Јакимовски: Членови на верска секта крадат цвеќиња во Карпoш
Членови на верска секта, по завршените обреди и пеење, се впуштаат во кражба на цвеќиња во општина Карпош, тврди градоначалникот на оваа општина Стевчо Јакимовски во изјава за
„Дневник“.
- Се собираат во стан во Kарпош 4, кој е изнајмен од една госпоѓа со американско државјанство, која им е пасторка, односно раководи со сектата. Станарите од зградата велат дека по завршувањето на обредот и пеењето, тие со комби атакуваат на цветните површини – изјави Јакимовски.
Тој лично фатил еден од нив како откорнува цвеќиња.
- Беа откорнати 7-8 цвеќиња. Тој беше со комби и кога го отвори, во него најдовме цвеќиња. Веднаш беше повикана полицијата – раскажува градоначалникот Јакимовски.
Од СВР Скопје потврдиле дека е пријавена кражба на цвеќиња, што е казниво според Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
- На 23 февруари околу 14.15 часот е пријавено дека на „Партизански одреди“ непознато лице оштетува јавен парк, со откорнување цвеќиња. Полицијата излегла на самото место и е затекнато едно лице, З.М. (1965 година) од Скопје, против кого ќе биде покрената прекршочна пријава по член 27 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир – изјави Лиза Бендевска, портпарол во СВР Скопје.
Според Законот, на тој што го оневозможува користењето или оштетува јавни згради, чешми, извори, плажи, паркови, шеталишта или други јавни објекти и инсталации или ги загадува со материи и отпадоци, ќе му се изрече глоба од 100 до 400 евра.
Овие се сигурно од "Црна ружа" сектата...