Коалиција ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’
И Мрежа за заштита од дискриминација:
Оваа изјава на Министерот Спиро Ристовски е во целосна спротивност со реалната ситуација во која растат илјадници деца, односно со различните видови семејства во кои се пружа и обезбедува грижа и внимание во одгледувањето на деца. За ова сведочат бројни социолошки и антрополошки студии од еминентни научници.
Имено, изјавата на Министерот претставува акт на целосно исклучување, делегитимизирање и дехуманизарање на сите видови заедници и семејства, како и деца кои растат во такви заедници, а кои не соодветствуваат на биолошкиот репродуктивен и бинарен модел на семејство, односно бракот врз основа на кој Министерот и ја заснова својата изјава.
Со оваа изјава Министерот ги дискриминира сите деца и форми на заедници и семејства во кои децата добиваат неопходна грижа, љубов и внимание, како на пример деца израснати од самохрани мајки, децата израснати со блиски роднини, децата без родители, посвоените деца, децата за кои се грижат поголеми групи на жени (најчесто во услови на миграција), децата кои се израснати од страна на истополовите двојки и заедници, децата од различни култури во кои принципот на брак и биолошката двојка не е клучен во процесот на одгледување и грижа за децата итн.
Она што посебно загрижува во оваа изјава на Министерот е дека истата потсетува на застапување за некои од примитивните форми на семејство, но уште пострашно, наликува на застрашувачкиот модел на семејство и репродукција во служба на расно чиста нација. За ова постојат сведоштва во мрачните архиви на европската цивилизација.
Јавно ја повикуваме Комисијата за заштита од дискриминација да реагира и да ја осуди изјавата на Министерот, посебно што изјавaта е дадена од министер во чија надлежност е заштитата од дискриминација и социјалното исклучување.
Врз основа на надлежноста на Комисијата за заштита од дискриминација како и претходната пракса кога Комисијата реагираше на дискриминаторски изјави на политичари, бараме најитно Комисијата јавно да излезе со став и да ја осуди изјавата на Министерот Спиро Ристовски која претставува дискриминација по основ на семејна и брачна состојба.
Скопје, 10.09.12
И одговор на Министерот:
Почитувани,
Со жалење можам да констатирам дека одредена група на граѓански здруженија под формата на таканаречена Коалиција на „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници„ и „Мрежа за заштита од дискриминација“ реагираше на мојата изјава дека „Не сакам ни да дискутирам за прашањето на хомосексуалните двојки да им се дозволи да посвојуваат деца, затоа што сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот.“ И толку! Јас никаде во ниту еден момент не говорев за другите форми на заедница во којашто одредени деца растат затоа што не по своја воља останале без еден или двајца родители, но за истите тие деца се грижат или најблиските или пак државата! И повторно и во едниот и во другиот случај тие деца ја имаат природната форма на згрижување.
Почитувани,
Каде овде видовте заложба за „расно чиста нација“? Овде има заложба за здрава нација затоа што јас и партијата на којашто и припаѓам се залагаме за здрава нација! Впрочем статистиката говори за намалување на наталитетот, а тој како ќе го подигнеме ако не преку раѓање на здрави деца во здрава природна средина!
Со оглед на фактот што се обидувате грубо да манипулирате со мојата изјава и да ме обвинувате за нешто што ниту го мислам ниту пак се залагам, јавно Ве информирам дека Вие како Коалиција на „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и „Мрежа за заштита од дискриминација“ ќе морате обвинувањата за „расно чиста дискриминација“ да ги докажете пред надлежните институции!
Со почит,
Спиро Ристовски