Кој има нерви нека прочита
Граѓаните завојуваа со ЕВН за кражбите
Сметки за струја „набилдани“ со киловати и пресметани по скапа тарифа, подметнати записници со признанија за кражба на електрична енергија, обвиненија за манипулации со електрични броила за кои сопственикот не може да докаже дека не ги правел.
Со вакви поплаки од граѓаните за работењето на ЕВН е затрупана Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) изминатиов период.
Десетици граѓани изминативе месеци се јавиле во ОПМ, барајќи заштита од, како што велат, самоволното однесување на ЕВН. Вработените во Организацијата на потрошувачите објаснуваат дека неделно имаат по неколку претставки токму за сметките за електрична енергија, од кои повеќето се однесуваат на кражбите на струја.
(Не)основани кражби на струја
Најголемиот дел од граѓаните реагирале дека неосновано биле обвинети оти манипулирале со електричните броила, за што добиле и тужби, но немаат начин да докажат дека се во право. Дел ги обвинуваат службите на ЕВН дека ги изманипулирале да потпишат признанија за кражбите.
- Најкарактеристичен случај беше на една постара госпоѓа која пријави дека враќајќи се дома затекнала екипи на ЕВН како нешто средуваат во електричното броило. Kога завршиле, ~ дале да потпише записник за сменето броило, но по извесно време ~ стасала тужба за долг настанат поради кражба на струја. Госпоѓата побара помош бидејќи не знае како да докаже дека таа не манипулирала со броилото и оти била изманипулирана да потпише такво нешто - раскажуваат вработените во ОПМ.
Според нив, проблемот со кражбите на струја и тужбите кои произлегуваат од нив е најизразен кај викенд-куќите кои поретко се користат.
- Според пријавите на граѓаните, многупати при замената на старо броило, екипите на ЕВН наоѓаат стари долгови за струја. Овие долгови се веќе застарени, но сепак некаде ги пријавуваат како кражба на струја и го задолжуваат сопственикот да ја плати - велат во ОПМ.
Од ЕВН објаснуваат дека обично никој не признава дека краде електрична енергија. Оттаму велат дека ги регистрираат кражбите со најсофистицирани методи и издаваат налог за исклучување и менување на броилото. Ако пак на самото место се констатира кражбата, тогаш корисникот веднаш се исклучува.
- Никој не бил досега исклучен или пак ќе биде ако навистина не го манипулирал своето броило. Никој никому не може да подметне записник, во нив е наведена и констатирана затечена состојба - велат од ЕВН.
Kомпанијата лани открила над 2.000 манипулирани броила, но нивните анализи покажуваат дека состојбата е уште поалармантна. Од ЕВН велат дека лесно може да детектираат кражба во одреден реон, бидејќи на секоја трафостаница има мерење на испорачаната електрична енергија и фактурираната, а разликата меѓу нив е чиста кражба или загуба. Новите броила регистрираат с`, па со нивна анализа може точно да се одреди и времето и датумот на манипулацијата.
Набилдани сметки
Сунчица Давидовска, пак, се соочила со друг проблем. Замената на нејзиното старо електрично броило на крајот на ноември минатата година поминала во најдобар ред, за што потпишала и записник. Но, за декември добила сметка за струја од само 118 денари за улично осветлување.
- Знаев дека потрошената електрична енергија за декември и јануари ќе ми ја пресметаат во јануарската сметка, кога се зголеми цената на струјата и однапред ги известив да направат корекција во сметката. Но, иако неколкупати се јавував во ЕВН и разговарав со нивните служби, за јануари добив сметка во која стоеше дека имам потрошено речиси 900 киловат часови. И тоа сите фактурирани по повисока цена. За споредба, во декемвриската стои дека сум потрошила само 117 - раскажува Давидовска.
Таа повторно реагирала во ЕВН, од каде добила објаснување дека старото броило ~ било заменето на 27 декември и затоа до крајот на месецот има фактурирано толку мала потрошувачка.
- Тоа е лага, бидејќи дома го имам записникот на кој јасно е наведено дека броилото е сменето на 31 ноември. Сега треба да платам над 400 киловат часови по повисока цена иако реално сум ги потрошила пред струјата да поскапи. Ова е безобразие и невидена дрскост. А уште пострашно е што нас граѓаните нема кој да не заштити од ваквото самоволие - вели Давидовска.
Од ЕВН ја отфрлаат можноста дека се манипулира со сметките на било кој начин.
- На фактурите точно се наведени деновите кога се трошела електрична енергија по старата цена и кога по нова. Новите броила имаат таква можност точно да разграничат што е потрошено по стара цена, а што по нова, со пресек на потрошувачката на 31 декември односно 1 јануари, од кога почнува новата цена - објаснуваат од компанијата.
Во Организацијата на потрошувачи ги советуваат граѓаните за вакви проблеми да се обратат кај народниот правобранител, кој веќе разгледува повеќе вакви претставки.
- Граѓаните кои не можат да докажат дека не краделе струја, а добиле тужба, ги советуваме самите да покренат судска постапка против ЕВН и таму да се докажуваат - велат од ОПМ.
Оттаму објаснуваат дека проблем е што компанијата нема изедначен критериум на санкција кон откриените кражби на струја. Односно, од тужените постапки кои се водат по овој основ, дел завршуваат со кривични пријави, а дел само со граѓански парници. Затоа апелираат ЕВН да го изедначи правилникот и сите вакви постапки да се третираат исто.
Манипулаторите во затвор
Kазните за кражби на струја се ригорозни. Откако ќе се утврди манипулација со броилата, паричните казни се движат од 3.000 до над 20.000 евра. Во откривањето и пронаоѓањето на крадците на ЕВН ~ помага и полицијата. Така, за ова кривично дело е предвидена и затворска казна до 3 години.
Струја крадат и богати и сиромашни
Не може да се каже кој краде повеќе струја - домаќинствата или фирмите, бидејќи и едните и другите во иста мерка манипулираат со броилата, велат од ЕВН. Нивните анализи покажале дека нема правило. Односно, струја крадат и тие што немаат пари, но и тие што имаат и повеќе од доволно. Kомпанијата годишно губи над 35 милиони евра од овие кражби, додека државата - околу 7 милиони заради ненаплатен ДДВ. Сепак, најголемата штета ја трпат корисниците кои во најстудените денови остануваат без струја поради преоптовареност на трафостаниците, од кои дел целосно изгореа.
Даница ТУНТЕВСКА