Бројот на ноќевања на странски туристи е поголем за над 32.000 во споредба со првите осум месеци лани.
Странските туристи во првите осум месеци годинава оствариле 32.136 ноќевања повеќе од истиот период лани, односно 9,3 отсто повеќе од лани, потврдуваат најновите официјални податоци на Државниот завод за статистика. Според проценките на еснафот ова значи зголемување на приходите за македонската туристичка индустрија од околу 1 милион евра само по основ на ноќевања.
Овој податок покажува дека странците веќе ја препознаваат Македонија како туристичка дестинација и дека вложувањето во промоција на нашата земја дало резултати.
Според официјалните податоци само во август годинава во земјава имало 41.695 странски туристи што претставува 19 отсто од сите туристи кои од странство дошле во земјава во првите осум месеци годинава. Овој податок покажува дека бројот на странски туристи во август годинава е барем двојно повисок од месечниот просек за годинава. Странските туристи во август оствариле 119.174 ноќевања што е раст за 2,5 отсто во споредба со истиот месец лани.
Во август најбројни Холанѓаните
Статистиката покажува дека традиционалните гости од Холандија се вратија на охридското крајбрежје. Статистиката регистрирала 5.262 туристи од таа земја што претставува 12,6 отсто од сите странски туристи кои ја посетиле земјава во шпицот на туристичката сезона.
Холанѓаните очекувано оствариле и најмногу ноќевања 32.859 што претставува речиси 28 отсто отсто од сите ноќевања на странски туристи во август, годинава. Тие просечно во земјава престојувале на седумдневни аранжмани со просечно шест остварени ноќевања.
Во овој период регистриран е голем број гости од Турција – 5.238 лица. Но статистиката покажува дека Турците многу пократко престојувале вкупно 9.290 ноќевања или одвај просечно по две ноќевања по лице.
Традиционално годинава во шпицот на сезоната имало гости од Србија вкупно 4.577 туристи. Но трендот на ноќевања е сличен како кај Турците. Вкупно се реализирани 9.533 ноќевања што значи просечно малку повеќе од 2 ноќевања по лице.
Очекувано Грците продолжуваат да доаѓаат на викенд тури, но пред се во казината на македонско-грчката граница. Од таму се регистрирани 3.416 туристи со реализирани 5.280 ноќевања.
МКД.МК
Пролетва во Охрид ќе нагрнат туристи од Австрија
Петнаесет илјади аранжмани, од кои голем дел за во Македонија, и осум чартер летови Виена-Охрид се продадени за наредната пролет.
Туристичката агенција „МакСан-Травел“, австриско-македонска компанија, ова го соопшти на македонскиот амбасадор во Австрија Ѓорѓи Филипов на Туристичкиот саем на тур-опереатори во Виена, каде Македонија ги презентираше туристичките потенцијали.
Македонија е вклучена во каталозите и од чисто австриската компанија „Клуг туристик ГмбХ“, партенр на „ТУИ рајзе центар“. Сопственикот на компанијата го информира амбасадорот дека на таков чекор се одлучил следејќи го интересот на австриските туристи и позитивните искуства на „Мак Сан Травел“.
Манифестацијата беше отворена само за деловни партнери, тур оператори и хотелиери, јави МИА.