Поранешните „волци“ се најценети војници во Авганистан
Македонците се особено ценети во приватните компании за обезбедување во Авганистан. Ако се соберат македонските специјалци што денес работат во приватни компании во Авганистан, може да се направи најдобрата специјална единица на Балканот, вели нивниот брат по оружје, поранешниот пилот Зоран Велковски.
За своите поранешни колеги од АРМ, а сегашни од приватните компании, вели дека се докажани како врвни професионалци. Платата зависи од рангот и од видот на работата. Почнува од три илјади и се движи до 15, некогаш и 20 илјади долари. Поранешните специјалци што работат на обезбедување конвои дневно ги заработуваат своите некогашни месечни плати. Таму веќе со години работат поранешни специјалци на АРМ. Велковски вели дека ги има доволно за да се состави една добра специјална единица. Особено се ценети, а Американците ги сметаат за свои, поранешните „волци“, чија репутација е легендарна.