Траги во Опелот кај Смилковско езеро има, но треба време да се анализираат
Истражните органи креирале неколку сценарија на можните рути по кои се движеле убијците пред и по убиството, па по тие рути полицијата ги проверувала сите објекти што имаат сигурносни камери поставени кон улиците и ги зела снимките за проверка
Десетици снимки од сигурносни камери поставени низ Скопје се запленети од страна на МВР за да се провери дали злосторниците и нивното возило се уловени пред или по петкратното убиство што беше извршено во минатата недела кај Железарското Езеро. Запленети се снимки од бензински пумпи, продавници, пошти, банки, мобиларници и од други места каде што има сигурносни камери што снимаат на некоја од рутите каде што би можеле да се движат убијците.
- Обезбедени се голем број снимки, но засега не можеме да откриваме детали во врска со истите - ни рече кратко Иво Kотевски, помошник-министер за односи со јавност во МВР.
Од полицијата велат дека се потребни неколку дена сите снимки да се проверат за да се утврди што точно има на нив и дали некоја од камерите ги уловила убијците и нивните возила.
Дознаваме дека истражните органи креирале неколку сценарија на можните рути каде што се движеле убијците пред и по убиството по тие рути полицијата ги проверувала сите објекти кои имаат сигурносни камери поставени кон улиците и ги зела снимките за проверка.
Адут се камерите од бензинските
Главен адут се снимките од камерите на бензинските пумпи, но засега нема официјална потврда дека на некоја од нив јасно се гледа возилото кое беше пронајдено, а за кое се претпоставува дека го користеле убијците.
Засега нема потврда дали безбедносните камери што се поставени речиси на сите прометни раскрсници во Скопје се во функција или не. Тоа што официјално се знае е дека тие с` уште не снимаат и не се поврзани во систем, но се претпоставува дека и покрај тоа МВР ги користи во одредени ситуации. Тоа што успеавме да го дознаеме е дека тие официјално ќе се пуштат во употреба на Денот на полицијата, на 7 мај годинава. Во овој период наводно дел од нив биле во функција за да се провери како функционира системот. Овие камери се дел од проектот „безбеден град“. Според полицијата, досега се поставени околу 100 полициски камери на најфреквентните места, на раскрсниците, на влезот и излезот од Скопје, на булеварите, мостовите и на улиците што се оптоварени со сообраќај.
Се снима и од возила
Набавката на камерите беше првата фаза на проектот, по што следуваше набавка на софтвер со што се очекува финализација на проектот и спојување на системот со центарот за мониторинг во дежурната служба на полицијата.
МВР тврдеше дека иако камерите долго време се поставени не функционираат поради недостиг од средства и поради светската економска криза. Во иднина е предвидено во оперативниот центар во кој ќе се врши електронско набљудување на камерите да има фото и видеозапис за секоја сообраќајна несреќа или од други инциденти. Тие ќе може да послужат и како доказен материјал за прекршоци или кривични дела што не се поврзани со сообраќајот. Од полицијата велат дека со камерите ќе може да реагираат и за брзо решавање на сообраќајниот хаос.
Според Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, полицијата е овластена да снима на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци во сообраќајот на патиштата. Снимањето може да се врши и со посебни возила на МВР опремени со специјални уреди. Снимените материјали се чуваат во полиција шест месеци, по што се уништуваат, освен материјалот што претставува доказ во кривична или во прекршочна постапка.