Србија се намалува, само Белград расте
Србија има околу 300.000 жители помалку во споредба со 2002 година, а од сите градови низ земјата, се зголемува само населението на Белград. Ова го покажуваат првичните резултати од пописот, кој официјално заврши во саботата. Од неделата до денеска важи повикот до непопишаните граѓани самите да се пријават на пописните комисии.
Според неофицијалните резултати, Србија денес има околу 7,4 милиони жители, што е за околу 80.000 помалку од 2002 година, односно за околу 150.000 помалку во споредба со 1991 година. Но од Републичкиот завод за статистика предупредуваат дека бројот на жители ќе биде уште помал откако ќе се избришат студентите евидентирани по двапати. Се очекува по корекцијата да се покаже дека Србија денес има околу 200.000 жители помалку во споредба со 2002 година. Во написот „Србија е помала за еден Ниш“, весникот „Вечерње новости“ тврди дека Србија има дури 300.000 жители помалку.
Според грубите податоци, Белград има околу 1,7 милион жители, што е за 150.000 повеќе во споредба со претходниот попис и секоја година добива по 10.000 нови жители. Речиси сите други градови и региони имаат помалку жители отколку порано, што говори за забрзан тренд на селење од провинцијата во главниот град.
Чачак, на пример, денес има 105.832 жители (во речиси 46.000 домаќинства), што е за 12.000 помалку од претходниот попис, но и 7.000 помалку од статистичките проекции за оваа година. Населението во Врање и во Врањска Бања се намалило за 4 отсто.
Во Војводина, според првичните податоци, има околу 1,9 милион жители, што е за 124.000 помалку во споредба со 2002 година, односно 66.000 помалку во споредба со 1991 година.
Пописот поминал без големи проблеми и инциденти. Единствениот бојкот е забележан во општината Прешево каде што политичките лидери на етничките Албанци ги повикаа жителите да не се попишуваат.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=62AEDA20194BB448A635021392A7AA94
Господине Вук,гледајте си во својот двор.Да не испадне вистина да си останете Београдски пашалак.