Фудбалските фанатици велат дека е полесно да ја смениш саканата жена отколку омилениот клуб. Но, Реал Мадрид е најдобар демант на ова мислење. Голем број од сегашните членови на актуелниот шпански првак (вклучувајќи го и досегашниот тренер Бернд Шустер) се врзани некако за каталонскиот клуб. Тоа е потврда дека денес во Реал белата боја не е единствена.
Хуанде Рамос
Пред точно 12 години, Рамос беше тренер на Б-тимот на Барселона. Но, тогаш оваа екипа имаше катастрофални резултати, испадна во третата дивизија и Рамос не се задржа во клубот повеќе од една година. Но, контроверзите се составен дел од кариерата на Рамос. Бил тренер и на Бетис и на Севиља, и на Барселона и на Еспањол, се зборува дека потпишал преддоговор со Атлетико, а на крајот седна на клупата на Реал.
Бернд Шустер
Германскиот стручњак на почетокот од оваа недела доби отказ поради слабите резултати на тимот, но изгледа најмногу поради тоа што јавно кажа дека Реал нема никакви шанси во дуелот со Барселона. Таквите изјави повеќе му прилегаат на некој заколнат навивач на Барселона... но, токму таков е Шустер.
Тој играше за Барса во периодот од 1980 до 1988 година, а на 18 февруари 2004 година доби и членска карта на клубот (број 115.088). Му ја врачи лично претседателот на клубот Жоан Лапорта. При претставувањето како нов тренер на Реал, без никаква грижа на совеста, Шустер призна дека е член на клубот каде играл долг период од својата кариера. Можеби тоа е причината што навивачите на Реал никогаш не го засакаа и покрај ланската титула.
Рафаел ван дер Варт
Холандскиот репрезентативец, единственото големо летно засилување за Реал, е роден во Хемсерк, на 30 километри од Амстердам. Дедо му е од Чиклана, Шпанија и тој е заколнат навивач на Барселона. Но, тој ги смени црвената и сината боја за белата кога неговиот внук стана фудбалер на Реал. “Од три часот утрово (кога слушнал за трансферот н.з.) веќе не сум навивач на Барселона. Сега мој клуб е Реал и со нетрпение го очекувам убавиот фудбал што овој тим ќе го игра со Рафа“, објави дедото на ѕвездата.
Уште првиот ден во Реал, Ван дер Варт покажа дека одлично ја научил лекцијата. “Многу сум среќен што ќе играм во најсилниот тим во светот. Тоа беше сон на целото мое семејство и едвај чекам да почнам да победувам. Да живее Реал“, рече Ван дер Варт. Интересна трансформација за играчот кој како мал мечтаел да стане како Ромарио и додека играше за Хамбургер призна дека Ноу Камп му е омилениот стадион. А, кога го прашаа кој фудбалер му оставил најголем впечаток во последните години, отсечно одговори: Меси.
Ројстон Дренте
Додека играше за Феенорд, на интернет-страницата на клубот имаше анкета на која играшите требаше да одговорат кој клуб го симпатизираат. Можете ли да замислите како одговори Дренте? Точно така - Барселона! Во врска со фудбалерите, тој го посочи Стам како омилен дефанзивец, Давид (кој една полусезона играше во Барселона) за најдобар играч од средниот ред, а Роналдињо од нападот.
Весли Снајдер
Дури и откако потпиша договор со Реал, во август 2007 година, холандскиот репрезентативец не ги криеше симпатиите кон “блауграна“. Во април ова година призна и дека му се восхитува на Иниеста. Нешто подоцна, со оглед на тоа што Реал испадна од Лигата на шампионите, тој изрази надеж дека Барса ќе стане европски првак.
“Тоа ми беше омилен клуб како мал“, рече Снајдер. Всушност, Јохан Кројф му го препорача Снајдер на спортскиот директор на Барселона, Чики Бегиристаин уште кога тој беше член на Ајакс. Се чини дека Снајдер беше роден за да игра во Барса, само што на крајот го купи Реал.
Арјен Робен
Пред да дојде во Реал, Робен долго време беше спомнуван како засилување за Барселона. Се зборува дека кога бил мал заедно со неговите родители Ханс и Мари и сестрата Вивиен барем еднаш годишно оделе на Ноу Камп за да ја дополнат семејната колекција на дресови на Барселона.
Руд ван Нистелрој
Голем број холандски фудбалери пораснале славејќи ги успесите на своите сонародници во Барселона во текот на 90-тите години. Ван Нистелрој освен што навивал за Барса бил и слабост на актуелниот претседател на каталонскиот клуб Лапорта. Додека играше во Манчестер Јунајтед, неговите агенти дури имаа и две средби со Лапорта, но безуспешни, поради тоа што Фергусон не сакаше да слушне да го продаде.
Пепе
Минатата сезона и Пепе призна дека сака Барселона да ја освои Лигата на шампионите. Тоа го направи на прес-конференција на која неговиот соиграч Игуаин посака “каталонците“ побрзо да испаднат. “Игуаин рече дека ќе биде среќен ако некој ја елиминира Барселона, но јас не го разбирам. Мислам дека е добро Лигата да ја освои шпански клуб“, рече Пепе.
Гути
Дури и оние кои се родени во Мадрид и со целата своја душа го сакаат Реал, некогаш имаат симпатии кон Барселона. Гути е еден од капитените на Реал, дете кое израснало во клубот и кој таму игра повеќе од една деценија. Но, љубовта кон фудбалот тој ја добил од Јохан Кројф. Како мал бил член на Барселона, носел “црвено-син“ дрес и поради Кројф дури и го избрал бројот 14 кој и денеска го носи на својот грб.
Икер Касиљас
Унаи, братот на Икер е од Барселона. Идолот од детството му е Патрик Клајверт, а по еден од дерби-дуелите на Реал и Барселона, поранешниот холандски репрезентативец го смени дресот со Касиљас кој веднаш потоа му го подари на брат му. Во едно интервју во јануари 2005 година, Икер со тешко срце призна дека Унаи е “загубен случај за Реал“.
Хавиер Савиола
Откако дојде во Реал, Савиола не рекол ниеден збор против Барселона, клубот кој му го проби патот во Европа. “Ако постигнам гол против Барселона нема да го славам. Го почитувам клубот, поминав таму долго време, имам многу пријатели и ми беше многу убаво“, изјави Аргентинецот кој и ден-денес е втор најскап фудбалер во историјата на клубот. За Барселона одигра 187 официјални натпревари и постигна 72 гола, додека за Реал досега има само осум настапи во стартната постава.
Клас Јан Хунтелар
Како секој вистински Холанѓанец, и Хунтелар мора да има некаква врска со Барселона. Долго време се спомнуваше како вистински човек за партнер на Ето, но сите во клубот чекаа да созрее. Во него беше “заљубен“ поранешниот тренер Франк Рајкард, но судбината сакаше да дојде во Реал и да ја зголеми холандската колонија.