02.06.2013, 20:11
ПРОТЕСТИ ВО ТУРЦИЈА ПРОТИВ АВТОРИТАРНОТО ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРЕМИЕРОТ
Опомена за Ердоган
ТУРЦИЈА (АП) - Сцена што потсетуваше на Арапската пролет: илјадници луѓе завчера го преплавија главниот плоштад во Истанбул, откако полициското задушување на антивладините протести ги претвори градските улици во бојно поле покриено со облак од солзавец. Иако им понуди на демонстрантите да направи одредени отстапки, премиерот Реџеп Тајип Ердоган во голема мера продолжи да му пркоси на најголемиот народен бунт против неговата власт во овие десет години откако е на функција, стоејќи на ставот дека протестите се недемократски и незаконски.
Се разгоре гневот и кај урбаните и кај секуларните Турци откако полицијата насилно ја разби групата демонстранти кои одржуваа мирен протест со седење против плановите за изградба на плоштадот Таксим, протестите се проширија и во десетици други градови и демонстрантите се побунија против, како што го нарекуваат, стилот на Ердоган кој сe повеќе наликува на диктаторски. На вториот ден од протестите полицијата употреби водени топови и солзавец против демонстрантите од кои дел фрлаа со камења и шишиња додека маршираа кон Таксим. Турската полиција подоцна ги тргна барикадите и им дозволи на илјадниците демонстранти да влезат на плоштадот, во обид да ги смират тензиите.
Стотици луѓе беа повредени во протестите, меѓу кои двајца со трајни
оштетувања на видот откако беа погодени со боци со солзавец и пластични куршуми. Министерот за внатрешни работи Моамер Ѓулер изјави дека над 900 луѓе биле приведени за време на протестите, но дел од нив биле пуштени откако биле испитани. Протестот се прошири во 48 градови, додаде тој. Вчера протестите беа смирени, само со стотици луѓе кои демонстираа со седење во паркот крај Таксим каде што треба да се гради.
Ќе изнесам повеќе луѓе на митинг од вас
Ердоган, кој звучеше пркосно иако им потклекна на демонстрантите и ја повлече полицијата, вети дека ќе продолжи со градежните планови со кои, стравуваат демонстрантите, ќе се уништи една од малкуте преостанати зелени површини во огромниот град. Градските власти планираат тука повторно да ги изградат некогашните отомански касарни и да направат трговски центар. Тој рече дека демонстрантите се малцинство што се обидува на сила да наметне барања и ја испровоцира опозицијата дека лесно може да собере милион луѓе за владин митинг.
"Не тврдам дека владата, која го доби мнозинството гласови, има неограничена власт и дека може да прави што сака", рече Ердоган во говорот што се пренесуваше во живо на ТВ. "Исто како што не може мнозинството да ја наметне својата волја на малцинството, така не може ни малцинството да ја наметне својата волја на мнозинството. Ако ова е за правење митинзи, ако ова е социјално движење, таму кај што тие ќе соберат 20, јас ќе соберам 200 илјади луѓе. Кај што ќе соберат 100.000, јас ќе соберам еден милион од мојата партија", рече тој.
Вчера тој ги отфрли обвинувањата од народот дека е диктатор: "Ако нарекуваат диктатор некого кој му служи на народот, немам што да кажам. Јас не сум господар на народот. Диктатурата не ми е во крвта ниту во мојот карактер. Јас сум слуга на народот", рече Ердоган.
Премиерот ни се меша во приватниот живот
Под водство на Ердоган, Турција го зголеми економскиот раст и го подобри меѓународниот имиџ, играјќи централна улога на политичката сцена по Арапската пролет во регионот.
Иако главната поддршка ја добива од руралните и конзервативните религиозни муслимани, и понатаму е контроверзен лик во секуларните кругови и го критикуваат за неговиот неретко груб стил. Протестите најверојатно нема да ја срушат владата на Ердоган, вели еден аналитичар. Повеќе личат на предупредување, вели Ахмет Чигдем, професор по социологија и политички науки при универзитетот Гази во Анкара.
"Народот покажа дека власта на владата не $ е загарантирана само затоа што освоила 50 отсто од гласовите и затоа што нема силна политичка опозиција во Турција", вели тој.
"Овие протести јасно ставија до знаење што не сака народот. Народот вели 'Не ни ги наметнувајте со сила вашите политички, социолошки и културни убедувања. Не ми кажувајте што да мислам и во што да верувам'", изјави Чигдем.
"До тука ни е од него", изјави демонстрантката Неслихан Јилдирим покажувајќи со раката до брадата. "Постојано угнетување... сето тоа мешање во нашите приватни животи."
Владата минатата недела ненадејно експресно го донесе законот со кој се ограничува продажбата и рекламирањето на алкохолни пијалаци, што ги вознемири секуларните Турци. Многумина се навредија кога Едоган застана во одбрана на законот нарекувајќи ги алкохоличари луѓето што пијат алкохол. Тој настојува дека новите регулативи се со цел да се заштити турската младина од штетните влијанија на алкохолот. Едоган честопати го критикуваа дека се меша во сите аспекти на живеењето, како на пример, им кажува на двојките да имаат по најмалку три деца и издаде предупредувања за претерано покажување интимност во јавност. Исто така ги прекори продуцентите на популарната ТВ серија за животот на отоманскиот султан Сулејман Величествениот дека го претставиле како личност што цело време го поминува во харемот наместо да води војни.
Автоцензура ги јаде медиумите
Протестите беа ограничено покриени на турските телевизиски станици, што е одраз на културата на автоцензура во Турција откако дојде на власт владата на Ердоган пред една деценија. Многумина се информираа за вестите од протестите преку социјалните мрежи и странските новински агенции.
Општиот впечаток е дека има многу малку транспарентност во плановите и постапките на владата и дека медиумите се под огромен притисок да не ги обработуваат настаните од вистинскиот живот и да не прашуваат кој има финансиска корист од проектите (на една од мејнстрим ТВ-станиците, на пример, прексиноќа се емитуваше програма за радијацијата на Марс, а на "Си-Ен-Ен Турк" одеја рецепти за готвење) и пред сe, владее чувство на немоќ и фрустрација поради неспособноста на главните опозициски партии поради кои повеќето секуларни Турци со години се чувствуваат како да немаат вистински политички претставници.
Урбана солидарност
Келнерите од луксузните хотели на плоштадот наместо да работат со туристи како и секој прометен викенд во еден од најпосетуваните градови на светот, трчаа и им носеа лимони на демонстрантите кои си прскаа лимонов сок в очи за да го ублажат дејството на солзавецот
Демонстрантите извикуваа слогани како "Ние сме војниците на Мустафа Кемал Ататурк", "Курвини синови", "Оставка од владата" и "Рамо до рамо против фашизмот" 