ВО БЛИЗИНА НА СОЦИЈАЛНИТЕ ЗГРАДИ ВО БУТЕЛ
Градат џамија со дозвола за куќа
На местото на семејна куќа во Бутел деновиве никна џамија. Новата градба е крената во нива покрај булеварот Христијан Тодоровски Карпош, спроти социјалните згради кај надвозникот.
Согласно Деталниот урбанистички план на општината за овој дел, на локацијата каде што е изграден верскиот објект е предвидена индивидуална семејна куќа.
И покрај отстапувањата на терен, пред два дена до џамијата беше поставено минарето, а вчера се бетонираа куполите.
Од Општина Бутел потврдија дека се гради спротивно на зацртаното, и најавија брзо уривање на сe што е вишок.
"Запознаени сме дека има отстапувања и од основниот проект и од дозволата за градба која е издадена за индивидуална куќа за домување. Согласно Законот за градба, ќе ги санкционираме сторителите и ќе отстраниме се што е изградено надвор од дозволеното", изјави Снежана Клинчарова, портпарол на Општина Бутел.
Од таму вчера не објаснија зошто досега не го урнале дивиот објект, чија изградба е при крај.