Балзак напишал над седумдесет романи, а некој легионер убил над деведесет луѓе. Никој, верувам, освен прецизните истражувачи и историчари, не знае напамет да ги издекламира имињата на сите Балзакови романи, раскази, преписки и забелешки (навистина ги има многу) што стојат во нашите домови, во државните архиви или во приватните колекции, а исто така ни самиот легионер, чие перо се автоматските пушки, бомби и најразновидни сечила не го знае точниот број на оние што ги убил. Ако некој негов личен биограф, кој би го интервјуирал повеќе пати, го натера да се присети на кои сѐ места војувал и колку луѓе ликвидирал во текот на секоја од акциите во кои учествувал, сигурно ќе добие некаква неодредена бројка. Дури и да отиде на местата на настаните можеби сѐ што ќе дознае е понекое од имињата на неговите жртви. Не верувам дека таквото истражување, дури потпомогнато со средства од државните фондови или од почитувачите на делото на легионерот, ќе може засекогаш да го дефинира неговиот творечки опус. Ако самиот легионер не го знае тоа, како тогаш тоа би го знаел некој друг што не ни бил таму. Но не ни може да знае. Некој што оттука отишол да убива во некоја африканска забит сигурно не би знаел да ви каже во кого пукал. Тоа го знаат само Господ и неговиот вечен бунтовен противник. Од нив попедантни статистичари не постојат. Па дури и да се утврди некаква приближно точна бројка на убиените и тоа да се прифати како официјален податок, како повеќе би течела истрагата, водена со години и децении, постојано ќе се откриваат некои злосторства за кои дотогаш не се знаело. Тоа ви е исто како кога ќе откријат досега нечуен расказ на познат класик, некое негово писмо или белешка што со децении, па и векови лежело скриено во масата од замокот на некој гроф (мислам на оние маси со прегради во кои се кријат повеќе тајни фиоки).