Завршниот турнир ќе се игра во Скопје?
Завршниот турнир од Регионалната машка ракометна СЕХА лига, на крајот од март, најверојатно ќе се игра во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.Одлуката за домаќинот треба да се донесе на следниот состанок на клубовите, што треба да биде одржан во Белград. Скопје е најсериозен кандидат за завршниот турнир. И Загреб се надева дека ќе ја добие организацијата. Ќе пресуди фактот каде ќе има полна сала.
Во моментов Вардар и Металург се меѓу првите четири екипи на табелата со големи и реални шанси да останат таму на крајот на сезоната. Според правилата, првите четири тима од СЕХА-лигата на крајот разигруваат за титулата. Деталите ќе бидат договорени на состанокот во Белград. Со две македонски екипи на турнирот, салата во Скопје би била исполнета до последно место, што би било одлична промоција за натпреварувањето во првата сезона. Kонечно е најден и спонзор што ќе ги плати сите патувања и сместувања на клубовите до крајот на сезоната, а тука ќе профитираат оние клубови што имаат повеќе мечеви за одигрување, особено Босна, која наместо предвидените 14 кола одигра само девет. Продолжението на првенството е закажано за 4 февруари.
- С` уште го немаме направено календарот, бидејќи мора да го усогласиме со националните федерации, особено на Србија, бидејќи нивните тимови играат и во домашните првенства. Треба да ги запазиме и термините за еврокуповите - вели Драган Начевски, комесарот на СЕХА-лигата.
Првично беше најавено дека Сараево е најсериозен кандидат за домаќин, со оглед на фактот што токму тие ја потегнаа иницијативата за СЕХА лигата, и најдоа спонзор кој потоа се откажа, бидејќи му беше прескапо.(Г.А.)
http://dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=2605772C48209644849EAD29659B50A0