ЖЕНСКОТО ПРЕЗИМЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Грижата за зацврстувањето на женскиот облик на презимето треба да биде рамна на грижата што ја пројавуваме како народ спрема сите артефакти од нашето духовно културно наследство!
Поттик за вака насловената статија, посветена на професорката Лилјана Минова-Ѓуркова, ни даде, всушност, самото нејзино двочлено презиме, од кое првиот член е презиме по татко, а второто, придодадено кон татковото, презимето на нејзиниот сопруг, Александар Ѓурков. Ваквите двочлени презимиња во шеесеттите години на минатиот век во Македонија се доста ретки. Ова дотолку повеќе, ако се земе предвид дека и до ден-денес во некои македонски рурални средини именувањето на жената не е според нејзиното лично име, ами според една супстантивизирана придавска форма од личното име на мажот, извршена со суфиксот -ица (сп. Симејца : Симевица : м. л. и. Симе; Динејца : Диневица : Дине итн.), па ваквиот избор на професорката, во она време, можеме слободно да го оквалификуваме како чин на висока самосвојност и оригиналност – квалификативи кои нејзе сосема природно и прилегаа.
Презимето, како антропономастичка категорија, кај Македонците, но и на поширокиот словенски ареал е понова категорија на која и претходеле патронимите. Меѓу македонското население таа се затврдува дури во деветнаесеттиот век кога на наша територија почнуваат да навлегуваат европските обичаи и институции, или поконкретно со практицирањето на еден повисок степен на администрацијата и управата, иако неговото пробивање не се случува насекаде во ист размер и во исто време. Како што забележува Т. Стаматоски, кај Мијаците тоа е настанато и порано од деветнасеттиот век [1], што веројатно се должи на нерамномерниот социјален развиток на населението по целата територија на Македонија. Имено, во оние наши поразвиени и помногубројни социјални средини, какви што се градовите, презимето се усвојувало и се затврдувало побргу во однос на руралните и помалку развиените средини. Презимето, за разлика од сите други делови на именската формула (лични имиња, прекари и други додавки кон името), e постојанo, непроменливo и наследнo, и со тоа се разликува од патронимите кои не се наследни и кои им претходат на презимињата.
Дијахронија
Првите никулци, воопшто, за презиме на македонска територија се среќаваат во Битолскиот триод, ракопис од XII век од македонска црковнословенска редакција, во кој среќаваме и пример со патронимиска информација и пример за тоа од каде потекнува именуваното лице. Првиот пример се однесува на името на Никола Пиросовнаведено во следниов запис: nikol5 pirosova s8na e/e mi donese C za5ca v( listqkU g9 dnq ge8n[3]. Вториот пример, пак, се однесува на поп Георги од с. Вапа. Сп.: p8pa gewrgi` C v5pi [4]. Во вековите што следуваат како драгоцен извор преку кој ги следиме не само општествено-економската организација на населението во Македонија, туку и еволуцијата на категоријата презиме кај Македонците, се јавуваат кодиците и пописните дефтери од турско време. Така, во Трескавечкиот кодик, сопствените имиња на дарителите, заради подобра идентификација, добиваат најразлични определби како, на пр.: со името на таткото додадено кон сопственото име (Панаиωт' Коста); со посвојна придавка изведена од името на таткото (Стано` Кралев'); со посвојна придавка изведена од името на мајката (Аврам' Тодин'); со посвојна придавка изведено од професијата на таткото (Петре Попов'); со прекар (Аризан' Колчак'); со придавка изведена од местото од каде што потекнува лицето (Христо Велешанець) или описно (Митре ωть Горно Село); со именка во која е изразено етничкото потекло на именуваниот (Кочо Ми3к'); како и со професијата или некоја титула на именуваниот (Димана презвитера). Женските имиња поретко се определуваат со презиме кое е рамно на посвојна придавка, а најчесто со името на мажот: Ѓореица Стамена, Лубика Симоница, Нехтена Митреица, Велика Дачкоица, Мита Аврамица [5]. Токму тука, во овој кодик, за првпат se pojavuva женско презиме, сфатено во денешната смисла на зборот, a imeno презимето да претставува посвојна придавка образувана со суфиксот -ова за ж. род
-ов); сtanuva zbor za Ѓурѓа Бонболова [6]. Речиси, истовремено, со овој запис од Трескавечкиот кодик, во кодикот на манастирот Св. Богордица во Матка, е регистрирана жената, чие име и презиме гласат, Божна Поповска [7]. Овие, иако скудни податоци, даваат драгоцени и мошне важни информации за никулците на женското презиме во Македонија, чиј зародок е многу понапред од времето во кое имаме стабилизирана антропономастичка категорија презиме и тоа во услови на еден изразито остар патријархален општествен контекст.
Синхронија
Од првите пројави на женските презимиња во Македонија, пред два-три века, па до денес во врска со женското презиме во Македонија можеме да кажеме дека е тоа една развиена и мошне стабилна категорија, благодарение како на изменетите општествено-економски услови, така и на драстично повисокиот степен на еманципација на македонската жена. Женското презиме во Македонија, во актуелниов момент повремено прави отклонувања од нормата и традицијата, за која стана збор погоре, како резултат од дејствувањето на, најчесто, екстралингвистичките фактори. Овие отклонувања најмалку се забележуваат на (I) планот на содржината на женското презиме, почесто во (II) мотивацијата за промената на презимето на жената, а најчесто во (III) формалната страна на женското презиме во Македонија. За да објасниме поподробно што сакавме да истакнеме во претходниов исказ, ќе тргнеме по ред. Најпрво ќе се задржиме на содржината на нашето женско презиме.
I Содржина
Во основата на македонските презимиња, воопшто (и кај машките и кај женските), кои во принцип претставуваат придавски форми (образувани со суфиксите -ов, -ев, односно -овски/-евски), најчесто се вложени или машки лични имиња или фамилијарни имиња во чија основа, повторно, лежи машко лично име како резултат од дејствувањето на патролинеарниот принцип иманентен на нашата традиција. Од богатиот антропономастички материјал што ни го нудат турските пописни дефтери забележуваме дека најзастапена именска формула е лично име + лично име, при што второто лично име е патроним, односно татково име (сп.Велко Стано, Бојко Станиша, Велчо Тоде и др.). Во XVI век формулата станува име + изведена придавка со суфиксите -ов и –ев кога во основата е вложен патроним, т.е. татково име (на пр.: Стојан Георгиев, Ристо Николов), или изведена придавка со суфиксот –ин кога во основата е вложен матроним, односно мајчино име (сп. Бојанин). Овде, секако, мораме да истакнеме дека не кај сите презимиња кои се обрзувани со суфиксот -ин (кои и онака се ретки), во основата е вложено женско лично име. Напротив! Врз основа на спроведената анализа врз вкупно 107 презимиња [8] на завршок -ин (од кои еден мал дел имаат туѓо потекло, а уште помал дел се окавалификувани како нејасни), само за 10 презимиња[9] обработувачите на Речникот на презимињата кај Македонците [10] сметаат дека во основата се наоѓа женско лично име. Според наведеното во Речникот на презимињата кај Македонците лесно можеме да заклучиме дека македонските презимиња со завршок -ин, најчесто се, всушност, машки лични имиња образувани со антропонимискиот суфикс -ин, а многу поретко посвојни придавки образувани со овој суфикс од женско лично име како што е во случајот со презимињата наведени во фуснота 9, а имено: Стаменин
Стамена + -ин). Ова се должи на тоа што женското лично име на мажената жена во македонската средина до поново време, особено во руралните, неурбанизирани македонски краишта е табу-тема, па нејзината идентификација најчесто се врши според личното име на нејзиниот сопруг (в. погоре). Оттука, се и оние презимиња во чија основа е вложен матроним што е рамен на женско име настанато според името на мажот. Сп. презимиња: Ристујчин
Ристојца
Ристовица
Ристо) + -ин)), Ангеличин
Ангелица
Ангел/е) + ин) итн.
II Мотивација за менувањето на презимето кај жените
Најчеста мотивација за менувањето на првичното презиме на жената, коешто таа најчесто го добива по татко, е при нејзиното стапување во брак. Промената на презимето при стапување во брак е регулирана со Законот за семејни односи [12] каде што во членот 33 од делот II, насловен како ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА БРАЧНИТЕ ДРУГАРИ стои следново: при склучувањето на бракот, брачните другари можат да се спогодат да го земат за презиме презимето на едниот или на другиот брачен другар или секој да го задржи своето презиме или секој од нив на своето презиме да го додаде презимето на другиот брачен другар или едниот брачен другар да го земе презимето на другиот брачен другар и на тоа презиме да му го додаде своето презиме. До пред две децении на територијата на Р Македонија при склучување брак, главно, жената го земаше презимето на мажот. Случаите во кои жените ги задржуваа презимињата или на сопственото презиме по татко го додаваа презимето на мажот, главно, беа ретки и главно на ваков начин постапуваа жените од јавниот, научниот и политичкиот живот на Р Македонија. Од крајот на осумдесеттите години на минатиот век двојната формула на женското презиме е сè поприсутна во нашата средина. Во овој период се случи и една куриозитетна појава за македонската патријархална средина, што мошне скандалозно прозвуче во јавноста, а имено мажот да го земе целосно презимето од жената, со мотивација: историчното значење на презимето на сопругата. Станува збор за нашиот успешен пливач Александар Маленко, кој при стапувањето во брак со познатата поп-пејачка Сузана Турунџиева, реши да се презива Турунџиев. Вакви ексклузивитети бележиме и кај презимињата на децата. Иако најчесто децата го добиваат презимето од таткото, сепак, во Македонија во овој период се јавуваат и двочлени презимиња, односно презиме и по таткото и по мајката при што некогаш на прво место е презимето по мајка, а на второ по таткото (Каневче-Христу), а некогаш прво е презимето по татко, а второ – презимето по мајка (Сековска- Аврамовска). Постојат и такви случаи каде што во семејства кои немаат машки потомок за да се продолжи живеењето на презимето, последно роденото девојче го носи само презимето од мајката (Најчевска), иако постарата сестра го носи татковото презиме (Тодоровска).
Втор случај за промена на женското презиме е кога жената самоволно решава да го смени своето презиме и да земе ново презиме кое го зема во чест на некој покоен предок спрема кого чувствува голем пиетет (сп.Јадранка Владова, во чест на нејзиниот покоен татко Владо, која претходно се презиваше Ристиќ). Сличен мотив за менување на презиме бележиме во случајот со семејството на Питу Гули. Имено, како единствено живи директни потомци на овој значаен револуционер се неговите две внуки Евгенија Вучиниќ и Елена Наумоска. Во чест на својот прадедо, синот на Елена, Димитар кон татковото презиме Наумоски го додал и презимето Гули.
III Менување на формалната страна на македонското женско презиме (машки презименски облик за лица од женски пол)
Во последнава деценија, особено во главниот град, жените при стапувањето во брак најчесто кон своето презиме го додаваат презимето на мажот во машкиот облик, сп. Стојановски, Тасев итн. Како што кажавме и погоре, женските презимиња во Македонија koi se образувани со посвојните суфикси -ов/-ев и -о(в)ски/-е(в)ски според нашата традиција имаат женски облик, а имено македонските женски презимиња во нашиот систем на презимиња завршуваат на -ева/-ова и -е(в)ска/-о(в)ска [13]. Според наше мислење, но и според мислењето на другите македонски ономастичари [14], оваа специфика на македонското женско презиме треба да се чува, зашто е добро кога информацијата за родовата припадност ја носи и презимето, а не само личното име. Ваквата форма на женското презиме, како што може да се види погоре, кај нас е нотирана во наши ракописи кои се датирани во втората половина на VIII век. Овие податоци говорат за една подолга традиција во употребата на горенаведената форма на женски презимиња во Македонија. Употребата на машката форма на презимето за лица од женски пол сметаме дека се должи на еден вид помодарство и подражавање на еден презименски модел кој не е ниту во духот, ниту во традицијата на македонскиот антропонимиски систем, што во крајна линија значи и кршење на македонската јазична норма.
Со цел зачувување на женската форма на женското презиме во Македонија, можеби, во овој период кога се прави измена, дополнување и корекција на Законот за употреба на македонскиот јазик, е добро како одредба да влезе и женскиот облик на презимето, со кој би се надминала новата ситуација што ја имаме во овој поглед кај женските презимиња. Ако се согласиме со премисата дека онимите се своевидни споменици за културата како заеднички содржател на јазикот и идентитетот на еден народ, тогаш и категоријата презиме, иако понова во однос на преостанатите антропонимиски категории, претставува значајно и драгоцено сведоштво не само за јазично-историските процеси, туку и сведоштво за социјалните и за историските околности во кои се развивал тој. Оттука, грижата за неговото зацврстување и стабилизирање, особено во неговиот женски облик, треба да биде рамна на грижата што ја пројавуваме како народ спрема сите артефакти од нашето духовно културно наследство.
Елка Јачева-Улчар,
Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје
Превземено од izlez.mk