Секако, кај нас Игор Џамбазов важеше за еден од најдобрите, ако не и најдобриот водител во државава. Јас, пак, никогаш не сум имал некое големо мислење за него. Да бидеме начисто: Игор е О.К. не е лош водител, не е очаен глумец и можеби, ама само можеби не е лош музичар. Имам впечаток дека тој со својот талент почна да се расфрла на сите страни, па можеби неговиот потенцијал и никогаш не дојде потполно до израз (освен, во водителскиот излет, каде што, на времето, од емисија за игра на среќа направи нешто интересно за многумина, но не и за мене). Можеби и крупните животни одлуки кои не/среќно ги донесе му ја помрачија ѕвездата. За тоа си е самиот виновен. Од друга страна, неговата стартна позиција беше одлична, феноменална - внук на (за тоа време) легендарен македонски глумец, син на познат музичар и на колку/толку позната и мошне добра актерка, дете кое се прослави со Волшебното самарче - ретки се кај нас таквите, на кои се им било дадено на тацна - и талент и каков/таков физички изглед и солидна основа. Но, во музиката како и во актерството има претежно епизодни излети, одвреме-навреме ќе излезеше со нешто. Не е се лошо, но недоволно е, според мене, да се зборува за некоја музичка кариера и творештво, премалку е и недоволно добро за споредба со Балашевиќ, со кого прочитав дека го споредуваат...
Можеби и неговата преголема присутност во медиумите на времето и целиот циркус во кој тој беше главниот кловн направија да ми биде помалку омилен и да го ценам помалку отколку што заслужува (па и како музичар), но што е тука е.