Еден архитектонски потпис за новото Скопје
По Јосиф Михајловиќ и Кензо Танге, Коста Мангаровски е третиот архитект чие име ќе остави траен белег во ликот на главниот град
Билјана Ангеловска
По Јосиф Михајловиќ и Кензо Танге, Коста Мангаровски ќе биде, веројатно, третиот архитект чие име ќе остави траен белег во оформувањето на ликот на центарот на главниот град. И додека Михајловиќ, најпознатиот градоначалник на Скопје, беше исклучително прогресивен архитект што го изготви првиот Генерален план на градот, а Танге претставуваше име со светско архитектонско реноме, своевидна икона на модернизмот, Мангаровски е речиси анонимен проектант за пошироката јавност, за кого слушнале само малкумина. Затоа, пак, во иднина негов потпис ќе имаат неколку значајни објекти кои допрва ќе се градат во центарот на Скопје.
Коста Мангаровски е професор на Архитектонскиот факултет на Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ и предава компјутерско проектирање. Граѓаните на Скопје не го знаат по некои конкретни проекти, бидејќи нема изградени маркантни објекти со кои би можел да се поистовети. Печат со негово име носи почнатиот, но недовршен објект на Европскиот универзитет во населбата Ченто.
Но, Мангаровски ќе остане во сеќавање како еден од бранителите на проектот „Скопје 2014“. Улога, во која, како што се покажа, мошне успешно се снајде и ја понесе заеднички со својот колега по архитектура, Вангел Божиновски. Тоа и не е толку неочекувано, со оглед на неговата присутност во визијата за изгледот на главниот град.
Мангаровски е автор на дури четири проекти од „Скопје 2014“, чија реализација ќе се преточи во маркантни објекти во централното подрачје на главниот град. По негов проект ќе се гради Градската куќа (некогашниот Офицерски дом), потоа објектот веднаш до него кој е предвиден за хотел, пешачкиот мост „Око“ и надградбата со куполи на зградата на Собранието. Освен како проектант, името на Мангаровски се јавува и како претседател на Комисијата која одлучуваше за изборот на скулптурите што ќе бидат поставени на мостот „Око“.
„Моето учество во Комисијата беше од аспект на автор на објектот, а освен мене, членови беа и скулпторот Аџиевски и археологот Паско Кузман. Секој учествуваше во работата на комисијата од свој стручен аспект. Како што е познато, авторите имаа слобода сами да изберат лик на кого ќе му изработат скулптура и сметам дека е направен коректен избор. Во самиот конкурс имаше услов да се прават скулптури на личности од периоди што се изложени во Археолошкиот музеј“, го објаснува Мангаровски изборот на непознати и малку познати луѓе, чии скулптури ќе се најдат на „Око“.
Тој вели дека мостот го замислил да претставува на некој начин изложбен салон на Археолошкиот музеј, бидејќи ќе оди директно во новиот објект. На него ќе може повремено да се одржуваат изложби на старото богатство од лапидариумот на Музејот. Пешачкиот мост е проектиран и како шеталиште и како лапидариум, а тоа, според авторот, го дозволува и самиот негов распон.
Колку и да има логика во изборот на Мангаровски за претседател на комисијата за избор на скулптурите поради фактот дека е тој проектант на објектот, самото спомнување на неговото име, уште еднаш, по петти пат во кој било контекст на проектот „Скопје 2014“ кај многумина внесува сомнеж. Тој лично не гледа ништо спорно во тоа, бидејќи, како што вели, тој не решава чиј труд ќе биде избран на конкурсите. „Јас работам, проектирам и го покажувам тоа што го работам“, вели Мангаровски.
Сепак, сите не гледаат на работите како него. Иако никој од неговите колеги не сака да зборува јавно, генерално, сите имаат исто мислење. Не навлегувајќи во лични дискредитации, архитектите се согласуваат дека приватизирањето на урбанистичкото и архитектонско наследство на еден град не смее да биде ничија привилегија. Зашто, во спротивно, ќе се изгуби архитектурата.
„Кога во еден толку голем зафат, како што е проектот ’Скопје 2014‘, во кој треба да се сподели креативната енергија на повеќе архитекти, ќе се појават само неколку автори, се добива впечаток како да нема архитектонска позадина. Жал ми е што врз база на некој проект нема да се одрази вистинскиот креативен дух. Од друга страна, тоа е голема одговорност за сите учесници во неговата реализација, зашто, на крајот, сепак, ние оставаме нешто што треба да има свое траење. Вака, од многу причини не е во ред, не само од естетски туку и од етички“, вели архитектот Минас Бакалчев, дополнувајќи дека најголема штета е што се работи за меѓународни конкурси во кои учествуваат и странски архитекти. Тој како пример го посочува конкурсот за мостот „Око“, на кој учествувал врвниот англиски архитект, Питер Кук, кој претставува многу важна личност во историјата на авангардната архитектура од 60-тите години.
„Токму од тие причини веројатно и требаше еден таков објект да се издвои во средината и да се направи да биде атракција, да го промовира плоштадот, зашто би бил препознатлив по авторот. Имаше можност и други наши архитекти да дојдат до израз, да направат ремек-дела. Точно е дека секоја епоха има свои имиња, но треба да се направи таа да има свој белег и значење. Точно е и дека секој има право да учествува на конкурсите, но, пред се', потребно е да се има самосвесност“, нагласува Бакалчев.
Извор: http://www.utrinski.com.mk
--- надополнето: 10 ноември 2012 во 21:05 ---
„Иако никој од неговите колеги не сака да зборува јавно, генерално, сите имаат исто мислење.“
Уште само да се негови истомисленици. По сè изгледа само Мангаровски е црната овца на Архитектонски факултет. Сите со разлог се против овој kitch проект.; Ова не го извадив од ракав, ми имаат кажувано студенти од Архитектонски што зборуваат нивните професори за проектот.