H
Hip.Hop_MKD
Гостин
Високообразовани, вратени, неискористени
Анкета на Центарот за истражување и креирање политики утврди дека дури 35 отсто од високообразованите повратници во Македонија не работат, а од вработените, 67 отсто се во друга област, а не во таа што ја изучувале

Повратниците ја делат истата судбина со тие што студираат во земјава: протест на скопскиот универзитет
ОДЛИВ НА МОЗОЦИ
Високообразованите повратници што студирале или магистрирале во странство, главно, не се занимаваат со тоа што го изучувале, а голем број од нив се соочуваат и со неможност да се вработат. Ова се резултатите до кои дојде Центарот за истражување и креирање политики по испитувањето спроведено меѓу млади што последнава година се вратени во земјата по минимум една година помината на студии во странство.
Според податоците од анкетата, дури 35 отсто од високообразованите повратници во Македонија не работат, а од вработените, 67 отсто се во друга област, а не во таа што ја изучувале.
- Основен проблем со кој се соочивме во истражувањето е недостигот од официјални податоци за тоа колку и каде се дообразовала нашата младина надвор од државата. Ова покажува дека не постои интерес да се реинтегрираат младите во општеството и токму разликите во општествените услови и работната култура се најчестите проблеми со кои тие се соочуваат по враќањето во земјата - вели Ристе Змејкоски од Центарот за истражување и креирање политики.
Враќањето на високообразовните кадри, според истражувачите од центарот, наместо да се искористи продуктивно, се губи на работни места што не овозможуваат искористување на нивниот капацитет. Затоа од центарот предлагаат оформување база на податоци, центар за поддршка на повратниците и издигнување на свеста меѓу работодавците за вештините и знаењата стекнати во странство.
Истражувањето се спроведува во пет држави од Балканот - освен Македонија и во Србија, Албанија, БиХ и во Црна Гора, а конечните резултати ќе бидат откриени на крајот на месецов.
- Голем дел од младите што студирале надвор од државата или биле на привремена работа по враќањето се разочарани, бидејќи тука се соочуваат со основниот проблем како да најдат работа - вели Драган Атанасов, претставник на културниот центар „Креактив“. Според Атанасов, проблемот би можел да се надмине преку неформалното образование и менување на свеста, прифаќање на идејата дека треба да се учи цел живот и постојано надградување на знаењето.
Експертите се согласни дека одливот на високообразовен кадар е забележлив во сите европски и светски земји. Додека во минатото тоа се сметаше за проблем, денес на тоа се гледа како на нормална појава, велат тие.
- Распределбата на работната сила е ограничена од големината на пазарот, велел економистот Адам Смит, што точно ги покажува причините за мигрирање и кај нас. Како мала држава со слободна економија, Македонија е типичен пример за извоз на мозоци, но умеењето е нивното искуство и знаење да се искористат во матичната земја - вели Христина Ципушева од Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа.
Од Министерството за образование и наука најавуваат формирање работна група, која ќе ги собира искуствата на лицата што се дообразовале или работат во странство за да може потоа тие да се искористат за развојот на нашата држава.
- Потребен ни е оригинален модел, кој ќе има сопствен пат, а не да е ископиран од некоја од соседните земји - вели Борчо Алексов, помошник-раководител за високо образование.
Од Министерството додаваат дека проектот ќе вклучи повеќе институции, кои ќе изработат национална стратегија
Автор: Петранка Талеска Фотографија: Игор Бансколиев
Извор:
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11211723202&id=9&prilog=0&setIzdanie=22420
И наместо ова има партиски вработувања и преку врски, така да џабе и да имате факултет надвор завршено. Тоа е реалноста! Не ви е гаранција дека ќе најдете работа...