Утврдени места во прилепско:
- Варош
- Дебреште
- Десово
- Зрзе
- Манастир
- Прилепец
- Трескавец
Варош
Фрурион Прилапос, во 14. век град Прилеп со варош. Сл. 102—106.
Лит.: Н. Вулиќ 1937, 29—30; — А. Дероко 1956, 83—104; — И. Микулчиќ и Б. Јосифовска TIR, 70 (Керамиаи), 104 (Прилеп), 130 (Варош); — Т. Полак 1984, 1—89; — Б. Бабиќ 1986, 1—235; — Е. Манева 1992, 186—208; — В. Кравари, 1989, 319—322.
Местоположба. Месноста „Маркови Кули” се издига над северниот дел на Варош и 5 км ССЗ од центарот на Прилеп. Претставува 120—180 м висок рид одвоен од планините со длабоко седло. Има голема прегледност над североисточниот дел на Пелагонската рамница. Во подножјето се крстосуваат повеќе значајни патишта: кон Битола на ЈЈЗ; кон Брод и Кичево на ЗСЗ; кон превалецот Плетвар и Повардарието на ИСИ; кон Бабуна и Титов Велес на север; потоа на југ долж источниот раб на Пелагонија. Неколку слаби извори на вода овозможувале живот на врвот во ограничен обем. Падините на ридот се стрмни, покриени со огромни гранитни карпи. Едно широко рамно седло на средината на врвот овозможувале тука да се развие населба. Има пристап до горе од север и од југ.
Најстари остатоци. Со долгогодишните ископувања (од 1959 г. речиси непрекинато до денес) откриени се траги од предисториска населба; во раната антика тука израснала Керамија, обновена во доцната антика. Тогаш било изградено цврсто обѕидие со малтер. Керамија останала селска населба до крајот на антиката и не достигнала ранг на град и епископија.
Во римско време (1.—4. век) во југозападното подножје се раширила поголема неукрепена населба, опколена со гробишта кои се ископувани (на месностите Падарница, Ташачица, Бакалица, Слон, Поткули и др.). Од една ранохристијанска базилика преостанале неколку мермерни украси.
Сл. 102. Варош, Прилеп, план на средновековно подградие (шрафирано), црквите, ископуваните гробишта и тврдината на „Маркови Кули”
Сл. 103. „Маркови Кули”, Варош-Прилеп, тврдина од 10.—14. век (1), кралски замок (2) и збег (3) од доцниот 14. век. По Т. Полак
Средновековни остатоци. Обѕидието што денес се гледа на теренот потекнува од 13. и главно од 14. век. Добро е запазено. Ѕидовите се широки одвај 1—1,3 м и градени се со послаб варовен малтер. Тие се максимално вклопени во релјефот. Се потпираат на големи карпи и ја користат секоја природна пречка. Поради тоа линијата на обѕидот многу се извива и наместа е целосно искината. Се гледаат три ѕидни појаси:
1 — Обѕидието на акрополата, поставено на највисокиот североисточен дел на ридот наречен Чардак. Затворало простор со големина 150 х 120 м, изделен со внатрешни ѕидови во помали простории. Тука несомнено стоел и дворецот на Волкашин и Марко; истражен е целосно, меѓутоа без какви било поважни наоди. Двете цистерни за вода на северниот дел потекнуваат несомнено од крајот на антиката. Северната порта има сложена основа и зборува за повеќе доградувања и преправки, како впрочем и целата акропола. Оваа тврдина до средината на 13. век а и подоцна, ја бранеле само 40 војници (Георги Акрополит, 1258 г.).
2 — Населбинскиот дел бил сместен во седлото јужно од акрополата и зафаќал простор од 3,6 ха. Откопан е северниот ѕид со двојна порта како и голема стражарска куќа меѓу влезовите. На јужниот градски ѕид стојат добро сочувани 3 кули. Западниот ѕид бил повлечен по сртот од големи карпи и сочуван е само наместа. Ист е случајот и со источниот ѕид. На тој простор животот се развил во текот на 14. век.
3 — Најдолниот појас на обѕидието се гледа на падините западно и јужно од јадрото на населбата. Се состои од низа куси ѕидови, влечени во искршена линија. Ѕидовите затворале процепи меѓу карпите и делумно ги надјавнале. Со ваков слаб предѕид била опфатена долгата тесна тераса пониска од населбата и со површина од 4,5 ха. Во нејзиниот западен дел се гледаат гробови всечени во карпа. Во тој простор речиси и нема населбински остатоци, а служел како привремен збег во доцниот 14. век (според Т. Полак). Тука се засолнувале бегалците од околината, пред зулумите на турските одреди пред да се стабилизира новата турска управа. По смртта на кралот Марко (1395 г.) населбата на Маркови Кули запустела, бидејќи крепоста била заземена од турската стража.
Сл. 104. „Св. Архангели”, Варош, кирилски натпис од 996 г. По Б. Бабиќ
Сл. 105. Варош, Прилеп, крстови, 10.—12. век (по Р. Петровиќ)
Населбата што се развила во подножјето на Маркови Кули имала мошне разретчена структура, разбиена во неколку маала. Секое маало имало своја црква и гробишта околу црквата (св. Димитрија. св. Никола, св. Петар, Пречиста Богородица, св. Атанас). Црквите се истражувани, а околу 200 гробови околу нив се ископувани. Истражуван е и просторот на пазариштето, потврдено писмено во 14. век. Подградието го добило името Варош веројатно во доцниот 14. век и го сочувало тоа име до денес.Доцносредновековната населба Прилеп имала стратешко значење за време на последните словенски владетели и под кралот Марко станала престолнина на една мала држава. Меѓутоа, и покрај тоа што тогаш населбата силно се зголемила, таа не стигнала и економски да се издигне на повисоко ниво и да се здобие со поизразити градски (урбани) белези. Тогаш Прилеп станал седиште и на епископ (наместо Битола), веројатно само до смртта на кралот Марко. Сите ископани градби и движни предмети одразуваат живот на многу скромно рамниште. Само неколку парчиња од луксузен сребрен накит, најден во Варош, укажуваат дека постоело и локално благородништво во Прилеп.
Сл. 106. Варош, Прилеп, сребрен накит, 14. век. По Е. Манева
Во документите Прилеп се споменува од почетокот на 11. век продолжително до денес. Во 1014 година во „фрурион Прилапос” доаѓа Самуил по поразот под Беласица. Во повелбата од 1020 г. Прилеп е под јурисдикција на епископот од Пелагонија. — Во 1199 г. Прилеп е наведен во повелбата на царот Алексиј III; во 1200 г. за кусо време Добромир Хрс го одзема од Византија. Низ 13. век Прилеп преминува постојано во рацете на новите господари — двапати на деспотите од Епир, двапати на Бугарите, еднаш на царот од Никеја. Византија го држи како истурено воено упориште до 1334 година, кога го освојуваат Србите.
По смртта на Марко во 1395 г. Турците го земаат Прилеп и држат посада на акрополата; во 1468 и 1519 година истата броела 18 војници, а во 1544 година само 5 луѓе (Стојановски 1981, 75). Наскоро потоа тврдината ќе биде сосем напуштена, а ќе живее само подградието, како селска христијанска населба Варош. Неколку километри појужно од Варош, непосредно на крстосницата на патиштата, се развила турската касаба Перлепе, јадрото на денешниот град Прилеп.
Дебреште
Населба Деурети – Д’бреште, крајпатна стража. Сл. 107, 108.
Лит.: Н. Вулиќ 1931, 150—151; — И. Микулчиќ 1966, 83 и TIR, 40; — Б. Бабиќ 1978, 205—215 и 1979, 141—143; — Ј. Раухут 1980, 33—48; — Е. Манева 1992, 209—211. Сл. 97, 98.
Местоположба. Месноста „Кале” (од некои истражувачи погрешно нарече-на и „Градиште”) лежи 1,5 км југоисточно од Дебреште, на северозападниот раб на Пелагониското Поле. Претставува 2—3 м висока тумба среде мочуришна рамница. Покрај неа поминува патот од Прилеп за Брод, Кичево и Охрид (античкиот Керамие — Лихнид) и токму тука се искачува кон преминот Барбарас, северозападен влез во Пелагонија.
Најстари остатоци. Со долгогодишните ископувања откриени се помали остатоци од предисторијата, од хеленистичко и римско време. Во раниот 4. век тука бил изграден цврст кастел од камен со малтер; имал правоаголна основа, со димензии 175 х 157 м. Во 6. век обѕидието претрпело целосна обнова при што одделните партии биле трасирани по нови линии, а некои кули биле урнати. На западната и источната страна биле изградени нови порти со вовлечен двор и истурени петоаголни кули крај нив (6. век).
Внатре до источната порта е откопана помала црква со крипти и крстилница (6. век), а крај нив други градби од различни векови. Функцијата на кастелот била да го чува патот и главниот влез во Пелагонија од запад и северозапад.
Средновековни остатоци. Редоследот на станбените слоеви во откопаниот простор укажува на тоа дека кастелот бил уриван во доцниот 6. век (аваро-словенски инвазии), меѓутоа повторно бил обновуван и користен. Пред југозападниот ѕид (на потегот Млака) настанала во 7. и 8. век голема некропола со делумно кремирани умрени (Кутригури ?). Ископани се наводно и 2 куќи — полуземјанки од 8.—9. век (непотврдено).
Од 11. век наваму постои мала населба во рамките на големата крепост. Потврдена е со станбените остатоци, со една црква и околу неа со гробови што се откопани во северозападниот дел на кастелот. Таму е најдено и мало депо на сребрени пари на Михајло VII, закопани во доцниот 11. век. Наодите во гробовите потекнуваат од 11. до 14. век.
Сл. 107. „Кале”, Дебреште, доцноантички крајпатен кастел, делумно населен и во средниот век (Д’бреште). По Ј. Раухут
Сл. 108. „Кале”, Дебреште, наоди од 7.—8. и од 10.—12. век
Оваа мала крајпатна населба зафаќала само дел од некогашниот укрепен простор на римскиот кастел. Значи дека не била „град” во тогашна смисла на зборот. Сепак, извонредната позиција на ова место му давало и соодветно значење. Во повелбата на Василиј II од 1019 г. наведена е една Деурети како енорија во компетенција на епископот на Пелагонија. Во прашање е несомнено ова Дебреште. Во 1343 г. српскиот цар Душан потпишал една хрисовула „в Д’брешти”: за жал, изоставен е карактерот на местото („град” или село).
В. Кравари (1989, 251) кон Дебреште погрешно го приклучила и податокот од 1330 г. за борбите на Андроник III и Србите околу една друга Деуритса, кај Охрид. Јасно е дека тука се работи за денешна Дебрица (Дебрца, Дебарца) кај Охрид, а не пелагониско Дебреште. Турскиот дефтер од 1467/8 г. бележи село Дебреште со 116 куќи.
Локалитетот Кале кај Дебреште го поместивме во нашиот каталот не затоа што постојат индиции за постоење на „град” Дебреште, туку затоа што досега му беше даван преголем публицитет во средствата за јавно информирање кај нас.
Десово (Браилово)
Висока стража.Сл. 109.
Лит.: Н. Вулиќ 1937, 22—24; — И. Микулчиќ TIR, 43; — В. Лилчиќ - К. Спасеска 1992, 228—231.
Местоположба. Месноста „Кале, Леска” лежи 4 км ССИ од Десово и 2,5 км североисточно од Браилово. Претставува карпест рид на планината Леска, 270 м високо над северниот раб на Полето. Има многу стрмни падини и пристапен е само преку тесно седло од северозапад. Не многу далеку кон североисток, на главниот срт на планинскиот венец Биса —Мукос, лежи преминот Дервен (Клетовник) преку кој водел стариот пат од Прилеп кон долината на Бабуна и натаму кон Велес и Скопје (античкиот пат Керамија — Скупи). Денес овој пат е вон употреба. Од врвот на Калето има извонредна прегледност многу километри наоколу, до спомнатиот превалец на североисток и до Полето кон југ.
Најстари остатоци. Во доцноантичко време околу врвот било изградено обѕидие со малтер, сочувано наместа и денес до 3 м високо. Ѕидот се потпирал на карпестите отсеци и затворал простор со димензии 180 х 90 м (1,5 ха). Две кули се сочувани на јужниот ѕид, а на северозападниот агол стои остатокот од постар ѕид како доказ за обнова на крепоста (од доцниот 4. и 6. век). Наоди: керамика, ситни предмети од бронза и железо, врвови од стрели, монети од доцниот 4. и 6. век.
Средновековни остатоци. Во западниот дел на крепоста се гледа една „внатрешна” фортификација, изградена подоцна. Има необична форма на кружен венец, со димензии 60 х 50 м. и сложен од прирачен материјал без малтер. На источната страна тој наседнал на неколку доцноантички градби со поинаква ориентација и делумно ги покрил. Од средновековието потекнуваат и парчиња од словенски црепни, потоа врвови од стрели — од номадски-степски тип со 3 ребра и од типот за пробивање панцир; една појасна тока со средновековна форма и др.
Очигледно е дека обновената мала стража на Леска го контролирала северниот крај на Пелагонија и патот од Прилеп кон.Велес и Скопје, што поминувал на превалецот Клетовник. Стражата веројатно била користена само повремено, во воените настани од тој период.
Сл. 109. „Кале”, Десово, доцноантичка висока стража, користена и во средниот век