Стрип книжарава се отови пред една недела и има засега понуда само од балканските стрип издавачи .Се наоѓа позади Рамстор за подобро видете на сликатаза да не ја утнете стрипарницава
Прва стрип книжарница во Македонија
За почеток, книжарницата ќе се занимава со продажба и со дистрибуција, а цените се движат од 120 до 3.000 денари за стрип. Во иднина ќе работи и стрип антикварница
"Бункер" е името на првата стрип книжарница во Македонија, која почнува да работи од денес во центарот на Скопје. Името, како што објаснува сопственикот Владимир Битољану, симболично значи дека стрипот како уметност треба од бункер да излезе кај нас, но доаѓа и од уметничкото име на авторот на еден од најпознатите стрипови "Алан Форд" Макс Бункер.
За почеток, книжарницата ќе се занимава со продажба и со дистрибуција, а цените се движат од 120 до 3.000 денари. Цел август ќе има 10 отсто попуст. Имаат 600 -700 различни изданија, а вкупната бројка на примероци е 4- 5.000 стрипови.
"Стрипот веќе секаде е признат како деветта уметност. Јас сум голем љубител на стрипови, од шестгодишна возраст секој џепарлак го трошев на нив. По примерот на сите поголеми градови во поранешна Југославија кои имаат стрип книжарници, сега и Скопје ќе добие таков простор. Обезбедени се голем број изданија, целта ми е да се шири што повеќе тој стрип асортиман. Ќе видиме што ќе каже пазарот, сметаме дека има публика, според реакциите, луѓето се воодушевени", вели Битољану.
Набавени се изданија од Србија и од Хрватска, а Битољану ги повикува за соработка македонските стрип автори и издавачи, иако смета дека македонското издаваштво во стрипот малку каска и не се организирани како што треба.
"Целта ни е во Македонија да се популаризира стрип сцената. Поранешна Југославија имаше голем пазар на стрипови, во '80-тите на 20 век беше меѓу првите пет земји во Европа во стрип издаваштво. Стрип пазарот минатата година тежел 400 милиони евра, во САД и во Јапонија уште повеќе", истакнува тој .
Потсетува дека во Велес постои стрип центар, кој е финансиран од државата, со кој, исто така, ќе соработуваат.
"Во иднина ќе направиме стрип антикварница, иако тоа е посложен процес. Треба да најдеме луѓе што продаваат, а голем број колекционери претежно купуваат преку Интернет и аукциски сајтови. Стрипофилите мака мачат да најдат и стари и нови броеви. Стари добро зачувани броеви добиваат многу добри цени. На пример, еден "Загор" од почетокот на серијалот, може да достигне од 500, 600, па и 700 евра на аукција", ни рече Битољану.
Најавува стрипови од сите релевантни издавачи од територијата на поранешна Југославија, стрипови на англиски јазик, веб страница и онлјан трговија.