Пљачкосувањето на македонските цркви во западна Македонија продолжува, дали станува збор за обичен криминал или позадината е друга?
Продолжува пљачкосувањето и опустошувањето на православните цркви во западна Македонија, а надлежните институции освен што креваат рамења по се изгледа се немоќни да преземат нешто и да ги заштитат.

Последна од низата цркви кои беа цел на грабежи беше црквата Света Пречеста Богородица во дебарското село Долно Мелничани. Вчера од оваа црква беа украдени пет икони од непроценлива вредност, изработени од познатиот мајстор Дичо Зограф.
Илчо Бојчевски, инспектор од Управата за заштита на културните споменици, вели дека состојбата е крајно загрижувачка и нагласува дека МВР мора поодговорно да му пристапи на проблемот.
„Значи станува збор за сериозен проблем кој се случува само во западна Македонија. Мотивите за кражбите може да се криминални, но може да имаат и друга димензија. Ние како Управа ги преземаме сите мерки за да ги заштитиме иконите како културно наследство од непроценлива вредност, но не можеме сами. Речиси и да нема викенд во последниве неколку месеци, а да не е ограбена некоја црква во западна Македонија. Затоа велам дека мотивите можеби имаат и некоја друга димензија освен криминалната. Ние заштитивме голем дел од иконите, но не можеме да ги заштитиме сите. Треба црквите да ги оставиме без икони ако сакаме да ги заштитиме, а тоа е апсурд. Затоа полицијата мора поодговорно да му пристапи на овој проблем оти во спротивно ќе продолжат кражбите и опостушувањата на црквите во западна Македонија“, вели Бојчевски.
Тој нагласува дека украдените икони од православните цркви се од непроценлива вредност.
„Па кога веќе иконата ја нема, кажете ми колку пари чини?Едноставно ја нема и никогаш повеќе нема да ја има. Затоа нивната вредност е непроценлива и ги нема тие пари што би ја опишале таа вредност“, револтирано вели инспекторот.
Од МПЦ не се посебно заинтересирани за проблемот. Владиката Тимотеј, кој е митрополит на дебарско – кичевската епархија, вели дека не можел да им бдее на сите цркви во западна Македонија и дека селата во кои се пљачкосувале црквите биле села без кучиња.
„Па што да правам јас? Во мојата епархија има 500 цркви. Не можам да им бдеам на сите. Пред десетина дена испративме луѓе да ги обиколат селата и да ги предупредат луѓето што живеат во нив да ја засилат безбедноста врз црквите. Ништо повеќе не можеме да сториме“, вели Тимотеј.
Пред само десетина дена и партијата ТМРО предупреди дека во последните неколку месеци во континуитет се случуваат грабежи на црквите во западна Македонија. Лидерот на оваа партија, Ванчо Шехтански, истакна дека станува збор за смислени и координирани постапки кои се одвиваат во дебарско, кичевско, тетовско и во струшко, и дека истите се смислен чин на етничко и верско чистење.
„Со ова се урива вековниот меѓурелигиски и меѓунационален соживот.Ова не се случајни и ситни грабежи. Ова е смислен чин на етничко и верско чистење во северозападна Македонија секогаш пред православни празници, а пораката е директно упатена до македонското правосалавно население“, истакна Шехтански.
И ТМРО апелираше до државните институции да реагираат соодветно и да не ги ставаат под тепих грабежите на црквите.
„Ние Македонците друга матична држава немаме, а секој обид за наше понатамошно искоренување и понижување во матичната земја, ќе наиде на соодветен одговор. Палењето и пљачкањето на цркви се случува само во северозападна Македонија, во напуштените македонски села. За три години запален е бигорскиот манастир, Рајчица во дебарско, црквата во Џепчиште, Варвара. Повеќе од јасно е дека се работи за координиран и смислен чин со политичка и верска позадина“, реагираше оваа партија.