Од Источна Македонија е иселен цел град од 15.000 жители
Во помалите општини речиси никој не се враќа откако ќе заврши факултет. Ако не замине во Европа, најчесто останува во Скопје
Штип – Цел еден град голем колку Делчево е иселен од источниот дел на државата во последните петнаесетина години. Над 15.000 главно млади луѓе, во кои секоја власт се колне дека се нашата иднина, се иселиле од Источна Македонија низ светот. Сите фатиле магла од родните огништа откако дома не успеале да го реализираат животниот сон, ниту, пак, да си обезбедат барем трошка човечка среќа и грам достоинствен живот.
Искрената исповед на градоначалниците на Кочани и на Виница низ интервјуата за нашиот весник јасно го лоцира проблемот. Виничкиот градоначалник Емил Дончев рече дека од оваа општина досега се иселиле близу 4.000 млади луѓе, кои, во најголем дел, си нашле работа во Италија, земја во чиј град Канели, благодарение на доселените виничани, повеќе се слуша македонскиот отколку италијанскиот јазик. Таа бројка е еднаква на бројот на вработените во оваа општина. Преку лето во Виница можат да се сретнат повеќе автомобили со италијански регистарски таблички отколку со македонски. Кочанскиот градоначалник, пак, Ратко Димитровски вели дека во втората по големина општина во регионот најголем проблем е невработеноста. Во овој град бројот на невработени е изедначен со бројот на вработени. Шансите да се дојде до работно место се еднакви на нула, бидејќи во Кочани нема ниту најави за нови инвестиции во стопански објекти.
„Завршив Педагошки факултет, барав работа во струката и надвор од неа, барав каква било работа, ама секаде наидував на затворени врати, секаде ми велеа дека и тие што ги вработиле им се премногу. Немав друго чаре освен да се спакувам и да си ја барам среќата прво во Грција, а потоа во Италија. Во Италија заминав со бугарски пасош, оти така е најлесно, тие се во ЕУ па на границите никој не ни прави проблеми“, ни рече Митко, 31-годишен кочанчанец, кој веќе три години е на работа во Италија и има намера, како што вели, ако му се даде шанса, таму да остане за навек.
Во рударскиот град Македонска Каменица од близу 6.000 жители половина не се дома. Во неможност да се справат со сиромаштијата, свесни дека ги бидува за работа макар каква и да е, децата, како што ни рече пензионираниот рудар Димче Анастасов, си го фатиле патот.
„Каменица е полупразно гратче. Гледам една жална слика, а срцето ми се кине од вистината дека навечер сум сам во голема куќа, која моите тројца синови ја изградија работејќи десетина години во Швајцарија. Едвај чекам да дојде јули кога сите си доаѓаат дома, па да си ги гушнам внучињата. Тоа што семејствата ни се растурија, тоа најмногу боли“, со тага во гласот ни зборуваше некогашниот ударник на „Саса“.
Во Делчево речиси и нема семејство од кое барем по еден млад човек не зел бугарски пасош и заминал во белиот свет во потрага по парче среќа. Процените се дека од општината заминале близу 3.500 лица. Бугарскиот пасош за овдешните млади луѓе е единствен начин да се замине некаде во Европа, да се обезбеди живот за себе и за семејството.
„Тука имаме два исклучително лоши момента за нашата држава. Првиот е што младите се изјаснуваат за Бугари кога бараат бугарски пасош, а вториот, кога еднаш ќе заминат тие повеќе не се враќаат во татковината. Делчево е празен град, млади луѓе ретко ќе сретнете по улица, а се' се одвива по старата изрека ’еден оди сто води‘, бидејќи кога еден ќе замине тој прави се' за во туѓина да ги однесе и најблиските. Ова е најлошиот можен резултат кој произлегува од фактот дека државата, во однос на инвестициите и развојот го заборави нашиот регион“, ни рече средовечен угледен граѓанин на Делчево, поранешен локален политичар, кој не сакаше името да му го има во весник.
За разлика од Делчево, беровци најмалку сакаат да заминат во странство, но секој што завршил факултет останува да живее или во Скопје или во Штип и не се враќа дома.
Најимпресивна приказна во однос на оваа жална македонска тема е виничкото село Блатец, кое некогаш беше самостојна општина. Од над 2.000 жители, сега во убавото потплачковичко село ги има одвај половина. Атанас Ангелов е угледен и успешен земјоделец, кој има три комбајни и повеќе други земјоделски машини. „Лани и преклани барав млад човек да работи со комбајните, ама не најдов ниеден, иако нудев услови какви што ги нуди и Европа. Годинава живеам во голем страв дали таа слика ќе ми се повтори. Едноставно, во селото кое некогаш вриеше од млади, денес нема човек помлад од педесет години. Тоа е нашата, блатечка, ама и македонска трагедија и некој мора да го спречи тој процес на одење на сите наши млади деца во туѓина“, ни рече Ангелов.
Неговиот соселанец Борче Симеонов (52) , исто така земјоделец, им порачува на властите да ги вратат задругите ако сакаат да оживеат селата, а младите дома да си ја бараат среќата.
Милка Димитрова, наставничка со тридецениски стаж во ОУ „Кочо Рацин“, во ноември 2010 година ни изјави дека пред петнаесет години во училиштето имало 400 деца, наспроти во моментот само 130. Во селото не ја најдовме наставничката, но луѓето со кои разговаравме не' убедуваа дека сега во школото нема ни стотина деца.
„Факт е дека децата ни избегаа од оваа немаштија. Заминаа главно за Италија, а уште полошо е што досега никој не се вратил од таму. Ова село некогаш беше полно со живот, денес е само сенка на некогашните убави времиња“, не' убедуваат Ангелов и Симеонов.