Булевари, улици и мостови во Скопје, според ДУИ, треба да се именуваат и по идеолозите за етничка Албанија, односно по патриотите што се залагале за албанската кауза како Хасан Приштина, Бајрам Цури, Иса Болетини, Дервиш Цара, Исмаил Ќемали, Јусуф Гарвала... Владејачката ДУИ ги предлага и топонимите Дарданија, Илирија, Арберија, Скадар, Приштина и Тирана
Повеќе од 1.000 имиња на улици, плоштади и мостови во Скопје ќе бидат ставени во игра за преименување, дознава „Дневник“ од извори во Советот на Град Скопје. Меѓу предлозите околу 100 се имиња на значајни личности и настани за Албанците, а се очекува повеќе од 200 предлози да поминат. Ако коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договорат, тогаш метрополата наскоро ќе добие „рамковни“ имиња на улици, плоштади и мостови.
Според сознанија на „Дневник“ денеска треба да заседава Kомисијата за именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти. Партијата на Али Ахмети доставила до Kомисијата 43 предлози, ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 150 предлози, а шест предлози доставила група граѓани. Но, впечатливо е тоа што вчера ниту во ДУИ ниту во ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да потврдат ни дали ќе има седница, ни дали коалициските партнери веќе постигнале договор за Скопје да добие нови имиња на улиците, плоштадите и мостовите.
Според извори во Градот, освен најновите 200 предлози од коалициските партнери, Kомисијата ќе треба да разгледува и околу 800 предлози кои во изминативе три години ги доставиле другите советнички групи, но и граѓани и здруженија.
Молк во ВМРО-ДПМНЕ и во ДУИ
Во обид да дознаеме дали денеска во Советот на Градот ќе почне процедурата за преименување на улиците, плоштадите и мостовите во главниот град, се обративме до советниците на ДУИ, но тие одбија да коментираат со образложение дека се на состаноци. Kоординаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Саздова ни изјави дека нема таква информација.
- Првпат слушам дека сме се усогласиле за промена на имињата на улиците. Немам никаква информација и дека ќе заседава Kомисијата за именување - ни изјави Саздова.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=FBC886A485C5F249AE8EAFC4EF4BF8F8