Масоните се отворија
Испровоцирани од бројните теории на заговор, за прв пат после повеќе од 4 века постоење, масоните објавија извештај за својата работа.
Масонските ложи во светот имаат околу 6 милиони членови, само во САД 2 милиони, а во Англија и Велс околу 250.000. Прва ложа која се одлучи да покаже современ и транспарентен лик е Обединетата голема ложа на Англија, основана пред 300 години.
Според опширната статија на
БиБиСи, островските масони се подготвени да покренат отворена расправа и да го ослободат своето здружение од митовите од минатото.
Освен што биле обвинувани за корупција, масоните низ историјата биле претставувани и како дизајнери на египетските пирамиди, организатори на Француската револуција, уништувачи на палестинскиот народ...
Една од тезите која големиот секретар на англиската ложа, Најџел Браун сака да ја побие е убедувањето дека масоните се вмрежуваат на професионална основа, тврдејќи дека тоа е забрането според масонските правила.
Тој напоменува дека истите тие правила налагаат помагање на браќата ѕидари и чување тајни, што за остатокот од светот претставува плодна основа за развој на мафијашки односи.
Заради традицијата да се регрутираат угледни луѓе, како Џорџ Вашингтон, Бенџамин Френклин и нивните европски пандани, низ светот се прошири впечаток дека масонските кругови управуваат со светот, вон јавните институции и хиерархии.
Демистифицирајќи ги масоните, Браун меѓудругото тврдел и дека нема ни грам вистина во приказната за електричниот шок, кој при ракувањето наводно го користат некои службеници на тоа, во главно, машко братство. Но, нагласува дека на ложата сепак и треба мала доза на мистериозност, бидејќи на тој начин членството би било попримамливо.
http://on.net.mk/vesti/svet/masonite-se-otvorija