Хм, интересно прашање, ќе се обидам да дадам мое видување и да начнам некои прашања кои ми паѓаат на памет секогаш кога размислувам на темава.
Мислам дека многу се битни околностите и условите во кои живееме. Се разбира додека растеме, додека на некој начин се уште не сме соочени со реалниот живот, фантазираме, се развиваме, правиме планови за тоа “што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме“. Потоа доаѓа факултет, повторно учиме, се надоградуваме и слично. И оп, одеднаш доаѓа реалниот свет, време кога треба да се бара работа. Во меѓувреме можеби се случуваат непредвидени работи кои не тераат да прифатиме работа која можеби не не исполнува, но ете, мора да се заработи за живот. И повеќето луѓе, постојано велат: уште малце да се стабилизирам и си барам друга работа, работа која јас ќе ја сакам.
Но, како што проаѓа времето, летаргијата и апатијата само се зголемуваат, платата стига и на жалост тука најчесто и згаснува етнузијазмот и желбата на луѓето да бидат и станат повеќе. Голем дел од луѓето одат по линија на помал отпор, го зграпчуваат она што им е сигурно, она што им нуди безбедност и удобност. Ретко кој би ризикувал, на пример, да напушти работно место, освен ако не му се понуди веќе нешто друго, ама подеднакво стабилно или подобро платено. Флексибилноста на луѓето и нивната можност за трансформација е исто многу често слаба, затоа што подразбира промени, а промените носат со себе страв од непознатото.
Се разбира, многумина ја наоѓаат работата од своите соништа, но сега зборувам за моментите кога се случуваат непредвидени работи, односно кога се случува живот.
Друго, кога е човек млад, најчесто се подразбира дека е идеалист, визионер, амбициозен, желен за нови искуства и авантури, а постарите луѓе се обично прагматични, прилагодливи на околностите. Зошто е тоа така? Затоа што со тек на животот, генерално гледано, човек сфаќа дека покрај идеалите, мора и да живее и егзистира во општеството, па почнува да се прилагодува, да ги омекнува идеалите, да гледа да пројде низ животот. Многу луѓе често и ги напуштаат своите првични идеали, можеби затоа што некои други идеали им се чинат попривлечни или пак се разочаруваат од тие што до тогаш ги имале. Дали тоа значи дека човек започнува да живее туѓ живот или едноставно само го надоградува и проширува веќе постоечкиот?
Нели велат дека животот е како книга, полна со многу поглавја... Дали едноставно човек скока од поглавје во поглавје или остава недовршени книги, па потоа почнува нови?
Мислам дека човек не може да живее сам за себе и сам од себе. Барем тоа е мојот впечаток. Да, ние сме индивидуи кои имаат свој систем на верувања, идеи, желби, предвидувања и слично, но не сме сами. Имаме семејство, дечко/девојка, пријатели, претпоставени, колеги, соученици и така натаму. Автоматски ние сме зависни од некого и некој е зависен од нас. Не можеме да егзистираме сами. Општествените врски наметнуваат и начин на однесување. Луѓето се различни, има секакви карактери. Некогаш ти ќе угодиш некому, некогаш некој ќе ти угоди на тебе, т.е ќе се направи компромис. Штом има компромис, значи ниедна од двете страни во потполност не го добила тоа што го сака, автоматски и мора човек да се прилагоди на ’туѓото’. Кога угодуваш некому, често се случува во процесот да ги поттиснеш сопствените желби и потреби, но повторно, имам чувство дека не е тоа живеење туѓ живот, туку тоа е на одреден начин да ставиш приоритет на другите пред себе, со што го живееш својот живот, но не си потполно среќен.
Создаваме врски, контакти, се разбира дека во потполност не можеме да се однесуваме како што ние сакаме, секогаш нас како што ни одговара. Барем ова според мене. Сметам дека сепак треба да се грижиме за туѓите чувства, емоции и желби и да се изнајдат заеднички решенија. Затоа и велам, барем од она што сум го добила како впечаток е дека не живееме туѓ живот, туку се прилагодуваме на другите, а понекогаш во процесот, црпиме од другите и се модифицираме.
Животот е наш, само што не секогаш играме според нашите сопствени правила, туку понекогаш се прилагодуваме и ги прифаќаме и туѓите.
Во потполност човек да живее живот каков што сака е ако се отуѓи од сите и ако живее сам за себе и од себе, без никаков контакт со никого. Но, Аристотел за таквиот човек убаво кажал: Или е Бог или е ѕвер.
И иако многу шеги излегоа од песната “Дим да ме њама“, имаше еден стих кој баш ми остави впечаток: Слободни сме да бидеме индивидуалисти, а не all-inclusive туристи.