ЕУ и САД две децении водат валкана војна против Македонија
Реални се шансите за шест години да одиме и третпат на вонредни избори. И повторно ќе се потврди волјата на мнозинството гласачи. Паметен свет знае дека повторување на оваа операција при фиксирана волја на мнозинството граѓани е политичко самоубиство за опозицијата. Но ако се повторува, тоа значи дека намерно се понижува народот што гласа за својот фаворит и му се испраќа порака дека македонскиот народ нема право на сопствен избор
РЕЦИКЛАЖА НА БУКУРЕШКИОТ ДОГОВОР
Идната година се навршуваат сто години од Балканските војни. Науката се подготвува за генерален осврт на настанот и процена на последиците од војните и мировните потфати. Некои истражувачи вршат анкетирање на балканските народи, вклучувајќи го и македонскиот, прашувајќи ги дали вистински чувствуваат последици од тие војни или, пак, ги доживуваат како фолклор, национални сказни и политичка пропаганда. Годинашната смислена и изведена провокација кај Слупчане со помош на претставник на македонската држава, министер кому му е доверено Министерството за одбрана, претставник на партија што е дел од владејачка коалиција, подобро од каква било анкета го дава одговорот. Балканските војни сѐ уште траат. И во нив, освен балканските народи и држави, и натаму активно учествуваат странските фактори со своите таканаречени национални и државни интереси.
МИРОТВОРНИТЕ ТАКТИКИ СЕ ИСЦРПЕНИ
Скандалот што го предизвика Фатмир Бесими не е случајна непромисленост што доведува до тешки последици. Тоа не е дејство преземено во некаков дух на некаков договор што бил погрешно протолкуван од група граѓани. Се работи за активирана бомба што предвидливо предизвикува жестока реакција.
Реакцијата потоа го отвора синџирот на следни настани. Еден од нив е институционална и политичка криза што се решава на два начина. Едниот е ново парламентарно мнозинство, вториот, предвремени избори. Во случајов, место за трето решение нема зашто од евентуален компромис, по ваква валкана провокација, има само победник и губитник.
Понижувањето на државата Македонија додека е на власт ВМРО-ДПМНЕ, а по минатогодишниот блам (неетички компромис) со амнестија на злосторници против човештвото, е „брцање во око“ на нацијата. Особено што таа е сведок на немоќта на државата да го спроведе Уставот во вакви непристојни ситуации. Останувањето на позицијата министер за одбрана на провокаторот Бесими значи драматично опаднат углед на Никола Груевски и Ѓорге Иванов. Поддршката што отворено му ја дадоа на Бесими двајца претставници на американската држава е навреда за македонскиот народ и држава. Затоа, предлог-законот за бранителите е логичен политички потег, но тој го стеснува маневарскиот простор за премостување на кризата. Одење на предвремени избори не ѝ одговара на опозицијата, но ни на ДУИ. Послаби се, а по овој скандал, сите се на јасно дека Груевски со преземените шаховски потези ќе излезе посилен од лани. Особено што минатогодишната операција за прелевање на гласачкото тело во опозицискиот контејнер заврши така што членството на монтажните партии се врати во матицата, а лидерите на тие инсталации во меѓувреме јавно се посрамотија. Некои завршија во затвор, а некои направија политички сојуз со СДСМ. Простата математика кажува дека американската амбасада со својата агентура ги потроши адутите за осипување на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ. Односно, ги исцрпи своите „миротворни“ тактики. Сега им останува уште она за што се специјалисти. Да се обидат со нова фингирана војна на која упорно повикува опозицискиот СДСМ и неговата логистика во медиумите кога заговара странска воена интервенција. Ама и тука има една замка. САД тврдат дека со формирањето на косовската држава, Дејтонскиот договор и рамковниот договор тие го стабилизирале Балканот. Евентуален воен конфликт во Македонија ќе им го урне целокупниот политички профит. Во услови кога и онака секаде во светот се гледа неуспехот на нивната политика на сила, ова би бил последен удар, особено што европските партнери се зафатени со должничката криза во своите земји.
Од друга страна, евентуално ново парламентарно мнозинство крие замка само за ДУИ. Бидејќи досега застапуваше некакво непишано правило дека во унитарна држава со мултиетнички состав има не еден, ами двајца победници што се принудени да коалицираат, без разлика на програмските и идејните разлики, прифаќањето коалиција со губитничката СДСМ надвор од изборниот процес ќе значи отстапка од тоа правило или, што би рекол Ахмети, Груевски по новите избори ќе може слободно да дејствува во духот на новата прагма и да си избере коалициски партнер по сопствена волја. Во овој пакет „дилеми“ намерно не ја спомнавме можноста за коалиција помеѓу ВМРО и СДСМ, иако некои ја посакуваат како излезна варијанта за социјалдемократите што се умрени за власт сама по себе. Едноставно, ја сметам за невозможна и крајно глупава зашто тоа ќе биде најкраток пат до формализирана федерализација на државата, и тоа во услови кога Македонија не е ни блиску до членство во ЕУ.
ДВАЕСЕТГОДИШНА СПЕЦИЈАЛНА ВОЈНА
Но овие технички детали се помалку важни од суштината. А таа, пак, се крие во следните факти: Од 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ победи на регуларни избори, на победникот не му се дава со устав загарантираната позиција на четиригодишен мандат. Реални се шансите за шест години да одиме и третпат на вонредни парламентарни избори. И повторно ќе се потврди волјата на мнозинството гласачи. Паметен свет, добри аналитичари и рационални политичари знаат дека повторување на оваа операција при фиксирана волја на мнозинството граѓани е политичко самоубиство за опозицијата. Но ако се повторува, тоа значи нешто друго. Намерно се понижува народот што гласа за својот фаворит и на тој начин му се испраќа порака дека македонскиот народ нема право на сопствен избор. Неговата волја не се зема предвид. Како и по Балканските војни, на зелена маса при подготвување на Букурешкиот договор. Тоа, пак, значи дека овој состав на ВМРО-ДПМНЕ очигледно води јасна македонска политика и ги застапува суштинските македонски интереси што не им одговараат на оние што се грижат за континуитетот на дејствата произведени со Букурешкиот договор. Просто речено, од еден од потпретседателите на СДСМ, најголемата „маана“ на Никола Груевски е што тој му ја зацврстил кичмата на македонскиот идентитет. Ова не е нешто што не го знаеме. Неподносливата врева што се крена околу „Скопје 2014“, интересот што го предизвика подигањето на еден споменик на Александар Македонски, не се ни оддалеку теми за „забегано трошење народни пари“ туку првокласни политички прашања за демонтирање на букурешката ујдурма. Впрочем и суштината на спорот со Грција е во тоа: ако Република Македонија и Македонците влезат во ЕУ со своето име и идентитет, се создава европскиот регион Македонија што е единствениот начин за коригирање или релативизирање на одлуките донесени во Букурешт 1913 година, а сврзани со парчењето на Македонија. Тоа не е во интерес на соседите што се офајдија од тие војни и нивните европски поддржувачи.
Затоа дваесет години во Македонија се води специјална војна. Од моментот на прогласување на независноста, Македонија преживува тешки трауми. Непризнавањето од страна на ЕУ, прекршувањето на Повелбата на ООН при приемот на државата, оспорувањето на нејзиното елементарно право загарантирано со сите темелни акти, перманентните политички и економски блокади, отежнатата, условена и забавена интеграција во ЕУ, дрското непочитување на основните човекови права, отворените негирања и оспорувања на цел еден народ и неговото малцинство во соседните држави, насилната промена на уставот со помош на неутврдена војна што ја набљудуваше и координираше НАТО, рекомпонирањето на државното уредување, територијалната поделба по неуспешен референдум, перманентните обиди за дестабилизација, непочитувањето на хашката пресуда, двата атентати, вонредни избори секоја година.
Пораката е дека за Македонија и Македонците и ден-денес се одлучува без нив. За ваквата ситуација најмногу придонесува алатката наречена рамковен договор. Тој е оружје за уцени. А ДУИ и ДПА користат мафијашки тактики за остварување на своите цели. По последната трансформација преку октроираниот устав, Македонија е држава со вградена фабричка грешка. Води кон перманентна институционална криза. Според тоа, две работи мора да се доведат во ред наредните години. Потписниците и креаторите на тој акт (оние што сѐ уште се живи) да одат на суд за подривање на државата, а Уставот на Македонија да оди на преработка за работите да се доведат во ред.
ШТО НАПРАВИЈА САД ЗА МАКЕДОНИЈА?
Во сите овие изминати години се гради пропагандна перцепција дека САД, односно американските влади се голем пријател на Македонија. Не само пријател туку и стратегиски партнер. Во рамките на дипломатскиот говор официјалните претставници не пропуштаат да ни стават до знаење дека тие ја поддржуваат земјата, го почитуваат народот и сакаат да ја видат Македонија во просперитетното евроатлантско семејство во кое тие се патер фамилијас. Кога ќе ја разбуричкате архивата, особено оваа од последните дваесет години, ќе видите дека всушност не е така. Салдото покажува сериозен дефицит во меѓусебната трговија. Македонија многу повеќе инвестирала во САД отколку САД во Македонија. На пример, Вашингтон е последната од големите држави што го признаа уставното име на нашата држава, и тоа како инструмент за минирање на референдумот за територијалната поделба на државата.
Признавањето дојде на еден ден пред молкот - на два дена пред референдумот. Што е уште поважно, по признавањето, САД упорно работат на тоа да си го промениме името на државата и да се обезличиме, користејќи го дури и Метју Нимиц, кој дејствува како претставник на ООН, а не на САД. Македонија, поради грчките донатори на американските претседатели, секогаш учествува во американските избори. Така беше во два изборни циклуса на Бил Клинтон, така е и со Барак Обама. На првите избори му ја одработивме победата на Клинтон со Привремената спогодба, а за вториот мандат му помогнавме така што го трасиравме патот до војната во СРЈ преку признавањето на Тајван. Тој потег ја натера Кина да гласа против продолжување на мандатот на УНПРЕДЕП (набљудувачка мисија на ООН) и со тоа се отвори патот за нелегална војна на НАТО со СРЈ. На својот докажан пријател и стратегиски партнер Македонија му помогна така што дозволи преку нејзината територија да се оформи и опреми копнената база Бондстил. Македонија послужи и како најголем бегалски логор во Европа кога за еден месец доби 17 отсто население. Македонија се согласи да стане јатак-оаза за УЧК. Потоа, за интересите на својот стратегиски партнер преку фингирана војна, ни имплантира нов „политички“ субјект за кој преку својот специјален олеснувачки тим, Пердју - Фејт, обезбеди позиција на заштитени убијци што ќе ги контролираат македонските институции, а ќе бидат исплаќани со народни пари.
Македонија уште војува „рамо до рамо“ со САД низ Азија. За возврат, САД ја немаат вклучено Македонија ниту во еден вносен бизнис онаму каде што нивните компании остваруваат профит.
Единствениот бизнис што ѝ е доверен на Македонија е да ги чисти клозетите во Авганистан и во Ирак. А единствената награда е повременото доделување некакви воени медали за нашите војници и тапкање по рамо дека нашата армија ги исполнила критериумите за влегување во НАТО.
САД, со сета моќ што во светските институции ја имаат инсталирано, не направиле ама баш ништо за да го одблокираат патот на Македонија во светските интеграции. Тие дури и го попречуваат. Како што сега, во услови на светска економска и евроатлантска политичка криза, заткулисно ги блокираат обидите на Македонија да си ја прошири листата на партнери со држави како Кина и Русија и, така, што побезболно да се извлече од глобалната криза. Во сиве овие години ниту еднаш, со ниту еден свој гест или политичка изјава не застанале резолутно и недвосмислено на страната на Македонија. Вклучувајќи го и самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Според тоа, не се ни поставува прашањето што уште може малата Македонија да направи за големата Америка, ами токму обратното. Какво е ова партнерство во кое едниот партнер врши перманентен мобинг врз другиот?
САД, со сета моќ што во светските институции ја имаат инсталирано, не направиле ама баш ништо за да го одблокираат патот на Македонија во светските интеграции
Дрско игнорирање
Годинава се случи монструозна ликвидација на четворица граѓани на Македонија кај Смиљковци. Дел од убијците се засолнија на косовска територија. Пол Волерс се закани дека одблизу ќе ја следел истрагата, односно правната процедура. На Косово е инсталирана американска воена база со целата софистицирана логистика. Таму се и НАТО и ЕУ. Убијците се под нивна заштита. Како што се и другите криминалци, убијци и гангстери по кои македонската полиција има распишано потерници. Ниту еден од нив (или сосема ретко) не ѝ е испорачан на Македонија, иако токму МВР во рамките на декларираната и договорена соработка, на своите партнери педантно им доставува најпрецизни податоци за тоа каде се сместени, каде можат да се најдат бараните лица. Немарност? Неспособност? Случајност или дрско игнорирање и понижување од страна на стратегискиот партнер?
Вонредни избори, редовна волја
Вонредно избиравме на 1 јуни 2008 година по самитот на НАТО во Букурешт. Вторпат отидовме на вонредни избори по неуспешниот обид за романска револуција преку А1 и газда Рамковски. Имено, на 5 јуни 2011 навистина „лисјата паднаа“ како што предвидуваше Радмила Шеќеринска, ама не на дрвото што таа го имаше предвид. Безлисниот трупец СДСМ на следните вонредни или редовни избори ќе излезе ептен гол и тотално компромитиран и поддржан од криминалци, профитери од балканските војни и нивните потомци, џепчии, непријатели на македонскиот народ. Последниот обид во Слупчане за „демократски“ преврат и изигрување на изборната волја на македонските гласачи искажана лани на 5 јуни, веќе ја прелеа чашата на трпение. Матрицата по која се изведуваат предвремени избори е толку позната што овој пат ќе се истури врз грбот на целата божемна опозиција, фактички антидржавни инсталации. Оти не се веќе во прашање ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното водство, ами непочитувањето на изборната (политичката) волја на мнозинството македонски народ
Автор: Мирка Велиновска
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=82712656434&id=9&prilog=0&setIzdanie=22665