Одминувањето на времето еден од факторите што можат негативно да влијаат врз исходот на истрагата, вели Виктор Димовски, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање
Дали сметате дека во случајот „Смилковци“ затаија разузнавачките служби?
- Безбедносните служби во
Македонија, во согласност со законските надлежности, имаат обврска да прибираат податоци и сознанија, со цел навреме да ги идентификуваат можните закани за безбедноста и сигурноста на граѓаните. Притоа, тие преземаат многубројни мерки и активности, кои се регулирани со подзаконските акти поради превенција, предупредување и неутрализирање на конкретни безбедносни закани. Во зависност од тоа дали изворот на заканите, односно потенцијалните извршители дејствуваат од земјата или од странство, се дефинирани конкретните надлежности на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање. Од особено значење е меѓусебната координација на овие сервиси внатре во земјата, но и нивната соработка и размена на информации со релевантните партнери во странство. За сите сознанија поврзани со можни закани од безбедносен карактер овие служби се обврзани редовно и навремено да го информираат државното раководство. Имајќи го предвид наведеното, станува очигледно дека во последниот настан со убиството во близина на село Смилковци македонските безбедносни служби затаиле. Конкретна последица на потфрлањето, наместо навреме да се превенира, предупреди и неутрализира заканата, се петте одземени животи на наши граѓани.
За жал, петте невини човечки жртви не беа доволен повод ниту за вообичаените чекори во вакви ситуации од страна на највисокото државно раководство, како што е свикување на Советот за безбедност, каде што ќе можеше да се констатира зошто и каде потфрлиле безбедносните служби, како најповикани за спречување вакви случаи, и да се утврдат натамошните конкретни чекори што треба да се преземат.
Дали сметате дека од оваа дистанца е можно да се дојде до точни разузнавачки податоци за тоа што навистина се случило?
- Кога ќе затаи превенцијата, останува обврската на надлежните служби да преземат се' за пронаоѓање на сторителите, а прв чекор во вакви околности е обезбедување на трагите, а веднаш потоа е можна поверодостојна реконструкција на настанот. Од особена важност е временската дистанца, затоа што опстојувањето на дел од трагите е поврзано со временскиот фактор. Ако сето ова е благовремено и квалитетно направено, би можело да води до можните сторители. Гледано од овој аспект, одминувањето на времето е еден од факторите кои, за жал, можат негативно да влијаат на позитивниот исход на истрагата.
Во јавноста се појавија информации за прегрупирање на групи во Кумановскиот регион, што беше подоцна демантирано од државните институции. Колку е можно разузнавачките служби да ги спречат евентулните прегрупирања?
- Ваквите сознанија, доколку се покаже дека се веродостојни, може да бидат загрижувачки. Оттука, одговорноста на безбедносните служби за следење и сериозна проверка на ваквите информации е огромна. Според законските надлежности, овие служби, доколку утврдат постоење и функционирање на какви било нелегални формации, треба да преземат соодветни активности за нивно неутрализирање. Капацитетот за соодветна реакција во таа насока првенствено е прашање за оние кои стојат на чело на безбедносните сервиси.
Дали се согласувате со процените во јавноста дека станува збор за терористички акт и колку се сериозни заканите што преку интернет стигнуваат од Косово?
- Во овој момент и врз основа на досегашните информации, сметам дека е се' уште рано да се даваат дефинитивни квалификации. Од досегашните медиумски информации може да се заклучи дека повеќекратното убиство е извршено од повеќе лица, кои користеле три различни оружја и кои презеле активности за прикривање на трагите. Сето ова, вклучувајќи ги и веројатните подготвителни активности, како и изборот на местото, времето и жртвите, упатува на постоење на одредено професионално знаење и искуство. Меѓутоа, за да се зборува за тероризам, и покрај присуството на одредени елементи, потребно е да се имаат и други информации, вклучително и мотивацијата на извршителите. Во овој случај, неоспорна е употребата на сурово насилство, поради што е и очигледно присуството на страв во јавноста, но се' уште нема или не се уверливо декларирани сериозни намери за постигнување одредени цели, било да се работи за идеолошки, политички или религиозни.
Инаку, кога станува збор за безбедноста, која било закана и од каде било да доаѓа, треба да се земе со целосна сериозност и да се преземат сите неопходни мерки за проверка на релевантноста.
Може ли да се повтори 2001 и повторна дестабилизација во земјава?
За жал, асоцијациите на настаните од 2001 се наметнуваат секогаш кога се соочуваме со сериозни безбедносни закани, а воедно недостигаат уверливи одговори на оние кои се најодговорни за безбедноста на земјата. Затоа, во дадената ситуација нормално е да се очекува промптна, сериозна и успешна акција на безбедносните служби за затворање на случајот.
Но, кога разговараме за прашањата поврзани со можноста за евентуална дестабилизација, на сите треба да ни биде јасно дека брза интеграција во евроатлантските и европските структури е најдобра заштита од потенцијалните безбедносни закани за нашата земја. Оттука, ваквите сериозни предизвици со кои повремено се соочуваме можеби треба да бидат повод да се запрашаме и за причините поради кои 11 години по конфликтот нашата земја се' уште тапка во место, како се случи сега да им гледаме во грб на некои од земјите кои не беа ни формирани во времето кога ние го отпочнувавме одот по патот на интеграциските процеси и, конечно, кои се причините
Македонија, наместо во НАТО и Европската унија, се' уште да стои на слеп колосек?
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=E69C2DC80F58174387C69AD6874F19D5