Дополнување на содржините. Ќе биде незаборавно, штета што и покрај сите добри намери на организаторот и поради фактот што се слави 20 години независност сеуште има скептицизам и свесно делење на ВИЕ и НИЕ. За жал навистина.
КАКО ЌЕ СЕ ПРОСЛАВУВА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА
„Македонија“ ќе ја надлета цела земја
Три авиони со големи платна на кои пишува „Македонија“ на 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија ќе ја надлетуваат државата
Три авиони со големи платна на кои пишува „Македонија“ на 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија ќе ја надлетуваат државата. Тие се само дел од големата централна прослава на 20 години независност која ќе се одржува во септември, кој Владата неодамна го прогласи за Месец на независноста.
- Главната идеја е прославата да биде направена натпартиски зашто прославата на 20 години независност е на сите граѓани - велат организаторите.
Свеченоста почнува во 19 часот, пред Собранието на Републиката кога претседателот Трајко Вељаноски ќе ја предаде Декларацијата за независност на Гардата на Република Македонија, која ќе ја однесе во Музејот на македонската револуционерна борба. Воениот оркестар ќе свири композиција напишана специјално за овој ден. Овој дел од програмата треба да ги симболизира елементите на државноста (војска, полиција и слично).
Илјада деца ќе поминат низ портата „Македонија“
Воениот оркестар и Гардата потоа ќе тргнат кон Музејот. Ќе поминат низ Триумфалната порта „Македонија“. Таму, на специјално направена сцена Калиопи и „Златно славејче“ ќе пеат песна компонирана за роденденот на Македонија. Делот кај портата „Македонија“ е симбол на младост и иднина на земјата, а тоа треба да биде доловено преку настап на околу илјада деца од балетски студија од целата земја кои ја претставуваат иднината на Македонија.
Крај многубројните споменици на плоштадот Македонија, на Методија Андонов-Ченто, цар Самуил и Јустинијан, Гоце Делчев и Даме Груев, кај солунските атентатори ќе има луѓе во костими од периодот на кои им припаѓаат историските личности. Сите тие ќе ~ се приклучат на Гардата. Таа слика треба да симболизира историја создавана низ вековите, но и да ја отсликува различноста на етничките групи кои живеат на оваа почва, а сите заедно се заслужни за независноста. Тие, на Камен мост ќе формираат патека низ која ќе поминува Гардата со Декларацијата.
Пред Музејот на револуционерната борба ќе има 15-минутен театарски дел. Тоа, според режисерот на прославата Дејан Пројковски, е театарски ораториум. Тој дел обрнува повеќе внимание на историските контексти. Тука претседателот Ѓорѓе Иванов ќе ја стави Декларацијата во витрините на Музејот.
Ќе се пуштат фонтаните на Вардар
Организаторите велат дека програмскиот дел пред Музејот треба да го претстави националното чувство, концептот на револуционерната борба, да им се оддаде почит на луѓето што ги дале животите за Македонија. Потоа поворката ќе се враќа по Камениот мост кон плоштадот Македонија. Кога поворката ќе биде на мостот ќе проработат фонтаните во реката Вардар. Пејачката Каролина која ќе стои на дигалка за местење светилки на плоштадот, ќе ја испее химната за прославата. (Л.Г.Д.)
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=C377D9C8507F92428442F177083CC7DD