Добар текст превземен од НОВА МАКЕДОНИЈА
Ах тие пусти пари!
Оние што мислат дека бракот е добра бизнис-зделка и се фокусираат на акумулирање станови, куќи, коли, гардероби и други статусни симболи, наместо на квалитетниот однос со семејството, паѓаат на скалилото на среќата. Или, како што вели еден графит, „Сé може да се купи со пари. Проблемите се гратис. Среќа, за жал, нема на лагер.“
С é почесто дебатите на социјалните мрежи поттикнати од темите за дискриминацијата на жените завршуваат во насока на апсурдноста на секојдневието што го живееме, масовната невработеност и егзистенцијалните проблеми на луѓето. Тоа се вистинските проблеми, ме убедуваат. Тоа е „главната болка овде и сега“, ми вели и мојата драга пријателка Ема. Па и јас се замислив, дали навистина финансиската несигурност ги минимизира сите други прашања што нé допираат како свесни и одговорни луѓе или е само прашање на присилно наметнат приоритет? Можеме ли да зборуваме за развој на човековите права и слободи во ситуација кога се бориме со елементарна сиромаштија, со купишта неплатени сметки и кредити што ни висат над главата? Има ли воопшто смисла занимавањето со правата на маргинализираните заедници кога и основните права на мнозинските групи се тешко остварливи?
Иако на сите ни е сосема јасно дека на празниот стомак најпрвин му треба храна, а дури потоа може (но и не мора) да го интересира сé друго, вклучувајќи ја тука и борбата за родовата еднаквост, сепак економската страна е неделива од севкупноста на нашиот живот. Напротив, сиромаштијата и нискиот животен стандард и дополнително ја усложнуваат и онака сложената положба на жените и ја удвојуваат нивната маргинализација. Општествениот стрес влијае на квалитетот на животот, на родовите, партнерските и семејните односи, па дури и на насилството. И жените што минатата седмица маршираа за „светлина“, а против поразителните бројки за физичкото насилство врз секоја четврта, а психичко врз секоја втора жена, се согласуваат дека во услови на сиромаштија потешко се превенира семејното насилство. Таа не само што дополнително ги зголемува причините за конфликти во семејствата, туку правопропорционално расте и стапката на разводи меѓу сопружниците.
Проблемот на парите и браковите/врските не е нов проблем. И тој не зависи толку од моменталната економска ситуација и сумата на пари што ја имате (или немате), колку од односот на партнерите кон парите, нивните навики во однос на трошењето и недостигот од комуникација по финансиските прашања. Некои истражувања тврдат дека во врските поголем проблем од немањето пари е материјализмот како животен стил и вреднувањето на материјалните нешта повисоко од другите животни доблести. Оние што мислат дека бракот е добра бизнис-зделка и се фокусираат на акумулирање станови, куќи, коли, гардероби и какви било други статусни симболи, наместо на квалитетниот однос со семејството, паѓаат на скалилото на среќата. Или, како што вели еден графит, „Сé може да се купи со пари. Проблемите се гратис. Среќа, за жал, нема на лагер.“
Проблеми настануваат и кога партнерите имаат различен однос кон парите, па додека таа троши на ситни задоволства, тој го брои секој потрошен денар, или обратно. Доколку не постои компатибилност, тогаш е подобро да постои компромис и некаква, однапред договорена, стратегија каде и како ќе се трошат заедничките пари. Но, дури и тогаш, циција и трошаџија со скинати џебови тешко ќе се снајдат со заедничка сметка. А и самиот начин на трошење неретко се разликува, па може едниот партнер да инсистира на купување квалитетни производи независно од цената, а другиот да оди на штедлива логика „само нека е евтино, па колку трае, нека трае“. На крајот на денот, договор за заедничкиот буџет сепак мора да има, барем за покрупните работи, бидејќи парите можеби не ја купуваат среќата, но без нив тешко се живее во ова крајно консумеристичко општество.
Сето ова ме потсети на една анегдота во врска со неодамнешниот попис во кој наводно имало прашање „Кој е глава на семејството?“. Настрана од шегата на госпоѓата што раскажуваше, и тоа јавно, на научен симпозиум, дека таа го искористила отсуството на сопругот за да си ја припише функцијата себеси, остануваат голем број дилеми. Што значи овој статус? Кој и како го одредува? Дали се повикува на патријархалните норми за тоа чиј збор е последен или се врзува само со лицето што ја обезбедува финансиската стабилност на семејството? Што ако двајцата партнери работат? Што во ситуации кога жената го издржува мажот што загубил работа, ако таа има поголема плата или повисока функција? Или главата е секогаш мажот, по дефиниција? А жената веројатно треба да е среќна бидејќи е вратот, зарем не нé учи така и традицијата?
Дури и некои од официјалните анализи за социјалната положба во нашата земја ја обвинуваат жената за конфликтните брачни односи предизвикани од нејзиното „присилно“ вработување, демек заради потреба од дополнителен приход, што, замислете, предизвикувало чувство на загрозеност на машкиот авторитет!? И тоа во време кога не само во светот туку и кај нас статистиките говорат дека процентуално повеќе жени отколку мажи имаат високо образование, иако за жал, тоа не значи и дека ги имаат соодветните работни места, примања и позиции. Без коментар!
Како и да е, останувам убедена дека актуализирањето на проблемите од подрачјето на социјалните и родовите односи, културните, расните и сексуалните стереотипи и сите други форми на репресија и недемократија се еднакво важни за напредокот на секоја единка посебно, но и на колективот, и дека тие не можат да бидат оставени настрана додека чекаме да дојдат некои подобри времиња. Додека ние ги решиме економските проблеми, веќе ќе биде доцна. Јас упорно (ако сакате дури наречете го и тврдоглаво) продолжувам да верувам дека борбата за отворен ум и слободна мисла на едно поле може само да помогне во извојување на битките и на другите боишта.
Авторката е универзитетска професорка
Автор: Ана Мартиноска