Во Прилеп навивачи и со скршен колк
Невидено разочарување под Марковите кули, по тешкиот пораз на 11 Октомври со 0-3 дома од Охрид во фудбалското првенство на Македонија
Загубени се речиси сите шанси за опстанок, но тука не е единствениот проблем. Забелешката до фудбалерите е дека не се бореа и не вложија ниту половина од силите да покажат нешто на теренот. Кога трчаа, изгледаше дека одат или пропаѓаат в место на мекиот терен, додека гостите полетно ја имаа надмоќта во играта.
Најжално е во однос на публиката. За кого дојдоа близу 2.000 навивачи? Најфудбалската публика знае да цени борба и кога се губи. Штета за тие што мрзнат на трибините. А има и старци до 90 години, кои се редовни на натпреварите, инвалиди со скршен колк... Треба да го знаат тоа фудбалерите и да го почитуваат.
- Лани имав операција на скршениот колк. Доаѓам некако со такси да навивам за омилениот тим - вели Кире Соколоски, симпатизер на 11 Октомври.
На потег се управата и стручниот штаб. Иако шансите се губат, не е сеедно како ќе се продолжи натаму. Преостануваат уште 13 кола. Можеби треба да им се даде шанса за калење уште повеќе на надежните, млади играчи. Кој и да настапи треба да се бори за чесно претставување и за чесно простување, доколку дојде до тоа, од Првата фудбалска лига.
Автор: З.И.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=319127967&id=19&setIzdanie=22534