Ајде конечно на темава да почнеме издржана дебата за овој конкретен предлог за грб на Македонија.
Прво накратко да кажеме дека во првите години по возобновувањето на државата Македонија во 1944 г. ние, како и другите републики во федеративна Југославија, и сите други земји од т.н. "источен блок", па и подалеку, добивме еден вид на амблем-грб по теркот на СССР. Притоа за разлика од неколку други ЈУ републики, Македонија ни на тој советски тип на амблем-грб не успева во ниедна форма да го вметне лавот којшто е историски потврден хералдички симбол за нашата земја. Таквиот "грб" се задржува до осамостојувањето на Македонија во 1991 г. по што иако има голема желба за негова промена, и тоа со некоја форма на златно-жолт лав на црвена основа (во голема мерка повлијаено од реизданието на книгата "Грбовите на Македонија" на академик А.Матковски во 1990 г., и особено заради ТВ емисиите кои тогаш се емитуваа а се правени според информациите од книгата) тоа не се случува и истиот "грб" останува непроменет до 2009 г. кога иако имаше нова иницијатива и јавни дебати околу можните други решенија за грб на Македонија, сето се заврши со тоа да од овој советски тип на амблем-грб се тргне само ѕвездата петокрака. Истиот си продолжува да биде официјален грб на Македонија до денеска т.е. се до овој нов предлог од пред недела дена.
Новиов предлог доаѓа некако како "гром од ведро небо" и го наоѓа затечен целиот македонски народ, почнувајќи од тие што така да се рече немаат поим ниту па некогаш ги интересирала хералдиката, па сите помеѓу, до условно кажано другиот крај т.е. оние кои ги следеле и се разбираат малку повеќе од овие работи, и кои со нетрпение чекале Македонија да си го врати историскиот грб т.е. да добие грб како што и доликува.
И во изминативе денови имаме ситуација во која има Македонци што сосема застануваат зад овој предлог грб и се однесуваат небаре животот ќе го дадат за него, до оние што не сакаат ни да чујат ваквиот предлог да стане официјален грб на Македонија, и расправиите во врска со предлогот меѓу едните, другите, третите, шестите во врска со скоро сите негови особености не стивнува.
Чувството на напраситост, брзоплетост и некаква скриена намера сето ова да се истурка набрзина го зголеми и информацијата дека предлогот е веднаш ставен во процедура од страна на владата, што само додаде "масло на оган" и го зголеми сомнежот за некакви тајни и заткулисни договори, агенди и сл. за кои веќе споменавме и јас и други на темава.
Она што е јасно е дека откако предлогов се појави во јавноста, не стивнуваат дискусиите и полемиките околу него. Исто така и илјадниците критики, што рака на срце одат од сосема налудничави и без никаква основа, до некои што се мошне издржани и до сега не добија соодветен одговор во ниедна од повеќето јавни дебати организирани околу овој предлог.
Ми се чини дека пред да го разгледуваме предлогот како целина, да дискутираме за таа "градобранска круна со пет кули", за изгледот на полето т.е. штитот на којшто лежи лавот, или и за самиот изглед на лавот или зошто е избран токму грбот правен од Жером де Бара за основа на овој предлог-грб на Македонија, најважно е прво да дискутираме за она што создаде највеќе расправии, поделеност и дилеми меѓу Македонците околу овој предлог грб, а тоа се боите на двата негови основни елементи:
- бојата на лавот
- бојата на полето т.е. штитот на кој е поставен лавот
Во јавните дебати од последнава недела откако се појави овој предлог за грб на Македонија со учество на историчари и хералдичари, дел од коишто веќе сме пренесле на темава, беше кажано дека "црвениот лав на златно-жолто поле" има историски континуитет како грб на Македонија, при што беа посочувани делата на Витезовиќ и Жефаровиќ, и реизданијата и ширењето на делото на последниов што довеле до претставата на црвен лав на златно-жолто поле за грб на Македонија во Рилскиот манастир и на знамето на Разловечкото востание, и тоа се реални факти.
Исто така во многу наврати беше споменато, а посебно еве на оваа дебата:
од страна на членот на Здружението на хералдичари, Стојанче Величковски, коешто стои зад овој предлог-грб, околу 9:00 минута беше кажано дека според нивните истражувања грбот на Македонија е претставен:
- 13 пати со ЦРВЕН ЛАВ НА ЖОЛТО ПОЛЕ
- 11 пати со ЖОЛТ ЛАВ НА ЦРВЕНО ПОЛЕ
Е сега би било пожелно оваа информација или Јоновски, или било кој друг овде да ја поткрепи со:
- сликовен приказ на истите
- со инфо за тоа каде и кога се јавуваат овие црвени лавови на жолто поле
- дали се работи за ЗЕМСКИ грбови на Македонија во сите 13 случаи, или за грбови на Филип или Александар македонски
- дали истите се ПРЕД или ПОСЛЕ изданието на Витезовиќ
Дека токму за боите на лавот и полето на кое е тој претставен на грбот најмногу се дискутира и полемизира меѓу Македонците деновиве е ми се чини неоспорен факт.
Она што е интересно е дека и во посоченава дебата погоре, околу 6:45 минута гостинот Игор Аврамовски Александров споменува дека и самото Здружение на хералдичарите на својата веб страна на некој начин признава дека Витезовиќ го внесува пресвртот после кој грбот на Македонија почнува да се претставува со црвен лав на жолто поле, наместо жолт лав на црвено поле.
Дека златно-жолтиот лав на црвено поле е историскиот земски грб на Македонија посочувал и самиот Јоновски, којшто е цитиран во првиот пост што се однесува на предлогот за грб на Македонија на блогот
iMacedonian којшто веќе беше споменат на темава.
Очекувам во иднина да се покрене едно главно прашања, и дилема, за бојата на лавот и онаа на штитот. Имено дали грбот на Република Македонија би требало да е црвен разгневен лав на златно-жолто поле (како во предлогот) или златно-жолт разгневен лав на црвено поле.
Токму за ова, хералдот Јоновски од Македонското Хералдичко Здружение, во напис објавен во Дневник, ќе каже:
„Жолтиот лав на црвена заднина е традиционалниот грб на Македонија“[1]
...
1
http://star.dnevnik.com.mk/?pBroj=2703&stID=50541
http://i-macedonian.blogspot.com/2014/12/blog-post.html
Со тоа дека златно-жолтиот лав на црвено поле е историски потврдениот земски грб на Македонија се согласила и проф. Снежана Филипова во дебата околу хералдиката и македонскиот грб уште во септември 2009 година: