ФФМ: Иван Исцелител е нов член на стручниот штаб на А селекцијата!
24/10/2013
На прес конференција во просториите на куќата на фудбалот свечено беше претставен новиот член на стручниот тим кој ќе работи на подобрување на атмосферата во А селекцијата. Се работи за надалеку прочуениот Иван Исцелител.
Со моќите на И.Исцелител до ЕП, велат во ФФМ
Од ФФМ велат дека се решиле на ваков чекор како мерка позната на сите големи репрезентации кои во својот тим имаат психолог и физиотерапевт, а со Иван Исцелител, како што велат, е „две муви со еден удар и нешто повеќе“.
Од таму додаваат и дека експертизата на Иван Исцелител ќе се бара најмногу во најранливиот дел на играта, а тоа е немањето среќа.
-По длабоки анализи, од врвни стручњаци, а пред се во консултации со поранешните селектори Катанец и Јонуз, заклучивме дека неуспесите доаѓаат најмногу од немање среќа. Затоа се одлучивме токму за Иван. Тој е задолжен да ги отстрани сите црни магии фрлени над репрезентацијата и особено напаѓачите. Мислам дека пред нас е еден успешен квалификациски циклус – вели претседателот на ФФМ, Ѓоргиоски.
Иван Исцелител е пресреќен од соработката и вели дека ќе направи се што е во неговата огромна моќ да го врати фудбалот на вистинските патеки.
-Јас овде доаѓам за работам за пет пари. Драго ми е што ме одбраа токму мене, а не некои непроверени стратегии – вели Иван кој дополнува: Ќе имам индивидуални сесии со напаѓачите со цел да ги отстранам уроците кои им ги има фрлено селекторот на Андора. Дури потоа ќе видите што се голови со волеј- завршува тој.
Како бонус од неговата работа Иван пред секој натпревар и на полувремето ќе ги „маѓепсува“ стативите и мрежите, во зависност на која страна напаѓаме, а на која браниме. Во недела Иван ќе ја освети Филип II aрената, за која како што вели можно е да е под влијание на подземни води кои како што вели тој, покрај уроците, се главен причинител за неефикасноста на нашиот тим.
Ангажирањето на експерти од калибарот на Иван е новитет во мак фудбалот, но од ФФМ уверуваат дека првите резултати ќе ги видиме многу скоро.