еве нешто интересно
Колку заработуваат Ф1 екипите?
Во време кога се преговара околу новиот договор со кој би се регулирале правата и обврските меѓу организаторите и учесниците во светското првенство на Формула 1, на виделина излегоа бројките за 2011 година.
Како што речиси сите нешта се причинско-последично поврзани, голема е веројатноста дека овие информации се лиферувани од страна на новинари блиски до ФИА, која се залага за воведување стартарини за екипите. Наводно, ФИА бара 3% од „колачот“, додека позицијата на Берни Еклстоун е дека тој половина од парите им ги дава на тимовите, па дажбината треба соодветно и да се подели, за „федераците“ да добијат околу 42 милиона долари годишно.
Ова е едно од последните прашања кое треба да се реши меѓу трите страни: светската федерација предводена од Жан Тод, промотерите на спортот предводени од Берни Еклстоун и Ф1 екипите кои се уште немаат нов лидер на асоцијацијата ФОТА, откако Витмарш се повлече, а од друштвото се повлекоа Ферари, заубер, Ред Бул и Торо Росо. Како што претходно пишуваше Ф1 Алманах, идејата на ФИА е да „чепне“ од годишната заработувачка од ТВ правата, бидејќи Еклстоун ги има добиено за менаџерирање на период од 100 години, за што плати помалку од 250 милиони долари пред нецели 15 години. Барањето на ФИА произлегува од зголемените трошоци за организација, односно за покривање на техничките ресурси и следење на исправноста на болидите, како и напорите за зголемување на безбедноста.
Од тука, не е чудно што сето ова е објавено како сторија од фриленс новинар близок до Жан Тод, кој напиша дека во 2011 година екипите поделиле 700 милиони долари заработка од ТВ правата. Овој фонд се добива како 50% од износот на заработка што го пријавува Берни Еклстоун на годишно ниво. Како се делат парите?
1. Ферари има специјален договор со Берни, па со слична идеја тие и годинава ја напуштија асоцијацијата ФОТА, за да можат први да потпишат со промотерот под услови кои ним најмногу ќе им одговараат. Според оваа сторија, 2,5% од фондот се одвојуваат за Ферари, како легендарна екипа од почетоците на Ф1 првенствата, или за 2011 година, тоа е 17,5 милиони долари, по што останатата сума (682,5 милиони) се дели по други парамети.
2. Половина од останатиот износ (или 341,25 милиони долари) се дели рамноправно на првите десет екипи, то ест секоја од нив добива по 34,125 милиони.
3. Втората половина од 341,25 милиони, ги наградува поуспешните екипи согласно пласманот на табелата, но повторно се дели на првите десет тима. Формулата за поделба е дека за секоја позиција постои соодветен процент, па така првопласираниот конструктор добива 19%, второпласираниот 16%, третопласираниот 13%, четвртопласираниот 11%, петтопласираниот 10%, шестопласираниот 9%, седмопласираниот 7%, осмопласираниот 6%, деветтопласираниот 5% и десеттопласираниот 4%.
4. Последните две екипи добиваат еднократен надомест од по 30 милиони долари, пари кои не се во наградниот буџет, но не е специфицирано потеклото, дали се комплетно на товар на Еклстоун, или се одбиваат пред да се почне со пресметките.
Согласно сите математики, во 2011 година Ред Бул само од ТВ правата заработил 98,8 милиони долари, Мекларен 88,6, додека Ферари на третото место благодарение на специјалниот аранжман добил 95,8 милиони. Останатите екипи, речиси како во аритметичка прогресија која што опаѓа, поделиле од 71,5 до 47,6 милиони долари, гледано од четвртото до десеттото место, со разлики од околу 4 милиони по позиција. Додека меѓу првите на табелата разликите се во просек околу 10 милиони долари, во средината се од 3 до 5 милиони, а последните две екипи добиваат 17,6 милиони помалку од десеттопласираната.
Парите од спонзорите, како и оние што возачите ги обезбедуваат за ја оправдаат довербата во нив за екипите кои ризикуваат со ангажман на помлад и понеискусен пилот, се дополнителен извор на приходи, кои варираат согласно резултатите на тимот. Се верува дека конечните буџети на екипите се најмалку двојно поголеми отколку сумата што ја добиваат од ТВ правата, а кај врвните екипи тој сооднос е и повисок.
Нормално, поентата сега е дали и натаму мислите дека ФИА попусто бара 42 милиони долари за себе? Ако Берни ги плати половината, тоа би значело во просек по два милиона од екипа, иако низ медиумите циркулираа шпекулаци дека би можело оданочувањето да оди согласно освоените бодови, или позициите на табелата, па оние со најголеми буџети да платат повеќе од оние со помали. Целта е постигната, нели?
иако Ферари беше трет, заработи повеќе од МекЛарен кој беше втор

италијанска маФИА ќе речат анти фераристите
