01./30. ЛАВОТ, ВЕШТЕРКАТА И ОРМАНОТ - КЛАЈВ СТАПЛС ЛУИС (АЕА Издавачи, 2005)
02./30. ПРИНЦОТ КАСПИЈАН - КЛАЈВ СТАПЛС ЛУИС (АЕА Издавачи, 2006)
По година дена поминати во реалниот свет, во Англија, Петар, Сузан, Едмонд и Луси се враќаат во Нарнија, но една нова Нарнија, 1300 години по времето на нивното владеење, нешто за кое, се разбира дека децата не се свесни при нивното враќање, па така не ни забележуваат дека дворецот Кер Парвел во кој владееја се всушност урнатините на кои сосем случајно ќе налетаат, а од магичните и митолошки суштества и животни кои зборуваат нема ни трага ни глас. Многу години откако заминале од Нарнија, со земјата загосподариле жителите на друга, посиромашна земја од тој свет, земјата Телмар. На чело на државата за време на владеењето на Телмаринците е лошиот крал Мираз кој ги уништил речиси сите магии во Нарнија, а оние малку суштества „од приказните“ се кријат за да не ги снајде слична судбина. Истото ги снашло и сите законски престолонаследници, со исклучок на малиот принц Каспијан, кој исто така почнува да се чувствува загрозено кога на Мираз ќе му се роди син, па во договор со неговиот учител, полу-џуџето доктор Корнелиус, ќе избега од замокот и ќе собере војска од преостанатите суштества на Нарнија со која ќе се спротивстави на својот вујко Мираз. Но квантитетот и квалитетот е на страната на Телмаринците, па Каспијан е приморан да дувне во рогот за кој се верува дека го оставила „прочуената кралица од минатото - Сузан“, по што помошта навистина пристигнува, олицетворена во ликовите на четирите деца од Англија, но истовремено и велики кралеви од нарниската историја, и во ликот на великиот Аслан кој со својот здив ги буди и дрвата, а ја враќа и верата во Нарнија. Сите заедно имаат една цел - да му помогнат на Каспијан да седне на тронот на Нарнија!
Повторно не изостануваат алегориските проекции на христијанството: го имаме Аслан (Исус) назад, Петар (св.Петар), Сузан (Марија), Едмонд (метафора на човекот и неговата двојна природа, иако тоа е поизразено во „Лавот, вештерката и орманот“) и Луси (метафора на децата и нивната безусловна верба воопшто) назад, го имаме пропаѓањето на еден свет на верувања (религиски вредности, сфаќања и догми) и повторното издигнување на истиот преку борбата, ја имаме верата во Аслан и во Нарнија воопшто (верата во Исус, во Бога), има уште еден куп други ситници во кои ќе препознаете библиски обрасци, понекогаш дури и далеку поучливи отколку во „Лавот, вештерката и орманот“. Ако првото издание од серијалот беше алегорија на борбата помеѓу лошото и доброто, верата, воскресението, и вознесението, „Принцот Каспијан“ е алегорија на пропаѓањето на религиските вредности и повторното воздигнување на религијата, враќањето на верата, молитвата по која неминовно стигнува божјата помош... и уште многу, многу од тоа...