Ќе може некој да ми објасни како иде нарачувањето на алиекспрес ?
Ќе си избереш/најдеш производ што го сакаш. Притоа многу внимавај на фидбекот што го оставиле претходните муштерии и за продавницата и за производот. Ако е под некои 95%, почнувај да вклучуваш аларми. Можеш да ги исчиташ коментарите, ама имај предвид дека можеби се работи за некои поткупени од конкуренцијата, што тераат инат или едноставно немаат врска со животот. Но, според мнозинството коментари можеш да добиеш генерална слика за продавницата и производот.
Потоа, ако се решиш да го купиш производот, прво треба да се регистрираш на Алиекспрес ако не си регистриран. Оставаш податоци: име и презиме / e-mail адреса / поштенска адреса / телефон. Треба да ги оставиш вистинските податоци затоа што тоа ќе ти биде адресата на која ќе ти испорачаат (иако мислам дека има опција да смениш адреса на испорака за некој конкретен производ). Телефонски број е потребно да се остави поради некое поштенско правило или пракса (во светот) демек да може да те најде поштарот ако не си дома, ама нашиве поштари не се замараат со такви работи.
Ќе ти стигне мејл со потврда и оттогаш ќе можеш да се логираш на Алиекспрес. Е сега, што треба да се знае за Алиекспрес? Тоа е посредник, односно не постои фирма Алиекспрес што произведува нешто, па ти го испорачува, туку функционира како некој трговски центар каде што има дуќанчиња и секој производител си одговара за својата стока (па затоа можат да се најде и бофл стока и дури и измамници). Меѓутоа, Али нуди одредена заштита за купувачот така што ги чува парите во џеб додека купувачот не потврди дека производот стигнал, па дури потоа му ги префрлува парите на продавачот. Веројатно, ако стигне дефектно, може и да се рекламира, односно да се пратат фотографии со недостатокот на производот, па понатаму да се тера работата (јас од тоа досега не сум имал потреба и не знам како оди). Здравиот разум кажува дека најдобро би било да се купува од продавачи со репутација што не би ја ризикувале за некоја ситна сума пари за која ќе те измамат, но ако некој решил да те измами (или ти си се уловил во мрежа на измамник), малку потешко ќе се спасиш од тоа. Исто така, нереално е да се имаат преголеми очекувања од она што сепак е кинеска стока. Меѓутоа, цените не може никој друг да ги надмине (надолу).
Плаќаш на начин што ти одговара (може картица), бираш начин на испорака, доплаќаш за tracking number (или не, зависи од продавницата) и следува најмачниот дел: чекањето. Најбрзо време за кое може да се надеваш дека ќе ти стигне нешто е две недели, и тоа ако авиокомпаниите, кинеските и нашите цариници и поштари решат да соборуваат рекорди, значи многу тешко. Пореално време за очекување би било меѓу 30 и 40 дена, а често има случаи и на подолго чекање. За тоа време постојано проверуваш на сајтови за следење на поштенски пратки (tracking), на пример
http://www.17track.net/index_en.shtml или на нашата
http://www.posta.mk/sledenje_pratki_stranstvo.html која за чудо понекогаш добро работи
, но ретко со Кина.
Секогаш земај (или доплаќај за) тракинг број, затоа што помалку ќе се нервираш, а и помала е веројатноста да ти го снема производот ако му се допадне на некој цариник или поштар.
Кога ќе стигне пратката во земјава, може да оди на царинење, а можеби и не. Најчесто, ако е поголем пакетот, задолжително оди на царинска проверка, која се плаќа и да нема царина, но не е многу. За царинските стапки мислам дека има посебна тема на форумов. Мене тогаш почнува да ми се појавува тракинг бројот и на нашиот сајт, па знам дека пратката е стигната во земјава.
Кога ќе завршат формалностите, следниот ден (најчесто) ти доаѓа поштар дома и ти ја предава пратката ако е помала, или ти остава картонче да одиш да си ја подигнеш. Во вториот случај, ако има и царина, таму ти даваат и уплатница и си ја плаќаш на лице место.
Си ја земаш пратката и си одиш дома.
Дополнување: од она што сум го прочитал на форумов, не земај ДХЛ или друг начин на испорака по брзи пошти зашто царинската (шпедитерската) услуга за нив е скапа кај нас.