На машински факултет професорот по менаџмент секогаш ни зборуваше дека политичарите се луѓе кои многу зборуват а ништо не кажуват. Кога ги слушаш секогаш имаш чуство дека зборуват нешто корисно и паметно но кога ќе им заврши говорот и сакаш да се подсетиш на кажаното разбираш дека ништо не кажале. Истиот професор ни даде една табела мислам дека беше со 7 реда и 7 колони со фрази со забелешка дека со комбинација на фразите можно е да се состави 30 часовен политички говор кој ќе звучно многу импресивно и моќно а со него нема ништо да се каже. Човекот беше многу во право. За жал збиднувањата околу факултетите секогаш биле водени од правниот факултет кој е најнепродуктивниот и најисполитизираниот факултет (читај Фрчковски и компанија од една и Каракамишева и компанија од друа страна) и од кој не треба да се очекува конструктивност, практичност и прагматичност. Затоа мое лично убедување е дека во промените во образованието најмалку треба да учествуват студенти и професори од непродуктивните факултети како правниот туку професори од продукивни факултети кои се бават со практични и продуктивни науки.
Повод за погоре пишаното ми даде следниот текст на еден од организаторите на пленумот. Секоја чест за дечкото одлично го научиле на правниот факултет се утепа од муабет за на крај да некаже ништо.
Студентски пленум со план „Б“: Кога нè игнорираат ние стануваме посилни!
јануари 5, 2015
Во пресрет на денешната дебата за измените на Законот за високо образование, студентите уште еднаш го потенцираат својот единствен и дециден став за повлекување на предлог Законот кој предвидува воведување на државен испит за студентите и низа казнени одредби, со кои според нив ќе се наруши универзитетската автономија. Надлежните велат студентите, досега тактизираа и успејаа да го донесат законското решение во завршна фаза на второ читање на матичната комисија во собранието и покрај скоро тримесечниот израз на незадоволство на студентите и дел од академската заедница. Тие и денеска не чекуваат некоја битна и суштинска промена.
Дарко Малиновски, студент на Правниот факултет и еден од најактивните во Студентскиот пленум вели дека наивно е да се верува дека новото законско решение ќе се разгледува на заедничка маса со студентите, кога досега неколку пати надлежните и кога имаа конкретни можности и предлози за тоа не го направија овој чекор.
“Наше е да се надеваме дека институциите конечно ќе почнат да делуваат сериозно и дека ќе го чујат гласот и аргументите на студентите. Меѓутоа, мора да потенцираме дека од досегашното делување можеме да заклучиме дека тие се сè, освен отворени за критики и мислења различни од нивните. Студентскиот пленум ќе делува вонинституционално, истовремено исцрпувајќи ги сите институционални мерки. Од она што можам во овој момент да го истакнам е дека Студентскиот пленум будно ги следи тековните случувања и соодветно ќе реагираме онаму каде сметаме дека е потребно”-вели Дарко Малиновски член на Студенсткиот пленум.
Според него, очекувано е Власта да не се повлече од своите намери, но сигурно е вели, дека и студентите имаат план “Б” во своето делување имајќи во предвид дека добија голема подршка од дел од професорите кои по пример на студентите се организираа во Професорски пленум. Од денешната средба во хотел а не во академска средина во која е природно да се дебатира, студентите не очекуваат ништо суштинско, ниту конкретно бидејќи ова според нив е само начин да се покаже пред домашната и меѓународната јавност дека имало некаква дебата. Прашањето е вели Малиновски, кого залажуваат?!
“Студентите имаат и други алтернативни решенија и чекори доколку оние редовни активности што ги најавувавме не вродат со плод. Интересно е дека во нашето делување имаме поддршка од професорите кои покасно создадоа и свој Професорски пленум. Токму тука ја гледаме нашата предност – академската заедница е скоро униформна во одбраната на својата автономна територија – универзитетот. Не е спорно дека ние делиме заеднички ставови по спорните измени и се координираме со професорите за некои активности, меѓутоа треба да се има на ум дека ние сме два различни ентитети кои претставуваат различни делови од академската средина. Токму затоа, битно е да не се поистоветуваат овие две иницијативи, бидејќи сосема е можно во иднина да се гледаме „низ нишанот“ кога би се разговарало по други спорни прашања. Но овие структурно важни и конкретни проблеми во високото образование се битни и за двете страни и за наше заедничко делување ”-додава Малиновски од Студентскиот пленум.
Професорите од Контрапленум – соучесници во правењето инвалид од високото образование
Многу брзо по организирањето на Професорскиот пленум се појави граѓанска иницијатива или контрапленум кој ја подржува владината реформа за измени на Законот за високо образование.Ова според студентите е симптоматично делување на дел од универзитетските професори кои им предаваат и ги учат своите студенти на демократски вредности и знаења, а во пракса покажуваат дека сето тоа паѓа во вода. Жално е вели Малиновски,што токму овие професори ќе бидат запаметени како соучесници во донесување на реформи кои од високото образование ќе направат инвалид, а универзитетската автономија ќе ја погребаат!
“Нужно е да се истакне дека појавата на професорскиот контра-пленум е симптоматична за ситуации каде што владините политики наидуваат на несогласување, по теркот на многу други контра-протести до сега. До сега имаа обиди тоа да го сторат со студентите, меѓутоа освен неколку инцидентни појавувања на поединци со поддршка за овој предлог закон преку некои портали, не наидоа на поголем успех. Преку овие активности, тие се обидуваат да создадат раздор во академската заедница и да фингираат некаков вид на поддршка во јавноста за ова прашање преку медиумскиот простор.Сметам дека дел од потпишаните професори тоа го направиле од конформизам, дел од нив се уценувани или знаат дека од тоа им зависи работното место, а помал дел навистина веруваат во тоа дека овие реформи ќе го подобрат високото образование”-нагласува Малиновски од Студентскиот пленум.
Деновиве додава тој, се појавија и „конструктивни“ предлози од помали универзитети и некои студентски организации кои имаат за цел да прикажат некаков дијалог на релација МОН – академска заедница околу законско усогласување на наставните програми со најдобрите Европски и Американски универзитети. Тоа потенцира студентот од Правниот факултет, не само што е невозможно, туку е контрапродуктивно.
“Вметнување на такви дополнувања на законот се само евтин трик да не дефокусираат од вистинските проблеми. А јасно ни е дека она што функционира во странство, не може да биде употребено кај нас со едноставен копи-пејст, и обратно. Она што никој не го прикажува е дека најголемиот универзитет во Македонија, УКИМ, официјално побара од Владата да го повлече предлог-законот од процедура!Реално, кога се говори околу најавените реформи, државниот испит се јавува како најголем проблем кој ни претстои. Потоа, финансирањето на факултетите и универзитетите е навистина ниско! Кај помалите факултети при УКИМ, како ПМФ, студентите и професорите на своја рака купуваат средства и хемикалии за лабораториска работа!
Решението треба да го понуди Одборот за финансирање, кој за жал не е оформен”-смета студентот Малиновски.
Надлежните заборавија на реалните проблеми
Во целата борба за поголем квалитет во високото образование, вели, надлежните заборавија на реалните и суштински проблеми кои секојдневно го мачат македонските студент. Па така, според студентите наместо надлежните да се сконцентрираат на студентскиот стандард и нехуманите услови за живот и престој во студентските домови, тие со месеци водат “лажни” дебати за носење на владини реформи.
Едноставно,нагласуваат од Студентскиот пленум безобразно е да се говори за Европски и Американски наставни програми кога академската иднина престојува во мизерни услови.Знаеме вели Малиновски дека за власта нема дилеми-државен испит мора да има и законското решение веќе е спакувано и само треба да се испорача. Но прашање е вели, дали и тие самите сеуште си веруваат дека некој им верува?!
“Како Студентски пленум, не навлегуваме во расправа околу другите измени кои ни ги носи предлог законот, сè додека државниот испит е на маса. Сметаме дека со тие измени, власта сака да ја разводни дискусијата и да нè натера да прифатиме компромис со државниот испит, преку договарање за другите елементи од пакетот-реформи. Меѓутоа, професорите се изјаснија и по прашањата кои ги тангираат нив и кога ќе се сумира целата слика, навистина е тешко да се најде светла точка во овие избрзани реформи. Допочнително тука е фактот што иако тврдеа, сега преку предлог законот се покажа дека не само што овој закон предвидува да студентите кои нема да ги завршат студиите за две години од предвидениот рок за студирање продолжат да студираат по изменетите услови, туку тој предвидува државни испити и за студентите од вториот циклус, што директно ќе ги засегне сите оние студенти кои во моментов се на прв циклус на студирање и планираат да се запишат втор циклус на студии”-вели Малиновски.
Институциите потфрлија
Она што се случува според студентите е еден вид на легитимациска криза. Институциите кои треба да го застапуваат интересот на граѓаните, велат, длабоко потфрлаат во нивната улога.
“Додатно, истите не одговараат во комуникација со засегнатите страни. Доколку постоеа соодветни демократски капацитети, овој предлог закон ќе беше одамна повлечен и разговорите околу проблемите со високото образование веќе ќе беа поставени на вистински пат. Она што не мора да го потенцирам е дека дебата за законските решенија немаше, во тоа се увери целата јавност. Со денешнава дебата Владата ќе се обиде да ја задоволи про-формата за донесување на вакви законски решенија. На сите ни е јасно дека ваква дебата, организирана на само 3 дена од второто читање во матичната комисија во Собранието, дури и да би имало искрени намери од Владата, не би можела да вроди со вистински промени на курсот на реформите. Напоменуваме дека оваа дебата е задоцнета, се базира околу погрешни прашања и има за цел да покаже лажна конструктивност на Владата, да ги седне професорите на маса, да ги слушне нивните предлози и потоа грубо да ги игнорира, онака како што правеше до сега со нас, студентите”-смета Дарко Малиновски од Студентскиот пленум.
Овој период, потенцира, кога празниците се нижат и временските услови се непогодни за организирање на помасовни собири се можеби за надлежните плодна почва за носење на вакви контроверзни, неподобни и избрзани законски решенија. Но според студентите, токму тука се гледа кукавичкото однесување на Власта и се поевидентна е нивната слабост да се соочат со аргументи против студентското движење.
Од Пленумот велат,и покрај исходот од денешната дебата и следната собраниска расправа пред матичната комисија на која очекуваат само потврдување на веќе донесените законски решенија, ова не е успешна “битка” на надлежните и уште еден од низата закони кои ќе бидат донесени и ќе поминат така лесно. Отворањето на фронт со младата интелектуална надеж, подржана од еминентни и докажани професорски имиња од академската заедница е првиот сигнал за студентите дека и институционалната и вонинституционалната “борба” допрва почнува.
С.Б.
http://faktor.mk/2015/01/05/studentski-plenum-so-plan-b-koga-ne-ignoriraat-nie-stanuvame-posilni/