Кога може во Скопје, зошто не и во Охрид – по оваа логика, градоначалникот Петрески со нова идеја како да се наполни празниот општински буџет. Предлага, пред сите влезови во Охрид да се постават патарини.
Хаосот на охридскиот плоштад во текот на летниот период изминативе години го потврди и официјалниот извештај на Државна ревизија. Општината свесно нанела финансиска штета на буџетот со тоа што не го наплатила лошиот панаѓурски изглед на градот. Тезгите и детските реквизити печалеле два месеци, а за тоа не платиле ниту денар, бидејќи не била изготвена програма за поставување на урбана опрема. Од општината признаваат дека задоцниле со програмата, но велат дека ги отстраниле диво поставените тезги.
За да се полни празната општинска каса градоначалникот има нови идеи. Ќе бара дозвола од државата на трите влезови во градот да се постават рампи на кои сите гости ќе плаќаат влез во Охрид.
„Да се постават рампи за патарини на влезовите на Охрид. Од тие средства ќе се вложи во патна инфраструктура. Да се направи булеварски влез од Подмолје, од Косел и од Љубаништа спрема Охрид.
И тоа секаде е така и во цел свет, а така е и во Скопје. Е сега зошто во Скопје да може да се плаќа, а во Охрид да не може“, прашува Александар Петрески, градоначалник на општина Охрид.
Оваа идеја предизвика бурни реакции во јавноста. Некои велат дека тоа ќе биде на штета на туризмот, но Петрески вели тоа ќе биде за доброто на Охрид.
„Воопшто не ме интересира што ќе каже ВМРО - ДПМНЕ, ниту жителите на другите градови. Мене ме интересира за охриѓани, а сите овие работи се во интерес на охриѓани“, вели Петрески.
Државната ревизија забележа дека општината е во долгови до гуша, а не наплатила за користење на простор за паркирање и за реклами на јавни места, а привремените вработувања ги вршела под сомнителни околности. Градоначалникот негира вели дека во тек е наплатата, а партиски вработувања нема. Се било транспарентно согласно потребите на општината.
Соња Рилковска
23.11.2011, 14:55