Едно прашање да ти поставам.
Дали веруваш во теоријата дека соломоновиот храм бил граден од масони и дека масоните потекнуваат од тоа време?
Имам доста пишувано за историјата на масонеријата од пред-спекулативниот, односно од оперативниот период. Да, Храмот бил граден од мајстори масони (исто како и сите позначајни градби низ историјата). Тие масони биле оперативни, а не спекулативни, како денешните.
Ако веруваш во таа теорија, како е можно да бидеш масон, нели треба да си верник. Во библијата пишува дека соломоновиот храм е изграден и завршен, но ти не веруваш во тоа.
Масонската теорија не вели дека Храмот е незавршен. Вели дека главниот мајстор е убиен, пред Храмот да е завршен. Соодветно, за Главниот Мајстор, Храмот не е завршен. По којзнае кој пат ќе повторам - ова секогаш и секаде се смета за СИМБОЛИЧКА историја. Од симболички аспект има огромно значење и допринесува кон масонската идеја, и кон целта - усовршување на кандидатот. Идејата е дека секогаш има уште нешто да се догради. Ако завршиме со градење - тогаш очигледно не го разбираме концептот.
Освен неколку сензационалистички автори - не верувам дека има некој кој ова не го разбира (а и тие го разбираат - само е поинтересно другото, за да се продаваат книги).
Како ќе ја објаснат масоните оваа слика
Нема апсолутно ништо за објаснување, затоа што сликата нема врска со масонеријата. Прв пат, ако не се лажам, идејата е протуркана од Џон Робинсон, во Родени во Крв. Прво, Робинсон кога ја пишува книгата не е масон. Колку и да има познавања од историја, сепак, нема доволно информации за масонската симболика. Идејата која се презентира на сликава има една основна грешка - а тоа е што за да биде точна, долните краци (како што и се претставени на сликава) треба да бидат под агол од 60 степени. Тоа е апсолутно грешно од масонски аспект, затоа што мора да бидат под агол од 90 степени. Ова е многу битно и е доста значаен дел од масонскиот ритуал, во првиот, а особено во вториот степен и барем 30% од ритуалот би паднале во вода ако всушност не станува збор за агол од 90 степени.
Ниту еден од масонските симболи не е таму затоа што е изведен случајно од некој друг симбол. Секој еден симбол има детално свое значење, објаснување дадено во ритуалот, јасна поврзаност и улога во изведбата на тој ритуал. Аголникот (од 90 степени) е еден од клучните инструменти, без кој не може воопшто да се изведува ритуалот, и тоа од неколку аспекти. За жал, нема да можам да навлезам во деталното објаснување на неговата улога.
Постојат безброј докази дека масоните си создале лажна историја.
Масоните создале симболичка историја - тоа сосема се разликува од лажна. Симболичката историја е лекција за улогата и значењето на симболите, а не за историските факти и податоци. Фактографската историја - е сосема друго нешто. Масонеријата не се обидува да каже - историјата е погрешна, нашиот ритуал е вистинска историја. Во ритуалот, многу јасно се разликува што е симболички, а што е фактографски елемент. Во секој случај, тоа е апсолутно интерно решение - и нема никаква врска со надворешниот свет.
Во тој контекст да те прашам - дали делови од Стариот Завет ги сметаме за фактографска или за симболичка историја?
Секој збор кој го има загубено своето значење може да се пронајде во стариот француски јазик.
Не баш. Додека мал дел од масонските зборови потекнуваат од стариот француски, и уште повеќе од стариот шкотски (келтски), многу поголем дел од зборовите имаат Старо-Заветно потекло (арамејски/старо-еврејски/старо-грчки) - и во нив се содржани повеќето битни масонски фрази. Дел од зборовите исто така се кованици од различни зборови со симболичко значење, за да се создаде сосема нов збор, кој нема реално потекло или значење во ниту еден јазик, но има во контекст на масонеријата.
Ова за францускиот е исто идеја протуркувана од Робинсон, и уште повеќе од Најт и Ломас, но нема реална основа, затоа што масонските зборови имаат значење во контекст на масонскиот ритуал, а не сами по себе.
Исто така средновековните еснафи не носеле престилка од јагнешка кожа, има многу слики од тоа време.
Ова е дискутабилно, но пак небитно од аспект на масонеријата. Дали јагнешката кожа се појавува како влијание од темпларите или не, не е многу релевантно. Симболиката на јагнешката кожа е тоа што е битно и истата е детално објаснета во првиот степен.
Какви тајни можел да има еден ѕидар? Па дури и тајните биле опасни за неговиот живот.
Повторно си играме со Робинсон и со темпларското влијание.
Сепак, малку повеќе познавања од фактографската историја, нема да ти наштетат кога збориме на оваа тема. СИТЕ стари гилдии (не само ѕидарските, туку сите занаетчии) имале тајни знаци за распознавање и имале многу строги казни за нивно издавање.
Во секој случај, до сега, не сум сретнал фраза во ниту еден масонски ритуал, каде што се вели дека тајните се опасни за животот на кандидатот. Ова е недоразбирање од страна на Робинсон (потоа повторувано од многу други автори, некои од нив дури и масони). Тајните не ги издаваме, дури и по цена на животот (парафразирам од ритуалот), но никаде не се вели дека самите тајни се опасни за животот.
А во врска со големиот мајстор Хирам Абив, има прикриена вистина на друг таен ред во таа приказана. Хирам Абив всушност е мајсторот на тој ред, а убијците Јубилеа, Јубилео и Јубилеум се Филип Убавиот Француски, папата Клемент V и редот на витези на Болницата на свети Јован Ерусалимски.
И ова не е точно. Повторно - тези пласирани од автори кои или немаат доволно познавање од симболичката природа на масонеријата, или им е поинтерсно да се занимаваат со теории на заговор.
Имињата ти се малку погрешени, но ќе оставам сам да истражуваш на темата. Патем - точните имиња имаат далеку поголемо значење отколку што мислиш. Освен тоа - убијците, начинот на кој тоа е извршено, локацијата, случувањата потоа - сите имаат многу битно симболичко значење - кое воопшто нема никаква врска со темпларите. Имаат значење во контекст на преиспитување на сопствената личност, сопствените вредности, принципи, концепти. Далеку побитни и посуштествени работи отколку крими романчиња за темплари.
Интересно е што повеќето автори на книги врзани со масонската историја, секогаш се фокусираат на некакви недокажани теории, на некакви врски со темплари, со тајни предмети, со стари ракописи итн. Во суштина, тоа само го покажува нивното непознавање на масонската тематика, тотално неразбирање на ритуалот и неразбирање на причините за неговото постоење - од антички времиња, па до денес. Суштината на ритуалот е далеку побогата и позначајна и далеку побитна (дури и по цена на животот), отколку некакви романтички Индијана Џонс приказни...
--- надополнето: 28 март 2013 во 20:45 ---
можно е,но во целиот проект има премногу симболи што можат да се најдат на логоата на масонските ложи(и на доларот впрочем)
Последен пат кога бев во Скопје, не беше мостот уште пуштен во употреба, но искрено, од страна не видов никакви симболи кои да имаат масонско значење...
Имам пишувано и за ова - многу пати архитекти или нарачатели на одредени дела, сакаат да копираат архитектурни симболи и елементи од странски објекти. Многу често, заради ова на одредени згради се наоѓаат симболи кои немаат место или причина да бидат таму. Белград е преполн со "масонски" згради, а за некои од нив се знае дека ниту некогаш во нив живееле масони, ниту пак архитектите и изведувачите биле масони. Едноставно - чорбаџија Х оди во Виена на прошетка, гледа таму убава куќа, и му вели на архитектот - сакам иста. Балканот е полн со вакви смешни ситуации - од театарски згради, до железнички станици, до државни објекти. Да, има многу кои се навистина поврзани со масони, но има и такви кои се чиста случајност и недоразбирање.