Микел плачеше кога потпиша за Челзи
Нигерискиот репрезентативец Џон Оби Микел деновиве е под истрага на норвешкиот суд кој го испитува неговиот трансфер во Челзи пред две години. Младиот фудбалер кратко време беше член на прволигашот од Норвешка, Лин, но многу брзо интерес за него покажа Манчестер Јунајтед. Иако двата клуба речиси се договорија Нигериецот да се пресели на Олд Трафорд, сосема случајно Микел заврши во дресот на Челзи каде игра веќе трета сезона.
"Апсолутно ништо не направив во овој случај, а тоа ќе го докажам и на судот. Вистина е дека бев на состанок со Џон Шиту, агентот на Микел, и таа средба изгледаше како да снимаме некоја епизода од Сопранови. Шиту викаше по мене, се закануваше и рече дека може да го носи Микел каде сака", изјави директорот на Лин, Морган Андерсен.
Тоа и се случи: еден ден Микел исчезна од клубот и потпиша договор со Челзи. Целиот случај бил прилично тажен бидејќи, според зборовите на Андресен, несреќниот Микел плачел додека потпишувал договор со Челзи. Неговата желба, и тогаш и сега, била Манчестер Јунајтед.
За тој трансфер Челзи му исплати на Манчестер Јунајтед 15 милиони евра бидејќи клубот од Олд Трафорд ги поседуваше правата за нигерискиот репрезентативец и уште пет милиони на Лин. Меѓутоа, целиот случај е сомнителен за норвешкиот суд, кој во последно време ги испитува сите неправилности во врска со овој трансфер.