Селективна хуманост
Водата однесе цел еден кварт на бугарскиот град Варна. Поради поплавите во неколку општини во североисточниот дел на Бугарија е прогласена вонредна состојба. Досега е потврдена смртта на повеќе од десетмина луѓе меѓу кои има и две дечиња, стотици се евакуирани, а илјадници се без струја. Трагедија!!!
Трагедија се случи и во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска (многумина тогаш како да ја забораваа Хрватска) и ние како народ реагиравме далеку поактивно. Тука медиумите ја одиграа својата улога. На екраните на големите телевизии се вртеа донаторските броеви и повикот да се помогне. За многу кратко време преку телефонските линии се собраа повеќе од 130 илјади евра. Па потоа ако Ви текнува и мрчеа на Владава, па таа се откажа од 18 % ДДВ на донациите. Фешти. Се направија донаторски акции, се фалевме дека сме пратиле повеќе помош од Грција, од цела Македонија стигнуваа вести за тоа кој град колку донирал и колку помош испратил за шлеперите на Црвениот крст на Република Македонија. По едно време си помислив дека има републичко првенство во донирање за поплавените региони и останав со впечатокот дека општините се натпреваруваат за некаков пехар. Тогаш хуманоста на Македонецот се покажа и тоа е прекрасно. Некои претераа со фалењето во социјалните мрежи и имаше дури анегдоти за тоа, ама ајде да не замеруваме и да не ситничариме до толку.
Деновиве за жал не ја гледам истата активност. Медиумите не повикуваат да се донира. Нема спонтано собирање на луѓе и собирање на донации. Никој не се фали на фејсбук дека донирал вода, пелени или влажни марамчиња. Не слушнав ни за доброволци кои заминале за Бугарија да помагаат во расчистувањето на погодените региони. Ги нема ни шлеперите од Црвен крст. Јака е Бугарија, во Европска Унија е. Брисел нека му ја мисли.
Ми мириса на селективна хуманост. Кога се работеше за Србија и Босна ги испокршивме нозете и рацете за да помогнеме, а сега некако си мируваме. О да бе… Бугарите не ни ја признават нацијата и јазикот… Башка ни биле окупатори. Зашто да им помагаме? Да даде Господ да ги однесе тоа водата маму им ибам. Цел живот и тие и Грците ни се пречка во развојот. Да не беа тие… Досега Норвешка вода ќе ни носеше. Немаме време ние да се замараме со бугариштата. Ние си имаме доволно проблеми. Опозицијата го бојкотира парламентот, ја чекаме Владата да ги отпише долговите на социјалноранливите категории, немаме напраено попис,треба да плаќаме радиодифузна такса, Розе Топузовска Каревска му го закачи на Заев и отиде у парламент, Миленко пишува колумни, Србија не е на СвеЦко, Дарко Панчев нè забавува у тандем со Калински, Станија има нов прслук, Цеца се мува со Мило Ѓукановиќ, Аца Лукас се чуди во која македонска прчвара да одржи концерт, бидејќи веќе бил во сите, Жељко ја пречека Брена на ручек у Скопје (и покрај фактот дека поранешниот турбофолкер ја наполни Филип Втори Арена се си мислам дека немаше доволно автобуси за неговиот концерт, требаше да идеме уште помасовно за да не се брукаме пред „мега“ ѕвездата)… Ја чекаме следната песна на Даниел (како што тргнала нашата нова ѕвезда овој пат во дует со Емина Јаховиќ). И на сета таа турли тава да донираме за Бугарите. Ма немој да ме је*еш бре.
Кога се работи за трагедии и човечки жртви, политиката и историските несогласувања не треба да влијаат на добрата волја и хуманоста. Аршинот треба да биде ист за сите инаку се губи поентата. Ако сме хумани само во одредени случаи, значи нешто кај нас не штима. Треба малку да поработиме околу тоа. Едноставно е… Јас не гледам никаква разлика во тоа што ги снајде Србија, БиХ и Хрватска и тоа што ја снајде Бугарија.
За жал ја гледам разликата во нашата реакција. Ако Вие мислите дека тоа е ОК, тогаш засекогаш треба да си останеме со привремената референца ПЈРМ, бидејќи според тоа како ги делиме трагедиите според нивната локација, ние не сме никакви горди Македонци, туку само едни Поранешни Југословени, кои делуваат како да се палат на „дугме“.