Украина 2.0
По Февруарската револуција и хаотичниот распад на
Царството Русија, неруските територии што дотогаш биле под нејзина окупација решиле сами да станат ковачи на сопствената иднина, нешто слично на Македонија по крвавиот распад на СФРЈ (во кој, со одредена гордост морам да напоменам, ниту учествувавме ниту пак сакавме да учествуваме). И така, секој од дотогаш подјармените народи си ја побарал сопствената среќа прогласувајќи сопствена држава: Естонија, Литванија, Летонија, Финска, Азербејџан, Ерменија, Украина... Имено, овие новосоздадени нации едноставно сметале дека немаат што повеќе да бараат со Русија, во која во тој момент владеела анархија (по Петроградскиот пуч, руските болшевици успеале да ги контролираат двата најголеми града, Санкт Петербург и Москва, но во внатрешноста работите воопшто не биле под нивна контрола). Арно ама на комунистичкиот водач Владимир Илич Уљанов-Ленин губењето на царските територии воопшто не му одело во полза. И затоа, наспроти Централниот совет на Украина, воспоставен како највисоко државотворно тело на новата власт во Киев, тој прогласил Народна Република Украина со седиште во Харков. Со други зборови, нешто многу слично на она што се случува во Источна Украина денес.
Централниот совет имал на располагање лимитирана воена моќ (Народната војска на Украина), за разлика од самопрогласената влада во Харков, која добивала оружје, средства и персонал директно од Лениновиот Кремљ. Со други зборови, нешто многу слично на она што се случува во Украина денес.
За кратко време болшевиците успеале да воспостават своја власт во Полтава, Запорожја (во тоа време Александровск) и Дњестропетровск (во тоа време Јекатеринослав), по што формирале свои автономни области: Република Одеса и Република Доњецк. Со други зборови, нешто многу слично на она што го прави Путин во Украина денес.
За кратко време Црвената армија влегла во Киев, за во меѓувреме Романците да ја заземат Бесарабија, а пак Германците да го освојат Кишињев. До почетокот на 1918 година независна Украина престанала да постои. Но не престанал да постои и украинскиот отпор. Имено, со оглед на тоа што најголемите житници на новоформираниот Советски Сојуз се наоѓале токму на нејзина територија, нејзините селани одбиле да ги хранат новите окупатори. Москва и Петроград наскоро ги снашол недостиг од храна (среде граѓанската војна со белогардејците), па Ленин испратил телеграма до своите политички комесари, во која многу децидно одредил што да се прави со одметнатиот украински народ: „Другари! Бунтот на петте кулачки региони треба безмилосно да биде задушен. Интересите на нашата револуција го бараат ова, бидејќи последната одлучувачка битка со кулаците насекаде се бие. Мораме да демонстрираме пример: 1) Обесете (и погрижете се бесењата да се одвиваат пред очите на јавноста) најмалку стотина земјопоседници, богати луѓе, крвопијци. 2) Објавете ги нивните имиња. 3) Конфискувајте ги сето нивно жито и пченица. 4) Одберете заложници. 5) Направете го тоа така што на стотици километри наоколу луѓето да бидат свесни за тоа, да се тресат од страв, да знаат, да врескаат: „Овие бесат, и ќе продолжат да ги бесат крвопијните кулаци!“.
Наследникот на Ленин, другарот Јосиф Висарионович Сталин, отиде и чекор понатаму. Кон крајот на 1920-тите години, тој ја подложи Украина на советската индустријализација (нешто слично на она што го направи Колишевски со Македонија кога ги истреби козите и селаните ги спотера кон градовите), која ќе биде тешко бреме на украинското селанство, најголемиот дел на популацијата на Украина. За да го задоволи советскиот глад за зголемени приноси и истовремено да ја финансира индустријализацијата, Сталин ќе почне програма за колективизација на земјоделството, во која државата ќе ги принуди селаните да ги вложат сопствената земја и добиток во колективните задруги, под строг надзор на војската и тајната полиција (нешто слично на она што се правеше и низ сета Југославија по доаѓањето на комунистите на власт). Оние што се спротивставувале биле апсени и депортирани, а на селаните им биле наметнувани уште повисоки квоти на производство (при што НКВД им влегувал по шталите и домовите барајќи скриени резерви). Во раните триесетти години ваквата политика довела до масовен глад (во историјата познат како „Холодомор“), за кој историчарите и ден-денес кршат копја дали станува збор за болшевичко средство за пресметка со идеолошките противници или, пак, руски геноцид врз украинскиот народ (како што го има дефинирано Парламентот на Украина). Како и да е, се смета дека како жртви на овој глад умреле седум и пол милиони луѓе.
И кога во 1941 година германските трупи ќе влезат во Украина, не е чудо што токму овие селани ќе ги поздрават војниците на Вермахтот како „ослободители“, бидејќи за разлика од Сталиновите луѓе во црни мантили, Хитлеровите војници великодушно им го давале она што им требало - храна! Многу Украинци (особено оние од западните делови на земјата) ќе ја покажат својата благодарност така што ќе учествуваат во холокаустот и масовните стрелања на Евреите, па дури и со ентузијастичка работа во нацистичките концентрациони логори (како што е, да речеме, „Треблинка“, во кој од украинска рака се убиени 98 проценти од еврејската популација на Вардарска Македонија).
Истовремено, не треба да се заборави дека Украинците ќе дадат огромен придонес и на другата страна, па така во составот на Црвената армија во текот на Втората светска војна ќе загинат четири и пол милиони војници од Украина (иако победите на оваа војска од страна на Кремљ денес се прогласуваат исклучиво како руски победи!).
И кога денес Путиновите сатрапи повторно и на ист начин, следејќи иста методологија, посегнуваат по оваа земја (при што во Словјанск држат десет заложници на кои им се закануваат со смрт, додека во околните реки пливаат искасапените тела на државните чиновници лојални на централната власт), не можам да не се сетам дека Украина беше единствената земја во светот што во текот на оружениот конфликт во 2001 година ги снабдуваше вооружените сили на Македонија со артилериско оружје и авијација.
И затоа кога на Интернет ќе прочитам како мнозинството Македонци навиваат за Путин - ми доаѓа да си ја ставам главата во ќеса од срам!
Авторот е режисер и сценарист
Автор: Дарко Митревски /
darkomitrevski@gmail.com