„Црвено и црно“ - Стендал
Француски роман од 1831 година во два тома. Штотуку го прочитав првиот том, продолжувам со вториот од утре. Делото импонира со возвишениот стил: детален опис на ликовите, поготово на карактерните црти, моралните вредности, внатрешните размислувања и двојби - овие ликови не се еднодимензионални, него Стендал ни дал ликови со длабоки психолошки описи; понатаму природен тек на настаните и дејствијата, природен дијалог; уште и извонредно напишани реченици, мисли, преку кои Стендал ни го пренесува точно она што е потрбно во моментот, понекогаш директно, понекогаш со употреба на некои од стилските средства. Иако може да се смести во стилот на романтизмот, повеќе тежи кон реализмот. Без преголем романтичарски занес и преувеличување, туку како што самиот Стендал вели на едно место од книгата - страници предадени со умерени бои.
Содржински, делото ги опишува напорите на млад, сиромашен селанец да стаса до врвот на општеството, проследено со сите искуства: невољи, љубовни доживувања, студии, интриги. Сместено во периодот после Бонапарта, кога се враќа монархијата во Франција; време кога големо влијание има католичкото свештенство, во кое херојот, Жилиен Сорел, ќе најде прилика за задоволување на своето славољубие.