„Продуцентите од ’Камера‘ и ’Сија‘, веројатно, беа заинтригирани од мојата креативност и пристап, оценија дека во ваков проект, како што е ’Стаклен дом‘, би можел совршено да се вклопам и да дадам поинаква нота од стереотипите и пристапот што е виден до моментот“, вели Зоран Петровски, еден од режисерите на бугарската серија
Јасминка Павловска
Скопјанецот Зоран Петровски е едно од повеќето пријатни изненадувања што ги приреди бугарската ТВ-серија „Стаклен дом“. Освен што македонскиот етер се отвори за бугарската ТВ-продукција, сознанието дека 29-годишниот Зоран Петровски од Македонија е дел од режисерската екипа на оваа серија, се доживува како своевидно откритие. Зоран пред десетина години одлучува да замине на студии во Софија, каде што ги изучува вештините на филмската уметност. „За жал, во тоа време кај нас немаше можност да се изучува филмската уметност, па одлучив, како и многумина други, тоа да го сторам надвор од Македонија. Сепак, изборот беше за Софија од неколку причини: првенствено квалитетот на студиската програма и можностите за паралелно практично усовршување за време на студиите и по нивното завршување. Исто така, големиот број странски продукции што ја избираа и се' уште ја избираат Софија, односно Бугарија како локација за снимање холивудски блокбастери, секако, беше дополнителна причина да ја препознаам оваа соседна држава како вистинско место за студии од областа на филмот“, вели Зоран Петровски.
Серијата „Стаклен дом“ што се емитува на Канал 5, по само неколку епизоди предизвика своевиден (позитивен) културен шок во Македонија за бугарската телевизиска продукција. Како од Македонија се најдовте во режисерската екипа на оваа серија?
Последниве десетина години мојот живот навистина сериозно му го посветив на професионалниот развој преку студиите на Националната академија за филм и театар во Софија и работата како режисер на голем број проекти за рекламни видеа за мобилни оператори, банки и осигурителни компании... Со еден збор, водечките компании присутни на бугарскиот пазар. Сите овие работи ми отворија многу врати и ми дадоа можност да запознаам многу луѓе од мојата бранша. Продуцентите од „Камера“ и „Сија“, веројатно, беа заинтригирани од мојата креативноста и пристап, па оценија дека би можел совршено да се вклопам во проект, како што е „Стаклен дом“ и да дадам поинаква нота од стереотипите и пристапот што до моментов е виден. За мене, од самиот почеток па се' до моментов, секако, тоа беше огромен предизвик, но воедно и обврска, како дел од големата екипа професионалци ангажирани во проектот „Стаклен дом“, да работам посветено за на крај навистина да се добие играна серија, која, според многумина, е на врвно продуцентско ниво.
За млад режисер, како што сум јас, е голема чест да му се додели проект со толку голем буџет и значење. Но, колку и да звучи нескромно, можам да кажам дека успеав да ја оправдам довербата и да бидам повикан од истите продуценти да режирам и друга серија, која во моментов се емитува со името „Под прикритие“ („Undercover“) и е на исто високо ниво како хит-серијата „Стаклен дом“.
Сепак, важно е во животот да си во вистинскиот момент на вистинското место и, нормално, среќата да ти проработи барем малку, за да се најдеш во проект како „Стаклен дом“.
Кој е Вашиот дел од работата во серијата?
Мојот дел во серијата е режијата или што би се рекло - директорот на целиот колектив. Иако за многумина тоа е најзвучниот и најпрестижниот дел за секое филмско остварување (што не велам дека не е) повторно би кажал дека во тој дел е и најголемата обврска за замисленото и подготвеното од сценаристите да биде пренесено во финалниот продукт на најдобар можен начин. Со оглед на тоа дека станува збор за пристап на работа многу поблизок и можеби идентичен со оној на кој се снимаат големите холивудски филмови, што се забележува со гледањето на самата серија, улогата и способноста на режисерот е двојно поголема затоа што важноста на деталите и финесите во поставувањето на кадарот и комуникацијата со целата екипа, пред и зад камерата мора да е на високо ниво. Мора да се работи со голема доза на концентрација, иако работниот ден знае да е подолг од 24 часа. Секако, оставањето сопствен белег како режисер на серијата е дополнителен предизвик. Накратко, така би го опишал мојот дел од работата во серијата.
Логично се наметнува прашањето за Вашата професионална биографија? Кој сте и што работите?
Како што спомнав во почетокот, работата како режисер на рекламни видеа е најголемиот дел од мојата биографија. Секако, во биографијата би ги спомнал и неколкуте музички спотови, кои за мене беа интересен и корисен дел во развојот на стилот и способностите потребни за комплетно подготвен режисер кој ќе ги познава и работел на речиси сите елементи на продукцијата, како дел од практичната надградба на она што за време на студиите го научив. Сепак, рекламните видеа како форма повеќе ги засакав за разлика од музичките видеа, можеби, затоа што во нив една цела сторија треба да биде раскажана креативно и таа да биде разбрана од гледалиштето за навистина краток интервал, кој во просек е 15-30 секунди. Тоа за мене е вистински тест дали и колку сум умешен и подготвен за оваа работа. Од проектите што сум ги работел, би ги наброил рекламите за најголемиот мобилен оператор во Бугарија, кој е дел од групацијата „Водафон“, Уни кредит банка, Фокс лајф, Министерство за здравство, Спортинг Бет и многу други. Со почетокот на работата на проектот „Стаклен дом“, а паралелно со тоа и на втората хит-серија на која работам, навистина ме обзема работата и магијата на снимањето играни серии и големи филмски проекти. Но, сепак, успевам да најдам време и за рекламните проекти што ми помагаат во развојот на креативноста. Единственото што во моментов ми недостасува, тоа е слободното време. Но, со добра организација и мотив од најблиските, денот може да се продолжи и 30 часа, ха,ха. Би спомнал дека поголем број од проектите што сум ги работел во мојата кариера се наменети за бугарскиот и за западноевропскиот пазар, но ме радува фактот дека и во мојата родна земја ќе има можност публиката да види дел од мојата работа и со нетрпение очекувам да видам како ќе ја оцени и дали серијата ќе успее да ја добие популарноста што ја ужива во Бугарија, со рејтинг поголем и од вечерното издание на вестите, нешто досега невидено на балканските простори.
Повторно за серијата! Кога почна да се снима? Какво е темпото на работа? За колку епизоди (сезони) станува збор? Како е работено сценариото?
Снимањето на „Стаклен дом“ почна во почетокот на 2010 година и оттогаш досега се снимени речиси три сезони. Темпото на работа е навистина тешко и брзо. Впрочем, за девет дена се снима еден долгометражен филм од 90 минути. Тоа значи дека на ден се снимаат 10 минути од еден филм, што е навистина сериозно време. Локациите на кои се снима, обично, се нови за секоја епизода и има само неколку постојани локации: тоа се оние, како што се, на пример, домовите и работните места на главните ликови. Работниот процес е на многу високо ниво, што е навистина неопходно за да се добие ваков финален продукт. Изработката на сценариото е од група сценаристи, кои секојдневно ги следат сите актуелности и ги вклучуваат во самиот развој на серијата. Можеби тоа е една од причините за популарноста на серијата. За подготовка на една епизода целиот тим е задолжен да работи 10 дена, се подготвува книгата на снимање, се избираат локациите, се прави избор на гардероба за конкретната епизода за целиот актерски состав, се подготвуваат шминката, реквизитите, итн.
Периодот во кој се одвива снимањето е со продолженост од девет дена и по сето тоа резервирани се девет дена за монтажа на серијата. Значи, за целосно да се подготви една епизода од 90 минути потребно е екипа од околу 60 луѓе да работат на неа цел еден месец деноноќно. Така накратко би го опишал работењето на серијата во интервали и диманика. Навистина би кажал дека иако е макотрпно за мене и за целата екипа, сепак, се' е исклучително забавно. Најзабавниот момент ни е секој четврток, бидејќи тогаш сите се собираме во еден од многубројните ноќни клубови во Софија и ја прославуваме успешно одработената недела. Како што е ред, нели!
Очигледно е дека станува збор за скапа и модерна продукција во „Стаклен дом“. Со оглед дека во Македонија не сме биле во тек со развојот на бугарската телевизиска продукција, дали оваа серија претставува нов квалитет во ТВ-производството и за Бугарија?
Би се согласил дека станува збор за скапа и модерна продукција. Тоа, според мене, е нивото што треба да се постави и за во иднина да не се дозволи работа на продукции со понизок квалитет. Оваа серија и за бугарскиот пазар е прва со високо ниво на квалитет - и тоа според начинот на кој се работи, како и техниката што се користи за реализација на серијата. Би истакнал дека снимањето се одвива со врвна камера на производителот „Арри“, која се користи во многу големи светски продукции. Би нагласил дека секоја сцена се снима со една камера, кадар по кадар, за разлика од нискобуџетните шпански серии, каде што се снима студиски, со 4 камери. Секој кадар така е поставен и подготвен при снимањето на „Стаклен дом“, затоа што точно така бил замислен, уште пред да се почне со снимањето. Овие два елемента сметам дека се основните за врвното ниво и квалитетот во кои се работи оваа играна серија. Нивото кое„ Стаклен дом“ го постави во Бугарија, се постави како репер и навистина обесхрабри многу продуценти да работат со ниско ниво на подготовка на играни серии. Но, за среќа, поттикна некои други продуценти да го следат и да го усовршат поставеното ниво. Па, веќе се произведуваат нови хит-серии со повисок стандард, по појавата на „Стаклен дом“. Се надевам дека и тие ќе бидат емитувани и во Македонија. Како доказ би навел дека и квалитетот на продукцијата „Стаклен дом“, успеа да ја однесе серијата и надвор од границите на Бугарија. Освен во Македонија, серијата се емитува во повеќе од пет држави, како што се Србија, Хрватска, Грција, Романија, па дури и во Турција, која во изминативе години е позната по хиперпродукцијата на играни серии. За Македонија, секако, е новост што за првпат играна продукција од Бугарија се емитува на телевизија. Според мене, тоа е за поздравување и доказ дека во иднината, за разлика од минатото, треба да се гледа без предрасуди и да се конкурира на секој пазар со квалитет на производот и со професионализам.
Кои се главните ѕвезди во серијата? Дали се тоа од порано познати актери во Бугарија, или...?
Актерите што ги толкуваат главните улоги во серијата се навистина избрани исклучително успешно и претставуваат спој на докажаното и врвното актерство (во поглед на имињата) и новото,енергичното и иновативното, кое допрва доаѓа, а тоа се младите актери, избрани на кастинг специјално за оваа серија. Во актерскиот состав се среќаваат имиња на авторитети како Стефан Данаилов (Димитар Касабов), за кој е интересно да се спомне дека е пратеник во Парламентот на Бугарија. Другите ѕвезди на серијата се Калин Врачански (Камен Касабов), Асен Балтечки (Чарли), Елена Петрова (Борјана) и многу други. Сите тие се дел од елитата на театарот и филмот во Бугарија, кои успешно работеле и во голем број светски продукции. Повторно би го напомнал и моментот на вклучуање на млади актери, кои се' уште се студенти на Националната академија. Но, со улогите што ги толкуваат и начинот на кој се справуваат со нив се врвни професионалци, за кои навистина може да се каже дека ги очекува светла иднина на филмското платно. Интересен е фактот дека во епизодна улога во „Стаклен дом“ се појавува и амбасадорот на САД во Бугарија. Дел од епизодите каде што тој се појавува, снимени се во неговиот кабинет, односно во Амбасадата на САД во Софија.
Какви се одѕивите во Бугарија за ефектот што го предизвика „Стаклен дом“ во Македонија?
Се' уште е рано да се зборува за вистинскиот ефект на „Стаклен дом“ во Македонија и одѕивите што ќе пристигнат во Бугарија. Но, секако, ме радува тоа што позитивно и со поздравување се прифаќа целиот проект, а за мене како дел од режисерите и екипата кој го подготвуваме „Стаклен дом“, навистина е голема сатисфакција дека во делот од државите каде што се емитува серијата - е и Македонија.
Би работеле ли некоја серија во македонска продукција?
Се разбира! Тоа, верувам е желба на секој Македонец кој работи во странство - еден ден да работи како дел од врвен филмски проект во македонска продукција. Се надевам дека за тоа ќе се обезбедат услови во многу скоро време и критериумите на публиката во Македонија ќе наложат во иднина сериската играна програма да биде на високо ниво, онакво каков што го добиваат сите гледачи во развиените светски држави. Тоа, според мене е момент кој треба да се случи и работите да започнат да се движат во тој правец. Јас, секако, го следам сето тоа и подготвен сум да дадам максимален придонес да се случи тоа.