Со оглед на тоа дека Волјата е дел од битието или како што реков негов динамички аспект, се подразбира дека човекот ја има уште од самиот почеток. За да биде појасно, не зборувам за желби, нагони и страсти кој се појавуваат како последица на егото, туку мислам на онаа предодреденост која кај некого се манифестира како талент, дарба и слично.
Како компарација, желбите се менливи и минливи, тие се производ на потребите на егото и секогаш се поврзани со некоја цел, додека Волјата е цел сама за себе. На пример сликарот кога слика, тоа го прави затоа што самиот акт на сликање го исполнува, на нему не му е потребна цел, Волјата да слика е целта.
Уште еден аргумент е и неконстантноста на желбите. Желбите што ги имаме на 5, на 25 и на 55 години не се исти, за разлика од предодреденоста на еден сликар, композитор, пеач....кој уште од најмала возраст интуитивно знае што е неговата Волја.