Бивши француски командоси и легионери во Исламската држава
Десетици поранешни француски војници, од кои најголем дел припадници на специјалните единици и на Легијата на странци, им се приклучиле на џихадистите што војуваат во Сирија и во Ирак
Европски специјалци во редовите на џихадистите
Најголем дел од бившите војници ѝ се приклучиле на екстремната терористичка група Исламска држава, која има контрола врз големи делови од Сирија и од Ирак. Франција е клучен актер во меѓународната коалиција, предводена од САД, во воздушните напади врз позициите на џихадистите во овие две блискоисточни земји.
Претставник на француското министерство за одбрана, како што пренесува АФП, ги потврдил информациите за поранешни војници што му се приклучија на џихадот во Сирија и во Ирак.
- Проценуваме дека десетици бивши војници им се приклучија на овие мрежи. Не сме загрижени толку за бившите војници. Важно е да се спречи феноменот на радикализацијата во рамките на нашите сили - истакнал францускиот претставник, кој побарал да остане анонимен.
Францускиот министер за одбрана Жан Ив Ле Дриан, сепак, директно не го коментирал проблемот, за кој прво јавија радиото РФИ и весникот „Л`Опинион“.
- Случаите на бивши војници, кои се на искушение за џихадистичка авантура, се екстремно ретки - истакна Ле Дриан.
Сепак, Давид Томсон, новинар во РФИ и автор на книгата „Француски џихадисти“, смета дека воопшто не треба да се потценуваат овие ретки случаи.
- Овие луѓе што пристигнуваат во Сирија и во Ирак веќе се борци и знаат на кој начин војуваат француските војници - оцени Томсон за „Фигаро“.
РФИ наведува дека помеѓу војниците што станале џихадисти има бивши членови на Легијата на странци и поранешни припадници на специјалните падобрански единици. Според радиото, некои џихадисти на социјалните мрежи признале дека се бивши француски војници.
- Преостанатите се експерти за експлозиви, млади луѓе во дваесеттите години. Некои преминале во исламската вероисповед, додека другите имаат арапско-муслиманско потекло - додава РФИ.
„Л`Опинион“ го наведува случајот со францускиот џихадист со северноафриканско потекло, кој служел пет години во елитната Прва маринска пешадиска падобранска единица и поминал обука за командоси. Тој бил најмен од приватна компанија за обезбедување да работи на нафтените инсталации на Арапскиот Полуостров.
- Тој постепено бил радикализиран, израснал долга брада и ѝ се восхитувал на исламистичката идеологија. Џихадистот потоа заминал за Сирија - пишува францускиот весник.
Европа стравува од нови напади
Повеќе од 20 министри за надворешни работи на земјите од меѓународната коалиција предводена од САД, која се бори против теророт на Исламската држава, вчера во Лондон се состанаа на специјална конференција, на која се разговараше за начините како да се скрши отпорот и да се елиминираат џихадистите на оваа организација во Сирија и во Ирак. Домаќинот на конференцијата, британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд, во изјава за Би-би-си порача дека коалицијата има уште многу работа што треба да се направи пред да може да се рече дека екстремистите од ИД се совладани.
- Станува збор за повеќе мерки, како запирање на напливот на регрути за оваа екстремно исламистичка сунитска група, пресекување на каналот за финансирање на нејзината борба, зголемување на помошта за оние што на теренот се борат против ИД, како и обезбедување повеќе хуманитарна помош за жртвите на исламистите - рече Хамонд.
Анонимен американски дипломат од Вашингтон за британската информативна мрежа изјави дека во моментов примарна задача за коалицијата е да се блокираат сите регрутирања нови припадници на групата, кои во најголем дел доаѓаат од Европа. Во меѓувреме Европа и понатаму е под висок степен на тревога поради можни терористички напади, предупредија неколку европски извори.
http://daily.mk/svet/bivshi-francuski-komandosi-legioneri-islamskata-drzhava