http://dnevnik.com.mk/?ItemID=6BC86D4F58EB3747BC6B46139D0BB991
Пелистер со Голужа ќе ги „урива“ Вардар и Металург
По многу години тапкање во место, ракометниот тим на Пелистер се надева дека конечно ќе излезе од сенката на двата скопски клубови, Вардар и Металург, а тоа ќе го направи со ангажирање
на хрватскиот селектор Славко Голужа. Со тренерот на тимот на Сисција е разговарано при посетата на Загреб во Скопје во осмина-финалето на Лигата на шампионите кога му бил презентиран планот за закрепнување на битолскиот клуб. Најголемата пречка за исполнување на сонот на битолчани е спонзор што ќе сака да вложи неколку стотина илјада евра во правење на силен тим. Во моментов со клубот раководат навивачите кои бараат некој спонзор што би влегов во клубот, зашто ниту општината не сака да помогне.
- Разговарано е со неколку спонзори, кои се запознаени со нашите желби и постои заинтересираност конечно да најдеме финансиер на клубот. Тоа би решило многу проблеми. Но, одговорот од спонзорот ќе го знаеме до крајот на мај. Веќе разговаравме со Славко Голужа, следната сезона селекторот на Хрватска, да дојде во Битола и да го преземе клубот - вели Никола Пискачев, секретарот во Пелистер.
Битолчани и сезонава се обидоа да направат силен тим, донесоа неколкумина странци и тренер од Црна Гора (Ратко Ѓурковиќ), но тој издржа неколку месеци, по што доби отказ, а заминаа повеќемина ракометари поради беспарицата. Сега Пелистер игра со „домашни играчи“ и тренер, и според кадарот годинава ќе се борат да го задржат третото место во лигата, зашто не можат да им конкурираат на Вардар и Металург.
Евентуалното ангажирање на Голужа ќе значи и носење на повеќемина странски играчи и комплетна реконструкција на тимот, играчки и организационо.
- Се договоривме Голужа да си донесе неколку ракометари според негов вкус, помошник тренер, и да добие поголема слобода околу работата и изборот. Предизвикот на Голужа да дојде во Македонија е што во оваа лига ќе може да им конкурира на Лино Червар и Веселин Вујовиќ, со што и македонското првенство би станало поинтересно и квалитетно - вели Пискачев кој истовремено е член на Иницијативниот одбор за спас на клубот.
Според најавите од сегашниот тим на битолчани, следната сезона сигурно би останале Златко Везенковски, Владо Недановски, Реваз Чантурија, Игор Тоскоски, а на поголемиот дел од играчите ќе им се даде можност да заминат во други клубови. (Г.А.)