Драги мои сонародници,
Сите ние сме свесни за немилите настани кои се случија во нашата татковина, но за жал можеби некои од нас не се свесни за сето она што тек може да се случи доколку се остави гневот да ескалира. Јас ја разбирам желбата за одмазда, ја разбирам желбата да се наплати со окото на непријателот за нашето загубено око, со забот на непријателот за забот кој некогаш бил наш и со животот на непријателот за животот на нашиот ближен. Го имам искусено чувството кое го раѓа инстинктот за одбрана. Го познавам гневот кој сака да ја изврши правдата. Пријателе, ти кој ги читаш овие зборови, знам како ти е! Знам дека сакаш да се одбраниш, знам дека сакаш да ја спроведеш правдата. И сето тоа е во ред и оправдано. Овие цели се легитимни! Човекот има право да живее мирен и безбеден живот. Сите ние имаме исконска потреба да ја видиме правдата исполнета.
Во недела ќе го дочекаме Христовото воскресение, Велигден. И додека пишувам во оваа петочна ноќ, да ве потсетам дека оној Велики Петок пред речиси 2.000 години Христос беше во гробот. Беше во гробот затоа што умре. Умре затоа што не’ возљуби. Не’ возљуби толку многу што Го даде Својот живот за нас. Христос беше и е Богочовек- Бог и човек истовремено! И како човек и Тој Самиот ги чувствуваше сите искушенија, сета желба за праведност. Како човек беше искушуван додека висеше на крстот, а Неговите искушители Го искушуваа, бараа од Него да се симне од крстот ако Тој навистина е Синот Божји. Неговите искушители како да бараа од Него одмазда, да се симне од крстот, да покаже Кој е. Да! Сакаа да поттикнат во Него човечко чувство на докажување дека е посилен од сите нив. И знаете, Христос навистина и знаеше Кој е и знаеше што може да направи. Зар Богочовекот не можеше само да побара од Небесниот Татко и во истиот час да ја добие одмаздата? Сигурно дека можеше.
Се прашувам колкумина од нас, доколку беа распнати како што беше Христос би повикале на одмазда? Колкумина од нас вчас би се одмаздиле за неправдата? Но Христос е нашиот пример, а Него ,,Го измачуваа, а Тој оставаше, и не ја отвори Својата уста. Го одведоа како јагне на колење; како овца нема, пред оние што ја стрижат, не ја отвори Својата уста.’’ (Исаија 53:7). И ние сме повикани да постапуваме како што постапуваше и Тој- како што запишал апостолот Петар во неговото прво послание:
,, Но, ако страдате и трпите, кога правите добро, тоа е благодат од Бога.Зашто за тоа сте повикани, зашто и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да врвите по Неговите стапки. Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста. Тој, Кој беше навредуван, не враќаше со навреда; кога страдаше - не се закануваше, туку се предаде Себеси на Оној, Кој суди праведно.
Тој Сам во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, та ние, умирајќи за гревовите, да живееме за правдата; преку Неговите рани се исцеливте.’’ (1. Петрово 2:20-24).
Бог преку Светото Писмо ни го покажува најсовршениот начин како да однесуваме во моментите кога во нас врие желбата за одмазда: ,,Не одмаздувајте се за себе, возљубени; туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе ја отплатам! - говори Господ.” Туку, ако твојот непријател е гладен, нахрани го; ако е жеден - напој го! Зашто, ако го правиш тоа, ќе натрупаш жар на неговата глава.”Не оставај да те победи злото; туку ПОБЕДИ ГО ЗЛОТО СО ДОБРО!’’ (Послание до Римјаните 12:19-21).
Ќе речете ,,Ама ова не е природно однесување! Мене ми доаѓа да ги раскинам оние што не’ повредија!’’
И во право сте! Ова не е природно однесување! Нашата телесна, грешна природа бара одмазда; но Бог не не’ повикува на природно однесување, не не повикува на она што е вообичаено, туку не’ повикува на едно далеку повозвишено однесување и за таквото однесување Тој не’ оспособува, Тој ни дава сили, Тој ни го нуди Неговото водство и помош, Тој сака да се всели во нас и да не’ промени според Неговото Подобие како би биле подобри луѓе и како би можеле да живееме според Неговите заповеди. А тогаш со тоа од Бога променето битие полесно ќе можеме да се справуваме со ваквите жестоки напади на гневот и одмаздољубивоста.
Она што е најдобро да го сториме во овие моменти е да ги наведнеме нашите глави во молитва:
,,Господе, Ти Кој си Кнез на мирот- нека во нас пребива Твојот мир;
Боже, Ти Кој си љубов исполни ги со Твојата љубов срцата наши та да можеме да те љубиме Тебе, нашите блиски и нашите непријатели со таква совршена љубов со која не’ љубиш ти сите нас.
Научи не’ Боже да простуваме онака како што и Ти ни простуваш нам. Научи не’ Боже дека треба да веруваме само во Тебе, дека само во Тебе треба да се надеваме. Научи не’ Боже дека Ти си Единствениот Праведен Судија. Научи не’ да бидеме трпеливи, научи не’ да враќаме на злото со добро и така да го победуваме. Промени не’ Господе и направи не’ да бидеме како Исус- како Оној Кој не се одмаздуваше, како Оној Кој совршено не’ љубеше дури и по цена на Својот живот.
Спасителу, спаси не’ од нашите гревови, спаси не од НАС самите и од она што ние можеме да си го предизвикаме! Не Те молиме за Твојата правда, затоа што знаеме дека ќе се оствари.
Те молиме Боже за мир во нашата земја. Не дозволувај гневот да ескалира и да има уште крвопролевања.
Боже, посебно Те молиме да ги утешиш семејствата и блиските на загинатите.
За сево ова Те молиме понизно во името на нашиот Спасител Исус Кој кога беше навредуван, не враќаше со навреда; кога страдаше - не се закануваше; туку на крстот Голготски повика: Татко прости им! Не знаат што прават! Амин.