За последните 2-3 страници мислам дека се напиша премногу политика за проблем од техничка природа. Таква дискусија и дебата не е поволна ниту полезна за ниедна страна. Зошто се политизира подобрувањето на образованието?
За малата студија за која коментирав вчера. Што требаше да направат професорите/студентите/пленумите со куршумите кои им ги подаде извршната власт. Не да се кријат, да се правдаат како ученичиња.
Македонија е потписник и дел од Болоњскиот процес за изедначување на високото образование, заедно со 35-7 држави (не го знам точниот број). Во секоја од овие држави си има национално вреднување и рангирање на националните универзитети. Како плус, во Македонија е достапна и Шангајската листа на универзитети (то ест земена е од извршната власт за валидна кога се стипендираат луѓе, итн.).
Доста голем дел од македонските универзитети/факултети/институти/професори се огласија против државен испит, тврдејќи дека нема такво нешто во светот. Од друга страна, извршната власт го тврди сосем спротивното. Ниедна страна не произнесе аргументација за тврдењата. Јас мислев дека професорите заедно со студентите ќе отидат чекор напред и ќе удрат на паушалните тврдења со аргументи и мерни единици предложени од самата извршна власт (параграф 2 од мојот пост).
Се што требаше да направат/треба да направат (не знам дали имаат уште време):
Од сите држави да се земат најдобрите универзитети (да речеме топ 5 или топ 7 или топ 10 за да биде опфатен поголем спектар на универзитети и високообразовни институции) и нивните наставни програми кои имаат ист или сличен курикулум како македонските универзитети.Зборуваме некаде за 200 образовни институции (максимум).
И сега секој факултет/институт кој нуди различни додипломски и постдипломски студиски програми, да ги провери со студиските програми понудени од другите универзитети потписници на Болоњскиот договор. Да си ги рангира според држава, и универзитети (како во лончиња). Каде ќе најде исти, или слични програми, да провери каков курикулум имаат (кои предмети, каков курикулум, како се распределуваат кредитите, кои испити и критериуми студентите треба да задоволат за да добијат одреден степен на образование). Особено внимание во целата анализа треба да се посвети на групните испити, колоквиуми, завршни испити, дипломски работи, државни испити, модули, концентрации. Значи на сите носители на многу кредити, и официјалните завршни работи за секоја студиска програма од прв или втор степен.
Ова е релативно лесно да се направи затоа што секоја студиска програма си има академски каталог, се што треба е да се прочита, да се извадат најважните податоци за овие т.н. завршни испити за одреден модул/студиска програма/концентрација/штоидае (не мора да се оди буквалистички и да се бара стриктно државен испит во синтаксата/дефиницијата, како што имам пишувано во моите претходни постови за овие испити). На крај, сите институти ги собираат резултатите на куп, и ќе направат мала анализа/статистика кој како работи во потписниците на Болоња. Потоа кратка проверка во Шангајскиот, кој каде котира, механизмите се познати од претходната анализа, и се сервираат резултатите на извршната власт. На дебата, на интервјуа, кога и да е, како и да е. За да бидат спремни и потковани секогаш и секаде. Да знаат кои делови од самиот закон, и од самите универзитети има простор за подобрување. Без демагогии, а со аргументи од рангирањето. Оти нели, според власта рангирањето е Закон и Устав во Македонија. ;-)
Најважно од се, е тоа што не се измислува топла вода, а се зимаат за репер проверени методи. Не мора да се употребат од збор до збор овие резултати, а да бидат како добра референца за сите да имаат идеја што всушност се случува во високото образование во другите држави.
Ова можеби требаше да го направат и пленумци, во недостаток на доволно активни професори, кои избираат да продаваат демагогии наместо активно да погледнат каде котираат во поголемата слика во образованието. Но, за жал тука се прогласија за неадекватни и некомпетентни. Иако јас мислам и тврдам дека се адекватни и компетентни да прочитаат еден академски каталог и да ги идентификуваат клучните точки кои носат кредити и доведуваат до завршување на еден циклус на студии.
Нешто слично претпоставувам имаат направено техничките служби на извршната власт. Но од авион се гледа неспособноста, и кратковидноста на самиот предлог-проект. Затоа што, мрзлива е и извшната власт. Ама знае добри финти за пред медиуми и јавност. Е на тој испит паднаа професорите.