет години. Дојдов со тенденција да завршам во култура рубрика, она што го живеам. Отсекогаш сум сакал да се занимавам со креатори, а не со манипулатори. Со уметност и иницијативи за задржување на здрав разум, а не со крадометри. Весникот мина низ финансиски премрежја, различни идејни замисли за ликот на печатеното издание, се менуваше изгледот и функцијата на електронското издание... Се сменија три главни уредници – Љупчо Поповски, Нина Нинеска-Фиданоска и Соња Крамарска. Германската групација „ВАЦ“ ги продаде своите друштва во Македонија на „Орка Холдинг“, која стана нов сопственик на изданијата на „МПМ“. Моментално „Утрински“ е некаде 10.000 тираж на печатено, а дневно се генерираат по 30.000 кликови на сајтот.
Во јуни во 2011 година се одржа солидарен протест, крик низ медиумското небо. По најавите за 10 отпуштања, со сомнежи за обиди за згаснување на весникот, за само неколку мигови се собравме, договоривме и прекинавме со работа 36 од 40 новинари. Тоа е прекрасен дух човече! Да, по протестот им беа доделени отказни решенија на 10-ина изградени и врвни новинари, но тоа беше можеби и последниот искрен и колегијален потег, жар од тоа нераскинливо ткиво. Без маски, без страв за казнени „поени“. Со колегите, за колегите. Убавини. Новинарите до ден денес останаа да си го тераат занаетот, стандардите се на ниво, се зголеми обемот на работа со што желбите и можностите кршат копја, а поимот хиерархија доби поинаква димензија. Поентата ми е, новинарите секогаш ќе го претставуваат весникот, не менаџментот.
Тоа е мојата приказна за „Утрински“. Сега сум без работа. Со 5-месечно гракало. Не сум единствен. Нема да престанам да пишувам, учам, откривам, критикувам, инспирирам, да давам ветер во грб на креативни и искрени ликови. Среќна Нова 2015 година за над 200.000 хонорарци! Ако не ви се допаѓа професијата, купете си нова душичка, превез околу очи, затка за уста, а со интелектот правец на штанд во тобако.